За ширење лажни вести за „Ковид 19“ може да се заврши и во затвор

Илустрација на корона висрусот. Фото: CDC, web

Мало пребарување по Кривичниот законик покажува дека граѓаните или медиумите што шират лажни вести поврзани со вирусот „Ковид 19“ можат да добијат од парична казна до затвор помеѓу една и пет години

 

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Граѓаните и медиумите би можеле да добијат кривични пријави поврзани со невистини за „Ковид 19“, т.е. ширење лажни вести врз основа на постојни членови во Кривичниот законик (КЗ) на Република Северна Македонија.

Ова може да се констатира од увидот во КЗ, а по вчершното соопштение од Министерството за внатрешни работи кое беше задолжено од страна на Владата да ја следи состојбата и да предупреди дека ќе има санкциии кон несовесните или оние што шират невистини и дезинформации, т.е. лажни вести.

МВР постапи по заклучокот на Владата и го објави следното соопштение:

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуват и шират непроверени односно „лажни“ вести околу вирусот Ковид 19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции.

Во соопштението се опфатени и граѓаните и медиумите, соодветно на заклучоците и задолжението од Владата.

 

КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО

И претходниот, но особено дополнетиот Кривичен законик од 2018 година, има неколку членови по кои може да се постапува во ваков случај.

Во Глава 21 од КЗ, означена како Кривични дела против здравјето на луѓето, полицијата го има на расплагање на пример, Член 205 став 5 од КЗ, во кој се наведува:

Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеца.

 

КСЕНОФОБИЈА ПО ОСНОВ НА ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА

Но, полицијата би можела да се повика и на друг член, кој е насловен во КЗ како ширење на расистички и ксенофобичен материјали по пат на компјутерски систем. Иако, се чини не е поврзано со општото здравје, ако се погледне членот може да се најде врската – ширење ксенофобија кон лица поради нивната здравствена состојба. Во првиот став од Членот 394 г се наведува:

(1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Под компјутерски систем секако спаѓаат и социјалните медиуми. Но, доколку таквите вести бидат проширени од другите средства за јавно информирање, важи истата казна и тоа е ставено во ставот два:

(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.

Во разговор со дел од правните експерти, сепак ни беше посочено дека при поднесувањето на вакви кривични пријави, во суд може да се бара да се докаже и намерата за свесно сторување на кривичното дело. Како и да е, санкциите се запретени во КЗ и медиумите и граѓаните би требало да го имаат предвид тоа.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција