За самоубиства не се известува, особено ако не се работи за јавни личности

[Рецензија: Се самоуби 30-годишен скопјанец, детали за несреќата од Аеродром]

Во конкретниот случај станува збор за текст во кој се известува за самоубиство (според неофицијални информации), па дури и се најавуваат повеќе детали за подоцна. Не е јасно на какви детали се мисли и зошто се потребни детали воопшто? Прикажана е фотографија од зградата каде што се случила трагедијата, наспроти добрата новинарска практика и етичките норми што сугерираат да се почитува приватноста на жртвите – починатиот, неговото потесно семејство, пријателите.

Линк до оригиналниот напис: Се самоуби 30-годишен скопјанец, детали за несреќата од Аеродром

Датум на објавување: 2 март 2020

Датум на рецензирање: 3 март 2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Иако во самата вест ја нема фотографијата експлицитно, сепак, е споделен линк до вест со фотографија од зградите каде што живеело момчето. Ова е преблиска идентификација и преблиско лоцирање на жртвата. Што ќе се случи со луѓето (соседи, роднини) кои имаат некој близок во ова маало? Нема ли тие да се вознемират кога ќе видат фотографија дека некој од таа зграда си го одзел животот? Семејството и блиските на починатиот се во длабока жалост и треба да им се дозволи да ја одболуваат загубата интимно, а не во јавниот дискурс.

За новинарскиот однос кон информациите што вклучуваат одземање на животот, во Сервисот за проверка на факти од медиумите се напишани одлични упатства и тоа од колеги со долг стаж и беспрекорна професионална репутација и од експерти за човекови права. Кажано е дека треба да се почитува личната болка и загубата на семејството, никако да не се открива идентитетот и да се одбегне односот на третирање на ваквите настани како кривични дела, односно како настани од рубриката црна хроника.

Во Кодексот на новинарите и во Прирачникот за етиката во новинарството се вели дека „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност на јавниот интерес“, како и дека „е должен да ги почитува личната болка и жалост“ (член 7). Понатаму се наведува дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализам“ (член 8).

На самиот почеток на текстот што е предмет на оваа рецензија, пак, се вели:

Информацијата за скопјанец ШТО си го одзема животот скокајќи од зграда во Аеродром утрово ја вознемири јавноста.

Но, информацијата ја вознемири јавноста дури откако таа беше објавена и раширена. Со нејзиното ширење, сè повеќе луѓе се вознемируваат, се распрашуваат и се интересираат. Во написот се најавуваат и дополнителни информации од МВР, што, пак, укажува дека постоела намера да се проширува приказната.

Поврзаноста меѓу самоубиствата и неетичкото известување во медиумите е докажана, што е уште една причина зошто медиумите треба да се воздржат од известување за вакви трагични настани. Секоја објава за самоубиство е потенцијален поттикнувач на оние што се „на работ“, а најризична група се адолесцентите.

Во светот има воспоставена пракса за самоубиства да не се известува, освен ако за тоа нема јавен интерес. Но, и во случаите кога има јавен интерес, известувањето се прави многу внимателно и дискретно.

Човекот што си го одзел животот не е позната, јавна личност. Оваа информација, дури и ако е испратена официјално од МВР, може да се прескокне и да не се објави.

Јавноста има право да знае, но во случаите на самоубиства, личната болка и жалоста на најблиските се поважни од сè.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција