За расистичката псевдонаука, Ариевците потекнуваат од Македонија!

[Рецензија: Германско-Езуитската Измислена Историја Пропаѓа! Македонија Лулка на Ариевскиот Ген – Харвардски Професор!“]

Македонија „прататковина на сите Словени“, па дури и на повеќето европски народи е далеку од историски факт. Се работи, всушност, за проблематична научна теорија на американски научник со руско потекло, но во текстот што го рецензираме оваа теорија е претставена како врвен научен дострел и конечен доказ за цела низа тврдења од типот: „Александар Македонски не бил Грк, туку Македонец, дека Илијада и Одисеја не биле напишани на грчки јазик, а дека целата историја била измислица на германско-ватиканско-езуитски центри на моќ“. Самиот напис, величајќи го делото на научникот на кое се повикува, меша баби и жаби и произволни и научно непоткрепени тврдења пласира како факти.

Линк до оригиналниот напис: Германско-Езуитската Измислена Историја Пропаѓа! Македонија Лулка на Ариевскиот Ген – Харвардски Професор!

Датум и време на објавување:21.4.2018

Датум на рецензија: 29.4.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Псевдонаучни материјали популаризирани како проверени научни факти не се ретка појава во дел од портали, особено кога тие се вклопуваат во уредувачката политика, најчесто наменета за некритички настроена публика. Многу често потоа ваквите написи широко се споделуваат на социјалните медиуми, за потоа на нив дел од јавноста да се повикува како на релевантен научен материјал. Еден таков пример е и написов со бомбастичен наслов: „ Германско-Езуитската Измислена Историја Пропаѓа! Македонија Лулка на Ариевскиот Ген – Харвардски Професор!“,  која го рецензираме, а којшто деновиве континуирано се споделува на социјалните мрежи од поединци и групи.

Самиот наслов, всушност, прв укажува на тоа колку (не)објективен пристап е користен за да се претстави содржината на истражувањето на руско-американскиот научник Анатолиј Кљосов, кој од полетo на индустриска биохемија, се префрлил на полето на ДНК-генеалогијата, сметана за област во која доминира псевдонауката. Многу извичници, многу големи букви каде што не им е место, наслов кој е според вкусот на најевтините теории на заговор, но кој е семантички бесмислен.

 

СЛОВЕНИТЕ ПОСТАРИ ОД НЕАНДЕРТАЛЦИТЕ!

Поентата на овој текст е да го претстави научниот труд на Кљосов како конечен доказ дека досега научно етаблираната теорија за потеклото на Словените кои со преселбата на народите околу 4 век од новата ера се придвижиле од индоевропските степи и почнале да се населуваат во источна, централна и југоисточна Европа, а меѓу другото и на Балканот – не само што не е точна, туку дека процесот почнал многу порано и тоа во обратна насока – од Македонија кон остатокот на Европа! И тоа ни помалку ни повеќе туку уште од палеолитот!

Само еден пасус од текстот речито зборува за конфузијата со фактите, која е очигледна:

Сите скелети, од добата палеолит и неолит, пронајдени во Европа досега, се од словенско потекло и сите го имаат генот R1А1, или таканаречен ‘камен ген’, што значи дека пред 12.000 години, сите жители на Европскиот континент, биле Словени. Ваков стар ген, преку 40%,  го имаат сите индоевропски народи во Европа. Според ова, сите Словени се дојдени од Балканот и се директни наследници на синот на Ноа. Прочитај повеќе овде: Македонија – Татковина на Ариевската Раса –Macedonia – Aryan Ancestral Homeland. A. A. Klyosov

Несомнено, теоретизирањето на тема „Македонија – лулка на цивилизациите“ е интересна занимација за прекратување на слободното време, но написов губи на кредибилитет со објавувањето произволности и ненаучни шпекулации.

Да тргнеме од тврдењето дека „сите скелети од палеолитот и од неолитот пронајдени во Европа досега биле од словенско потекло“, што, благо кажано, е смешно кога е познато дека периодот палеолит или старо камено доба-плеистоцен, светската наука го има сместено во временската рамка помеѓу 2,6 милиони години и 10.000 илјади години пр.н.е.!

Неолитот или помладото камено време – холоцен од 12.000 години до околу 1200 година пр.н.е. и го опфаќа раниот неолит, како и бронзеното и железното време. Во текстот прво се тврди дека и праисториските луѓе од пред повеќе стотици илјади години биле Словени, потоа во истата реченица се кажува дека пред 12.000 години сите жители на европскиот континент, биле Словени.

Но, иако написот за ваквите ненаучни тврдења се повикува на трудот на Кљосов  од 2008 година под наслов „Од каде потекнуваат Словените и Индо-Европејците – ДНК Генеалогијата го дава одговорот“, ако се погледне во него, може да се види дека тој тврди дека прасловените односно народите што потекнуваат од Балканот тргнале кон остатокот на Европа помеѓу 7 и 6.000 години пред нашата ера, а кон Индија пред 4.000 години! Словените, според Кљосов стасале позади планината Урал  област во денешна Русија од каде што, според важечките историски сознанија, е потеклото на Словените, н.з.), пред околу 3600 години.(ibid, ст.4)

Се поставува прашањето како авторот на текстот заклучил дека сите скелети пронајдени во Европа (и од палеолитот и од неолитот) биле словенски кога Словените во тоа време, според Кљосов, сè уште биле на Балканот?!

…сите Словени се дојдени од Балканот и се директни наследници на синот на Ноа,

Ова е уште едно тврдење од цитираниот пасус што изгледа како „истресено од ракав“. Кој бил Ноа? Дали можеби се работи за англиска верзија на библиското име на Ное, тоа во написов не се објаснува, а уште помалку како тоа сите Словени биле наследници на неговиот син!

 

РАСИЗМОТ И ПСЕВДОНАУКАТА НА КЉОСОВ

Треба да се напомене дека името на Кљосов и во светските и во руските научни кругови предизвикува доста контроверзии во областа на генеалогијата, која се обидува преку испитувањето на човечката ДНК во денешната популација и нејзината споредба со древната ДНК, која се екстрахира од скелетите на предисториските луѓе, да ги побие антрополошките студии за потеклото на човекот и на човечките раси. Кљосов е застапник и на расистичката теорија според која белците не потекнуваат од Африка, како што тоа го тврди современата антропологија.

Поради своите трудови од областа на хуманата генеалогија, Кљосов е сметан за псевдонаучник, што е посочено и од страна на Руската академија на науките. Во едицијата наречена: „Во заштита на науката“, во извештајот под наслов: „Опасната ДНК-демагогија на А.Кљосов“ (29-49 стр), меѓу другото, се вели дека „никој не е измамен со величествените титули на Кљосов“, бидејќи тој постојните научни сознанија ги извртува и злоупотребува за докажување на своите тези дека тврдењата за потеклото и улогата на Словените во историјата на човештвото се псевдонаука, а дека неговото поистоветување на Словените со непостојната ариевска раса се блиски до тврдењата на нацистичката псевдонаука.

Александар Македонски бил Mакедонец, а не Грк. Тој своето име го сочувал со милениуми. Ако е ова точно, целата античка историја ќе падне во вода, бидејќи таа историја е базирана на Грчка слава, која ватиканските езуити ја шират преку изучување на историјата на германските универзитети.

Илијада и Одисеја не се пишувани на грчки јазик, бидејќи тој се појавил на грчките простори, 500 години, подоцна.

Овој пасус како да ги открива вистинските мотиви што стојат зад објавувањето на текстот, а тоа е обидот да се потенцира потеклото на Александар Македонски и да се направи ревизија на познатите факти од античката историја, која, според авторот на написот, не е вистинита туку е плод на некаква опскурна спрега на Ватикан, езуитите и германската надворешно политичка доктрина, што е само една од многубројните таканаречени теории на заговор.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција