За македонско-српските односи: МЕДИУМИТЕ КАКО КРЕАТОРИ НА НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА (3)

Манастирот Прохор Пчињски. Фото: tomislav_popovic2000
Манастирот Прохор Пчињски. Фото: tomislav_popovic2000, 2007

(…) И покрај над 20-процентното малцинство Македонија не беше една од земјите што брзо-брзо го признаа Косово, а со тоа, покрај своите интереси ѝ се даде време на Србија да преземе правна постапка против (насилното) отцепување на Косово. И, наместо благодарност, тие ја „искараа“ Македонија, а ние – ние ја наведнавме главата. И притоа заборавивме дека Србија, во времето на Милошевиќ, од кои и да е причини, чекаше добри пет години за да ја признае нашата државност и беше токму последниот наш сосед што го направи тоа!

 

(Првите два дела од анализата можете да ги најдете овде и овде.)

 

Пишува: Сашко Тодоровски, дипломат од кариера /ополномоштен министер

 

Доколку навистина сакаме да создадеме сопствена слика за мистеријата наречена „Откажан самит“ (Самит на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, Охрид, 2013 година), во услови кога новинарите во ниту една од тие 314 вести за откажаниот самит дури и не се обиделе малку посериозно да „загребат“ под површината, ни преостанува систематично да ги вкрстиме податоците изнесени од поддржувачите на откажувањето со оние на противниците на таквиот чин. Но, во секој случај мора да се појде од тоа – зошто беше откажан Самитот? Според едните, причина за тоа било, како што ќе објави на 30.05.2013, 24 Часа:

„Кој е виновен за фијаското на Самитот? Дипломатско фијаско или потег со кој Иванов го спаси образот на земјата? Пропаѓањето на Самитот на претседателите на државите од регионот што викендов требаше да се одржи во Охрид, ја подели политичката и стручната јавност. Премиерот Груевски застана зад ставот и одлуката на претседателот. И тој смета дека Македонија воопшто нема одговорност за дебаклот и е жртва во случајот, а виновни се соседите. Опозицијата со дијаметрално спротивна оценка. (…) најголемата грешка е направена со непоканувањето на косовската претседателка Јахјага. На тој начин, смета Малески, Македонија наместо да го следи трендот и да го поттурне помирувањето меѓу Србија и Косово, се појави како субјект што ги враќа процесите назад, што освен на надворешен, направи штета и на внатрешен план. Официјално, Охридскиот самит пропадна, бидејќи претседателите на Албанија и Хрватска соопштија дека нема да учествуваат, поради тоа што Косово не било повикано. Претходно, пак, три држави, Србија, БиХ и Романија, не се согласиле оваа држава да биде дел од самитот, бидејќи не е член на регионална иницијатива – Процес за соработка на југоисточна Европа.“

На истата линија е и Прес24:

„Косово нема да учествува на регионалниот Самит во Охрид бидејќи не е суверена држава, потврдуваат од Кабинетот на претседателот на Србија Томислав Николиќ во изјава за „Данас” и од српското МНР за агенцијата „Танјуг”.-Србија останува на барањето претставниците на Косово да не можат да учествуваат на овој регионален собир, изјавиле за „Данас“ од Кабинетот на Николиќ. -Косово не е повикано на охридскиот самит бидејќи Србија и уште две држави членки на ПСЈЕ ставија забелешка заснована на статутот на Самитот, кој предвидува дека можат да учествуваат само суверени и признати земји, а Косово тоа не е, велат од српското МНР за „Танјуг”. Овие информации ги разјаснуваат шпекулациите зошто Косово нема да учествува на регионалниот Самит кој ќе се одржи во Охрид.“

Меѓутоа, има најмалку два елемента што никако не „влегуваат“ во оваа приказна. Прво е списокот на држави што се членки на Процесот – на тој список Косово не фигурира!?? Второ, зошто по нашето откажување Романија се понудила практично веднаш да го организира Самитот на Процесот? Зар не била Романија една од тие три земји, заедно со Србија и БиХ, што се спротивставила на учеството на Косово на Самитот? Дали и ако да – што се променило во тие 24 или 48 часа за Романија одеднаш да сака да се одржи Самитот? Токму во таа насока е и коментарот на еврокомесарот Филе, а за што јавува Дојче Веле:

„…Еврокомесарот за проширување Штефан Филе не сакаше да го коментира откажувањето на Самитот на претседатели на држави или влади од Југоисточна Европа во рамки на ПСЈИЕ, посочувајќи дека за него е најважна инклузивноста. Коментирајќи го предлогот на романската делегација откажаниот Самит на претседатели на држави или влади од ПСЈИЕ да се одржи утре во Охрид, еврокомесарот (…)Штефан Филе рече: „Ако се одржува каков и да е вид на самит кој е инклузивен, на кој ќе ги има сите претставници од регионот, ние ќе го поддржиме. (…)“

Оттука, мошне релевантно станува прашањето за тоа дали навистина Романија решила да не присуствува на Самитот доколку биде повикана Јахјага. Дотолку повеќе што на Самитот се врши симболично примопредавање на претседавачката палка, во случајов од Македонија на Романија. Или, едноставно, Романија укажала дека Косово не е член на Процесот, па од тоа некој направил „слон“. За ставот, пак, на другата страна дознаваме од Плуусинфо:

„Јахјага: Косово ќе продолжи да гради добрососедски односи со Македонија.Претседателката на Косово, Атифете Јахјага го поздравила ставот на земјите кои одбиле да учествуваат на самитот во Охрид. Во соопштение таа порачува дека исклучувањето на Косово од тој собир не може да се сфати како соработка. Сепак, вели дека Косово и понатаму ќе биде пријател на Македонија: „Косово ќе продолжи да гради добрососедски односи со Македонија како две соседни држави кои во сите области остваруваат соработка за пример. Оставањето настрана на Косово во регионалните иницијативи не придонесува кон добрососедските односи и не е во функција на мирот и стабилноста во процесите на европска интеграција“, пишува во соопштението од кабинетот на Јахјага.“

 

ТНР. „КОСОВСКО ПРАШАЊЕ“ ВООПШТО НЕ Е ОБИЧНА РАЗЛИКА ВО ВИДУВАЊАТА

 

Куртоазија и ликување поради растурање на Самитот или резигнација поради пропуштената прилика. Имено, во дипломатската практика многу честа е ситуацијата кога домаќинот на еден собир ја има привилегијата да повика, по сопствен избор, воведничар, специјален гостин, член на делегацијата на домаќинот итн. Дали Хрватска и Албанија токму тоа не го барале од нас како претседавач? Дали очекувале дека на дипломатски наједноставниот начин ќе го примениме принципот на „инклузивност“ за кој зборува еврокомесарот Филе? Или, новинарите ни оставија огромен број прашања неодговорени, дури и откако тие прашања им беа посочени. Имено, блогерското јавување на Најчевска, на 30.05.2013 е целосно пренесено од А1он:

Претседателот Иванов го откажа самитот на шефови на држави и влади од Југоисточна Европа, кој требаше да се одржи во Охрид на 1 и 2.06.2013 год.(…) Прашањата што треба да се постават се:

– Колку претседатели на држави/влади најавиле присуство?
– Дали тие кои не присуствуваат на ниво на претседател дале соодветна замена?
– Со кое право се откажува самитот (не е ова маалски фудбал па сега си играм сега не си играм)?
– Во случај на откажување, што станува со останатите кои потврдиле присуство?
– Што станува со целиот процес ако секој претседател си откажува самит затоа што не го играат другарчињата кои тој сака да го играат?
– Ако имало откажувања, дали не треба да се побара нечија одговорност внатре во државата, а не да се плаче и цимолка наоколу?…“

Значи, тнр. „косовско прашање“ воопшто не е обична разлика во видувањата, како што ќе рече поранешниот српски премиер Дачиќ, туку многу сериозно отворено прашање по кое Србија врши притисок врз Македонија и тоа паралелно со процесот на преговори за тоа прашање под закрила за ЕУ. Таквиот притисок очигледно значи барање од Србија ние да го следиме нивниот курс, независно каков и да е, па дури и да ретерираме од својот став од 2008 година кога го признавме Косово како држава. И ние, во случајот на откажаниот Самит – токму тоа сме го направиле. Впрочем, такво повлекување или подлегнување на притисок не би било прв пат во најновата македонска историја. Да се потсетиме дека Македонија попушти под притисокот на Кина и ги раскина своите тукушто воспоставени парадипломатски односи со Тајван. А, во случајот со признавањето на Косово, дури, да не заборавиме, Србија го протера македонскиот амбасадор во Белград отворено декларирајќи дека е тоа заради (задоцнетото) признавање на Косово, како што на 10. Октомври 2008 г. ќе јави ББС на Македонски:

„Протеран амбасадорот. Србија им го откажа гостопримството на амбасадорите на Македонија и Црна Гора, откако владите на двете земји ја признаа независноста на Косово. Српскиот претседател Борис Тадиќ го оцени признавањето како многу погрешно, спротивно на меѓународното право и дека тоа не придонесува за регионалната стабилност и добрососедските односи. Во соопштението од неговиот кабинет стои дека дипломатските мерки на неговата влада не се насочени против граѓаните на Црна Гора и Македонија и дека, како што се вели „Србија останува уверена во нераскинливоста на врските меѓу овие три народи.” Сношти реагираше и српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ. „Оние земји кои досега беа воздржани по прашањето на прогласувањето на независноста, а откако судот презеде да ја решава законитоста на овој чин, според наше мислење немаат никаква причина да не продолжат да бидат воздржани ако тоа и досега биле”, рече Јеремиќ објаснувајќи ја српската реакција. Тој ушто сношти најави дека истото ќе биде сторено и кон Македонија, што денеска и се оствари.“

 

„ИСКАРАНА“ МАКЕДОНИЈА

 

Македонија, за жал и сосема срамно, не одговори со реципрочна мерка и не го протера српскиот амбасадор во Македонија. Дотолку повеќе што и покрај над 20-процентното малцинство Македонија не беше една од земјите што брзо-брзо го признаа Косово, а со тоа, покрај своите интереси ѝ се даде време на Србија да преземе правна постапка против (насилното) отцепување на Косово. И, наместо благодарност, тие ја „искараа“ Македонија, а ние – ние ја наведнавме главата. И притоа заборавивме дека Србија, во времето на Милошевиќ, од кои и да е причини, чекаше добри пет години за да ја признае нашата државност и беше токму последниот наш сосед што го направи тоа!

Или, со други зборови, на ниту еден од наброените планови нема реципроцитет односно нема еднаквост меѓу двете држави. Дали е можно да се гради искрено пријателство и добрососедски односи на основи на нееднаквост? Медиумите не се испречени пред императив да дадат одговор(и) на овие прашања. Меѓутоа, медиумите треба да ги постават овие прашања и да бараат одговор; медиумите имаат можност да потсетуваат и во вакви сложени односи да понудат комплексни анализи наместо едноставно пренесување на настаните. И, со тоа, можат исклучително многу да влијаат буквално на креирањето на надворешната политика.

 

(крај)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција