Заев не ги испразни акумулациите туку сушата го зема данокот

Фото:vmro-dpmne.org.mk

 

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во пропагандниот спот преку својот Твитер профил ( 7 март 2020 г.) го обвини претседателот на СДСМ, Зоран Заев за негрижа и уништување на македонските езера. И, иако, е точно дека сите наведени езера во спотот на Мицкоски се во многу тешка состојба и со многу низок водостој, тврдењето дека зад тажните слики на празните корита на акумулациите стои токму експремиерот Заев не само што се нелогични, туку и невистинити

Зоран Заев ги опустоши езерата за личен профит. Тиквешко езеро намалено за 70%. Езеро Калиманци намалено за 75%. Езеро Турија намалено за 65%. •Прилепско езеро намалено за 85%. Преспанско езеро – изгубена вода во количина колку две Дојрански езера. Стрежевско езеро намалено за 72,5%. Негрижата на Владата ги уништи македонските езера. Зоран Заев се што фати исуши…

[Извор: Твитер профил на Христијан Мицкоски, датум: 7.3.2020]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето Твитер обраќање и видео-спот директно го обвини својот ривал, Зоран Заев дека стои зад празнењето на вештачките акумулации во државата, како што објасни, поради неговата неспособност и алчност. Според него, сите акумулации во државата доживеале драстичен пад на водостојот, а на државата ѝ се заканувала суша! Причината за ваквата катастрофална ситуација, според Мицкоски е што актуелната власт произведувала елекрична енергија со хидроцентралите, немилосрдно испуштајќи ја преостанатата вода од акумулациите со цел да произведе повеќе електрична енергија. Мицкоски, меѓутоа, не појасни како тоа еден човек може да биде виновник за суша во државата?!

Ова тврдење звучи уште поинтересно кога ќе се земе предвид фактот дека Христијан Мицкоски е поранешен директор на ЕЛЕМ и советник за енергетика на поранешниот премиер од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, а дека самиот е сопственик на удели во три мали хидроцентрали во источниот дел на државата, кои ги експлоатираат малите планински реки во беровскиот и во пехчевскиот крај. Што значи дека Мицковски има прецизен увид во тоа колку струја се добива од домашниот хидропотенцијал. Кон крајот на минатата година Антикорупциска комисија ја запре постапката по предметот откако утврди дека фирмата „Минка-Енерготек ДОО Скопје“, во која удел има Мицковски прво ги добила концесиите за изградба на мали хидроцентрали, а потоа тој му станал советник на Груевски и директор на ЕЛЕМ.

Хидроцентралите работата со намален капацитет односно само со 60% од својата сила, зашто имаме сушна годинава, а акумулациите се одржуваат на еколошкиот минимум. Поради намаленото ниво на вода, РЕК Битола работи турбо. Термоцентралата го надмина производството со 114 насто и лани произведе над 3.000 гигават часови електрична енергиј“,изјави директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски. на 3.03. годинава.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пак, во периодот од 2010 до 2018 година, учеството на хидроцентралите во вкупното производство на електрична енергија во државата континуирано се движело помеѓу 16,6 до 33,7 проценти, што само укажува дека Македонија не се потпира премногу на хидропотенцијалот во производството на струја, туку многу повеќе, речиси 80% на најголемата термоелектрана РЕК Битола. Според сето ова изнесено, дури и без официјални бројки за 2019 година и првите два месеца од годинава, тешко би можело да се заклучи дека релативно малите по моќност хидроцентрали во државата (чија вкупна инсталирана моќност, патем, е многу помала од онаа на РЕК Битола) и нивното скромно по обем производство, би можеле да бидат користени за вонредно зголемување на производство на струја и дека од тоа производство би профитирал лично претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев.

Само ден по Твитер настапот на Мицкоски, со идентична реторика и аргументација настапи и Цветан Трипуновски, дополнителниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој на партиска прес -конференција кажа:

Зоран Заев заради личен и партиски профит во бизнисот со производство на електрична енергија ги остави граѓаните без капка вода.

Тој посочи дека поради претседателот на СДСМ, земјоделците годинава нема да имаат вода за наводнување, а ќе има и прекини во водоснабдувањето со вода за пиење низ градовите во Република Македонија. Претходно, Трипуновски, во обиколка на Преспанското, на Тиквешкото и на Прилепското езеро во својство на дополнителен министер во Владата, ја обвини истата Влада дека со негрижа ги уништува езерата, а тој наратив потоа беше преземен и од страна на медиуми блиски до опозициската партија.

Овие обвинувања на Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ занемаруваат неколку битни факти. Прво, тешката состојба во која се наоѓа Преспанското езеро не се должи на производство на електрична енергија туку на сушата и на климатските промени, како што посочија и експертите од Македонското Еколошко друштво во своето соопштение. Иако, Преспанското се прелева во Охридското, водостојот на Охридското езеро е во рамките на просечните годишни вредности што укажува дека не се испушта преку Црн Дрим за потребите на хидроелектраните. Дополнително, Дебарското езеро, кое е дел од истиот воден систем и самото има низок водостој, кој се должи на сушата и на лошата хидролошка состојба на притоките, особено на најголемата, реката Радика.

Што се однесува до вештачките акумулации, тие навистина се со исклучително низок водостој, но не може да се занемари ефектот од долготрајната суша и драстично намалените врнежи во текот на изминатото лето, есен, како и благата и сиромашна со врнежи зима и како тоа влијаело на полнењето на природните и на вештачките езера од притоките. Податоци за водостојот на реките можат да се добијат од УХМР. Тие до минатата недела покажуваа драстично помали вредности и на реките каде се мери водостојот, и на природните езера, а ситуацијата донекаде се смени дури по викендот кој изобилуваше со врнежи.

Но, и покрај тоа што сите сме сведоци на овие природни феномени, Мицкоски и Трипуновски сушата како природен фактор, како и последиците од климатските промени за кои расне свесноста на глобално ниво, воопшто не ги ни спомнуваат како можна причина за испразнетите езера. Освен тоа, од списокот на езерата кои ги наведува Мицковски две – Прилепското и езерото Турија, се акумулации кои служат исклучиво за наводнување, а не за производство на струја, па според тоа ниту Заев ниту СДСМ не можеле да ги празнат за да профитираат од продажбата на електрична енергија.

Исто така, не се сите наведени акумулации во подеднакво лоша состојба:

И покрај лошата хидролошка состојба, која засега најмногу се одразува на нивото на најголемата хидроакумулација во регионот – браната „Турија“, останатите се исти со ланското ниво во овој период, изјави пред еден месец за Вечер Лазар Ѓорѓиев, директорот на Струмичко поле, кое стопанисува со акумулациите Турија и други помали.

Помалите акумулации „Новоселка“ и „Маркова Река“ се полнат со нормално темпо, додека „Иловица“ веќе прелива, додава Ѓорѓиев.

Од сето ова може да се заклучи дека обвинувањето кое Христијан Мицкоски го упати директно на адреса на Зоран Заев, како наводен виновник што македонските езера се празнат за производство на струја, а како причина на наведе неговата алчност за профит, е невистинито.

ИЗВОРИ:

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција