За пластичните и дрвените печати и за фотографиите како алатки за дезинформирање

Босанскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите, „raskrinkavanje.ba“, препозна лажна вест во една статија на дневниот весник „Дневни Аваз“.

Во текстот за политичките препукувања за тоа кој треба да биде претседател на Собранието на кантонот Сараево, објавена е и фотографија на Данијела Кристиќ, за која „Дневни Аваз“ тврди дека претседателот на нејзината партија „Народ и правда“ незаконски ја именувал за претседавач на Собранието, како седи на маса во кафеана, со пластичен печат пред неа. Весникот тврди дека тоа е печатот на Собранието, кого партијата го криела од новото мнозинство во Собранието, a кое, пак, именувало нов претседавач. Кристиќ наместо да го предаде, го користи во кафеаната.

Но, „raskrinkavanje.ba“ во своето истражување дошол до сознание дека тоа не е печатот за кој се зборува, туку печат на фирмата на сопругот на Данијела Кристиќ. Имено, контактирале со Собранието на Кантонот Сараево, од каде рекле дека тоа не е официјалниот печат, оти тој е дрвен, а печатот на фотографијата е пластичен. Самата Кристиќ за „raskrinkavanje.ba“ рекла дека станувало збор за печат од фирмата на нејзиниот сопруг.

Дополнително, покрај прогласувањето на статијата за лажна вест, „raskrinkavanje.ba“ потсетува и на направениот новинарски престап од „Дневни Аваз“, кој во спорната статија не ги изнел ставовите и на другата, обвинетата страна.

(meta.mk)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција