Заев не може да гарантира фер и транспарентни судски постапки

З. Заев. Фото: СДСМ/веб страна

Прво, Заев е политичар, а второ, Членот 110 од новиот Закон за ЈО, со кој се дава различен третман на незаконски прислушуваните материјали од предметите од СЈО,  во зависност од тоа дали се поднесени до 30.06.2017 г. или после тоа, може да создаде основа за нефер и нетранспарентна постапка

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

При неодамнешниот настап на лидерот на СДСМ и експремиер Зоран Заев на „Маршот за правдата“ може да се забележи следниот спин:

Спин:  Сите предмети (на СЈО – н.з.), ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки, за што основни индиции беа прислушуваните разговори, односно бомбите. Нема скриена амнестија за никого, ниту за стари ниту за нови случаи…

[Извор: СДСМ/веб – говор на З. Заев – датум:17.02.2020]

 

Контраспин: Маршот за правда организиран од СДСМ и предводен од претседателот на партијата Зоран Заев, без оглед на сомнителната логика за негово одржување – исто како маршот на владини претставници за чист воздух – е политичка манифестација на партијата, со која тврдат дека сакале да се испрати политичка порака за незадоволство од правосудството и дека во следниот период, ако ја освојат власта, нема да се откажат од реформите во оваа област.

Според духот на кажаното од Заев, од моментот на усвојувањето на новиот Закон за ЈО (со што се распушти Парламентот),  целата одговорност натаму е на судиите и на обвинителите. Но, токму тука лежи и извртувањето на вистината што се забележува од една конкретна реченица на лидерот на партијата: Сите предмети (на СЈО – н.з.), ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки“. Зошто е ова извртена вистина?

 

И ЗКП (ТРЕБА ДА) ГАРАНТИРА ФЕР ПОСТАПКИ

Прво, не може политичар (од извршната власт), да гарантира дека ќе има фер и транспарентна постапка за предмети од СЈО, само врз основа на законско решение. На пример, и досега одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП) од 2013 година требаше да се гарант за фер и транспарентни постапки, а јавноста сведочи за безброј нефер и нетранспарентни постапки, за неказнивост и за бавна правда.

Второ, самиот законодавец – Владата како предлагач и Парламентот како пропишувач на Законот,  во член 110 ја поставил дилемата. Таму, во тој член се наведува како ќе се постапува со докази за предметите преземени од СЈО до 30.06.2017,  а како после овој датум при оформени обвиненија или истраги, како и за предистрагите. Читајќи го членот сосема е јасно дека едни предмети имаат еден третман, други друг, трети трет, односно за првите се признаваат „бомбите“ за докази, за вторите само како индиции, а за предистрагите не се ни дозволени.

Во јавноста веќе се изнесени ставови на правници и адвокати дека со тоа има различни постапки за потенцијални сторители на кривични дела, односно нееднаквост на постапките, што пак, е против уставното начело за еднаквост на граѓаните пред законите. Вистина е дека оваа одредба е ставена во Закон за ЈО, а не во ЗКП, но секако произведува едни правни последици за едни, а други, за други обвинети или осомничени.

Експремиерот, на пример, не би требало да знае какви сè докази има обезбедено во „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се покренати после 30.06.2017, па да тврди дека и без „бомбите“ ќе има доволно собрани докази за да се поткрепи обвинението, а зборуваме за финансирање на партијата и за перење пари од страна на обвинети (нај)функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Зашто, според овој законски член – 110,  прво што ќе се направи во судница за Талир 1 и Талир 2, ќе биде барање за вадење на снимките од листата на докази во постапката.

Второ, обвинетите во другите предмети покренати во суд пред тој датум, ќе се чувствуваат онеправдани затоа што во нивните предмети и нелегално прислушуваните материјали се признаваат како доказ. Експремиерот Заев, на пример, не би требало да знае дали во истрагите или во обвиненијата после 30.06.2017, за прекинатиот попис, каде е вмешан Али Ахмети, за случајот каде е вмешан Бујар Османи, за случајот каде е вмешан Антонио Милошоски, итн., има доволно други докази собрани врз бомбите како индиции, или нема, па во нефер постапка ќе бидеме сведоци на нови случаи на неказнивост. Бројни се прашањата што се редат, вклучително и тоа, што ќе се случи со овие предмети кога ќе завршат, а ќе дојдат на оценка на законитоста пред Врховниот суд или пак пред судот во Стразбур.

Оттука, навистина наликува на извртување на вистината дека „сите предмети ќе имаат правна разрешница во фер и транспарентна постапка“, односно ова тврдење може да се оцени како спин.

 

КАДЕ ИСЧЕЗНА БАРАЊЕТО ЗА „АВТЕНТИЧНОТО ТОЛКУВАЊЕ“?

Сето ова произлегува од една друга работа која Парламентот и Владата можеа, а не ја решија. Имено, ваквиот сегментиран пристап во постапките за предметите од СЈО е директна последица и наликува на реалноста што се создаде после начелното правно мислење на Врховниот суд за предметите од СЈО, а по барање на двајца адвокати вмешани во конкретен случај инициран од СЈО. Какви последици имаше и ќе има тоа начелно мислење донесено на 30.01.2019 г, може да се види од насловите на медиумите и од подоцнежните одлуки на Врховниот суд во два наврати.

Иако, на 13.02.2019 година Јавниот обвинител Љубомир Јовески побара од Собранието автентично толкување на член 22 Законот за СЈО, со цел да се анулира мислењето на Врховниот суд, Собранието и Владата никогаш не постапија по ова барање и никогаш не донесоа автентично толкување. Начинот на кој ова барање исчезна од институциите бил од интерес за „Вистиномер“ и  за тоа е веќе пишувано (види тука под поднасловот „Контекст „автентично толкување“ за СЈО).  Тогаш, Љубомир Јовески имаше оценка дека Врховниот суд „излегол од рамките на своите законски овластувања и создал правна несигурност“.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.