Забраната за електронска објава на избирачкиот список со редица контроверзии
За да се постигне усогласување со на челата за заштита на личните податоци доволна мерка на заштита би била секој граѓанин да може да пристапи до избирачкиот список со лозинка која самиот ќе ја креира, но и да се обезбеди анонимизација на дел од податоците (број, влез, стан) кои се јавно достапни со пребарување на име и презиме
За да се постигне усогласување со начелата за заштита на личните податоци, доволна мерка на заштита би била секој граѓанин да може да пристапи до избирачкиот список со лозинка која самиот ќе ја креира, но и да се обезбеди анонимизација на дел од податоците (број, влез, стан) кои се јавно достапни со пребарување на име и презиме
Пишува: Владе Ѓорчев
Управниот суд сè уште нема донесено одлука по жалбата на Државната изборна комисија (ДИК) на одлуката на Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП), со која се наложува да се повлече од интернет-страница списокот со спорни 89.000 гласачи за теренска проверка, како и избирачкиот списокот со вкупниот број на гласачи.
По решението на ДЗЛП од 31.03.2016 година ДИК го повлече избирачкиот список со имињата на спорните глачаси, кој беше објавен два дена порано, односно на 29.03.2016 година.
ЕКСПРЕСНО РЕШЕНИЕ ОД ДЗЛП
Имено, ДЗЛП сопшти дека по службена должност извршила вонреден инспекциски надзор во Државната изборна комисија по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб страна.
Заради итноста на наведените состојби беа издадени две привремени решенија. Со едното од решенијата се забранува Државната изборна комисија да обезбедува електронски пристап до личните податоците во Избирачкиот список објавен на веб страната https://izbirackispisok.gov.mk/, на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Во привременото решение е утврдено дека објавувањето и електронскиот пристап до личните податоци во Избирачкиот список преку веб страната на Државната изборна комисија од страна на неодреден број лица не е правично и во согласност со закон и е извршено на начин што не е во согласност со конкретна и јасна законски утврдена цел, спротивно на член 31 став 2 точка 28-в и 28-г од Изборниот законик и член 5 став 1 и став 4 од Законот за заштита на личните податоци, стои во соопштението.
Имено, стои во решението на ДЗЛП, Изборниот законик во членот 55 став 1 предвидува дека личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните. Но, тврдат од таму, со овозможувањето на електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку интернет за неодреден период, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели.
Во другото привремено решение ѝ се забранува на Државната изборна комисија да објавува на својата веб страна лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место) содржани во Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки, бидејќи Државната изборна комисија нема правен основ да врши обработка преку објавување на лични податоци на физички лица, кои ќе бидат утврдени како неконзистентни записи и ќе бидат предмет на теренски проверки, стои во решението од ДЗЛП.
ДИЛЕМИТЕ НА СДСМ
Истиот ден реагираше и Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, кој побара Државната изборна комисија да не постапува по ова барање на Дирекцијата, според кое гласачите во Избирачкиот список може да се пребаруваат само со име, презиме и матичен број, а да не може да пребаруваат и според адреса.
Со ова решение Дирекцијата за заштита на лични податоци најдиректно го крши Изборниот законик во кој стои дека ДИК го објавува Избирачкиот список на својата интернет страница со следните податоци име, презиме и адреса на избирачите – рече Манчевски.
Во Избирачкиот законик во член 31, во ставот (2) по точката 28 стои:
Државната изборна комисија го објавува Избирачкиот список на својата веб страна со следниве податоци: име, презиме и адреса на избирачите. Секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија да не биде објавена неговата адреса во Избирачкиот список од безбедносни причини.
Сето ова отвори дилеми во јавноста дали оваа постапка на ДЗЛП е во рамките на законот.
Тоа на што обрнува внимание ДЗЛП во решението се ставовите 1 и 4 од член 5 од Законот за заштита на лични податоци во кои е наведено:
Личните податоци се:
- обработуваат правично и во согласност со закон;
- точни, целосни и каде што е потребно ажурирани, при што ќе се преземат сите соодветни мерки за бришење или коригирање на податоците што се неточни или нецелосни, имајќи ги предвид целите заради кои биле собрани или обработени;
ДЗЛП во одбрана на својата теза, исто така, го посочува Избирачкиот законик во член 31, ставот 2 по точките:
28-в) ДИК обезбедува електронски пристап до Избирачкиот список согласно прописите за заштита на лични податоци;
28-г) Државната изборна комисија го објавува Избирачкиот список на својата веб страна со следниве податоци: име, презиме и адреса на избирачите. Секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија да не биде објавена неговата адреса во Избирачкиот список од безбедносни причини.
Исто како и СДСМ и ДЗЛП посочува исти член од Изборниот законик, но и двата субјекта различно го толкуваат ставот 28-г.
Додека СДСМ смета дека со овој став ДИК слободно може да објавува податоци од ДЗЛП реагираат дека токму делот: Секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија да не биде објавена неговата адреса во Избирачкиот список од безбедносни причини, не е испочитуван и поради тоа е издадено решението.
„Вистиномер“ побара од ДЗЛП реакција на ваквите контрадикторни толкувања, но од таму не информираа дека засега остануваат на ставот објавен со решението и нема да коментираат додека не заврши управната постапка.
БРЗ И БЕСПЛАТЕН НАЧИН НА ПРОВЕРКА
Според Елена Стојановска, аналитичар и познавач на состојбите со заштита на лични податоци, една од најголемите дебати која се води во јавноста веќе неколку изборни циклуси наназад е електронската достапност на избирачкиот список, односно, јавно достапните лични податоци на граѓаните со право на глас.
Несомнен е интересот на граѓаните да можат на лесно достапен, брз и бесплатен начин да ја проверат точноста на своите лични податоци во избирачкиот список. Исто така, неспорен е обемот на лични податоци кои се собираат во избирачкиот список. Согласно Изборниот законик, Избирачкиот список ги содржи единствениот матичен број на граѓаните (ЕМБГ), презиме, име на еден од родителите и име, пол, лична фотографија (во формат како на лична карта или патна исправа), адреса на живеење (општина, населено место, улица, куќен број, влез и стан), датум на запишување и бришење и датум и вид на дополнување на податоците. Она што поттикнува дебата е, всушност, користењето на единствениот матичен број на граѓанинот како лозинка за влез во електронскиот избирачки список – вели Стојановска.
Имено, според неа, единствениот матичен број на граѓанинот, согласно Законот за заштита на личните податоци е чувствителен личен податок, а со тоа ужива и повисок степен на заштита од останатите лични податоци.
Секоја обработка или користење на единствениот матичен број на граѓанинот треба да биде предвидено со закон, а таква основа нема ниту во Изборниот законик, ниту, пак, во Законот за заштита на личните податоци. Исто така, во спротивност со начелата на заштита на личните податоци е и можноста со просто пребарување по име и презиме да се дојде до точната адреса на живеење, односно до податоците за општина, населено место, улица, број, влез, стан и избирачко место. За да се постигне усогласување со начелата за заштита на личните податоци доволна мерка на заштита би била секој граѓанин да може да пристапи до избирачкиот список со лозинка која самиот ќе ја креира, но и да се обезбеди анонимизација на дел од податоците (број, влез, стан) кои се јавно достапни со пребарување на име и презиме – ни изјави Стојановска.
Таа вели дека при пребарувањето на податоците во Избирачкиот список, исто така, се јавува недоследност во примената на начелата за заштита на личните податоци.
Имено, при пребарувањето на општина, достапни се сите лични податоци на оние граѓани кои живеат во таа општина, а истото се случува и при пребаувањето на конкретна адреса. Пребарувањето по име и презиме ги дава сите лични податоци на сите лица со истото име и презиме. Во оваа насока, Дирекцијата за заштита на личните податоци го издала и привременото решение до Државната изборна комисија, која, пак, треба да изнајде начин за примена на технички мерки со кои ќе ги регулира овие прашања – вели Стојановска.
Што се однесува пак до списокот на неконзистентни записи – предмет на теренска проверка, а гледано од аспект на Законот за заштита на личните податоци, за Стојановска, самиот список како збирка на лични податоци, иако не е предвиден со закон, неговото креирање и обем на податоци може да се оправда со големиот јавен инетерес.
Она што не е предвидено и кое што е спорно согласно начелата за заштита на личните податоци е неговото јавно објавување. Одредбата од Изборниот законик, која предвидува јавна достапност на податоците од избирачкиот список, пред сè, не се однесува на овој список, кој е сега креиран, па со самото тоа неговото објавување е спротивно на Законот за заштита на личните податоци. Дополнително, треба да се отвори и прашањето дали јавната достапност на податоците од некоја база на податоци треба да биде сфатена како јавно објавување или, пак, како можност на секој граѓанин да пристапи до своите лични податоци – заклучува Стојановска за „Вистиномер“.
ЛИНКОВИ:
- ДЗЛП и забрани на ДИК да објавува лични податоци на физички лица од Избирачкиот список, Либертас (31.03.16, 14:12), [Пристапено на 05.04.2016]
- Манчевски: Горан Трајковски се обидува да го скрие криминалот во Избирачкиот список, Плусинфо (31.03.2016, 15:08), [Пристапено на 05.04.2016]
- Соопштение, Дирекција за заштита на лични податоци (31.03.2016), [Пристапено на 05.04.2016]
- Изборен законик, [Пристапено на 05.04.2016]
- ДИК ќе ја послуша ДЗЛП, ама ќе ги обжали решенијата пред Управен суд, МЕТА (31.03.2016, 18:17), [Пристапено на 05.04.2016]
- ДИК ги објави имињата на „спорните“ гласачи, 24вести (29.03.2016, 17:59), [Пристапено на 05.04.2016]
- Закон за заштита на лични податоци, [Пристапено на 05.04.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар