За време на изборна кампања нема фалење со инфраструктура

Зоран Заев (во средина). Фото: Влада на РСМ/веб

Изјавата на Заев и констатциите во неа може да се целосно точни, но за „Вистиномер“, сепак, конкретната изјавата што ја оценуваме, ја разгледавме од аспект на нејзината доследност поради можен судир со Изборниот законик

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија (РСМ), Зоран Заев, ја даде следната изјава, која ја оценуваме како недоследна:

На 29-ти март распишан е тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК Битола. Инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра, пари кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори, што дополнително не радува нас како Влада. Една од најзначајните компании во државна сопственост инвестира повеќе од 20 милиони евра кои сама ги заработила. Тоа значи дека во минатото останале времињата кога државните електрани кубуреа со струја, увезуваа скапа струја и парите оделе во непотребни инвестиции. Сега ЕСМ е насочена кон производство на струја со која ги задоволуваат потребите на потрошувачите во земјата, а како што неодамна слушнавме, врши и продажба на вишоци, со што остварува добивка и за сопствениот и за државниот буџет. 

[Извор: Влада на РСМ/Медија центар/(видео), Датум: 06.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премирот Зоран Заев во текот на викендот го посети Рударско-енергетскиот комбинат Битола, т.е. рудниците и термоелктраната која дава 70 осто од производството на електрична енергија во земјата, како што се дознава од официјални соопштенија и од медиумите.

Посетата, како што наведува Владата, била работна, при што премиерот, „заедно со директорот на АД ЕСМ, Драган Миновски и директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски направи обиколка на производствените капацитети и реализираше средба со Управниот и надзорниот одбор“.

По обиколката и разговорите, Заев даде изјава во која како најназначајно го потенцираше токму вложувањето што допрва ќе биде платено, но кое веќе е започнато со распишување на тендер на 29 март и со чие реализирање конечно ќе се придонесе многу конкретно кон намалување на загадувањето во Битола и регионот, но и ќе се исполни едно предизборно ветување ставено во програмата на СДСМ.

Изјавата на Заев и констатциите во неа може да се целосно точни, но за „Вистиномер“, сепак, конкретната изјавата што ја оценуваме, ја разгледавме од аспект на нејзината доследност поради можен судир со Изборниот законик.

Проблемот со доследноста произлегува поточно во член 8-а, став 1  од Изборниот законик, кој гласи:

(1) Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може:

да се одржуваат јавни настани по повод започнувањето на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

Вистина е дека во конкретната алинеја на став 1 од членот 8-а се употребува терминот „започнување на изградба“ и дека тој можеби формално не е идентичен со терминот „распишан тенедер“, но суштината е дека тоа е, секако, дел од севкупниот процес на „започнување на изградба“.

Оттука, не навлегувајќи во вистинитоста на изјавата, сметаме дека таа содржи во себе недоследност, затоа што има елементи на колизија со Изборниот законик.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција