За задолжувањето од Обединетото Кралство има генерални информации

М. Талески. Фото: скриншот

Следејќи ги сите информации од петокот (16.05.2025 до денеска 20.05.2025) не може да се каже дека нема информации околу задолжувањето од Обединетото Кралство. Сепак, информациите се генерални и се соопштуваат некако парче по парче, а тоа е така, затоа што, барем до крајот на саботата, детали од договорот влада со влада, сѐ уште не биле готови

Следејќи ги сите информации од петокот (16.05.2025 до денеска 20.05.2025) не може да се каже дека нема информации околу задолжувањето од Обединетото Кралство. Сепак, информациите се генерални и се соопштуваат некако парче по парче, а тоа е така, затоа што, барем до крајот на саботата, детали од договорот влада со влада, сѐ уште не биле готови

 

Пратеникот од СДСМ Миле Талески даде изјава во рамките на тв дебата која е делумно вистинита:

Со оглед на тоа дека за вакво сериозно задолжување од 6 милијарди евра, граѓаните немаат никаква информација, ни од претседателот на владата, ни од вицепремиерот, може да има простор за разни шпекулации. Затоа ние како партија бараме јасно да се стави во јавност, за што се тие 6 милијарди, какви се условите на кредитот, колку ќе бидат каматите, која е обврската на државата што треба да ја исполни спрема Велика Британија.

[Извор: СДСМ – М. Талески: Датум – 19.05.2025]

 

Образложение:

Пратеникот од СДСМ Миле Талески зборувајќи на тв дебата изјави дека граѓаните немаат никакви информации околу задолжувањето од 6 милијарди евра од Обединетото Кралство, што е делумно вистинито.

Владата на РСМ во петокот вечер од Тирана соопшти дека ќе се потпише стратешко партнерство со Обединетото Кралство, како и договор влада со влада со кој практично С. Македонија ќе се задолжи (до) 6 милијарди евра. Тоа го соопшти лично премиерот Христијан Мицкоски кој најави детали во саботата. Арно ама, деталите во саботата не беа баш детали, туку повеќе рамковни информации.

Тој (Договорот за стратешко партнерство – н.з.), ќе биде основата и фундаментот за инвестициски циклус којшто ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово.

Во наредните денови ќе се потпишат договори и за овие инвестиции. итн.изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес конференцијата на 17.05.2025 г.

На конкретно прашање од новинарите, од каде се парите и под кои услови ќе се позајмат, камати, рок на отплата, итн,  премиерот одговори дека ги знае генералните параметри, а дека некои од деталите уште се договораат.

Работиме на сите овие детали за коишто вие сега прашувате…Јас отприлика контурите ги знам бидејќи веќе се преговараат 8 месеци и можам да кажам дека се најдобрите што некој може да ги има на пазарот, но сѐ уште не е тоа финиширано, уште не е конечно, иако сме блиску до конечно решение. Многу скоро од денеска и тоа ќе биде објавено во јавноста. Репер ни е ЕУРИБОР-от, репер ни се два фиксни параметри, а тоа се грејс период и долг период на отплата. Досега фиксирани се неколку проекти…– изјави Мицкоски (види од 9.40 во видеото).

Сите други информации што може да се проследат по оваа прес-конференција, а кои ги пласираа повторно владини претставници, (Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски, министерката Гордана Димитриеска Кочоска), отприлика ја заокружуваат и донекаде ја дополнуваат генералната рамка што беше соопштена. А тоа дека договорот со кој ќе се зајмат овие пари е влада со влада, дека лимитот е 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра, дека нема временска рамка до кога овие пари треба да се земат, дека првата фактура ќе биде испорачана во 2027 година, дека првите проекти за кои ќе бидат склучени договори се модернизација и реконструкција на железничката пруга од Табановце до Гевгелија вклучувајќи и дел од проектот Градски воз и Аеродром Петровец – Железничка станица Скопје, како и доизградба на Штипската болница, изградба на нова болница во Кичево, модернизација на тетовската болница, итн…Сето наброено ќе чини околу 2,2 милијарди евра, што е првиот циклус од пет години, а ќе се позајмуваат годишно по околу 400 милиони евра (Димитриеска  Кочоска).

Ова значи дека е делумно вистината изјавата на Талески. Не е дека нема информации, но деталите од договорот, на кој се работело осум месеци, значи веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ ја формираше владејачката коалиција, сѐ уште не се готови, барем до саботата 17.05.2025 година.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција