Заев не рече дека Србија е виновна што нема вакцини
Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири невистини дека премиерот Заев рекол: „Не сум крив што нема вакцини, виновна е Србија“. Но, наспроти ваквите наводи, во целосната изјава на Заев воопшто нема вакво или било какво друго обвинување. Напротив, тој кажува дека српските власти сакаат што поскоро да ја направат донацијата, дури упатува и пофални зборови кон нив
Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири невистини дека премиерот Заев рекол: „Не сум крив што нема вакцини, виновна е Србија“. Но, наспроти ваквите наводи, во целосната изјава на Заев воопшто нема вакво или било какво друго обвинување. Напротив, тој кажува дека српските власти сакаат што поскоро да ја направат донацијата, дури упатува и пофални зборови кон нив
Сензационалистички и неточен наслов е главната карактеристика на овој медиумски напис и постот кој произлезе од него. Во нив се спинува изјавата на премиерот, Зоран Заев за српската донација на вакцини и со тоа се манипулира јавноста.
Првата пратка на вакцини во државава пристигна од соседна Србија. Беше најавено дека треба да пристигне на 11 февруари, но пристигнувањето се одложи за 14 февруари поради проблеми со техничката документација.
На 12.02.2021 г., на новинарско прашање зошто е одложено пристигнувањето на српската донација на вакцините Фајзер, Заев дава објаснување од кое никако не може да се изведе заклучок дека тој на каков било начин ја обвинува Србија за одложувањето.
Но, насловот, а и воведот на текстот што е предмет на оваа рецензија, го тврдат спротивното. Сензационалистички и тенденциозно, насловот на текстот е изваден од контекст и тврди дека Заев рекол дека тој не е крив што нема вакцини, туку дека за тоа е виновна Србија.
Тој не чувствува вина што македонските граѓани се единствени во регионот и меѓу ретките во светот кои останаа без вакцини. Напротив, за тоа ја обвинува Србија, пишува во текстот.
Како прво, воопшто не е точно дека „македонските граѓани се единствени во регионот и меѓу ретките во светот кои останаа без вакцини“. Во Албанија, на пример, Јуроњуз во написот од 12 февруари јавува дека „Украина, БиХ, Косово и Северна Македонија се меѓу земјите кои сè уште се со празни раце“, а за Албанија се вели дека до 11 февруари има добиено само 1.000 вакцини. На глобално ниво, пак, Националното јавно радио (NPR) од САД, повикувајќи се на податоци од УНИЦЕФ, јави дека 130 земји „допрва треба да администрираат една единствена доза“ од вакцините против ковид-19, што значи дека дури две третини од вкупно 193-те земји членки на Обединетите нации сè уште немаат почнато со вакцинација.
Наспроти наводите за обвинување на Србија, во целосната изјава на Заев, која повеќето медиуми ја пренесоа коректно, воопшто нема такво нешто. Напротив, тој кажува дека српските власти сакаат што поскоро да ја направат донацијата, дури упатува и пофални зборови кон нив.
Прво се работи за подготовка на техничката документација од „Фајзер“ кон Србија за реекспорт, или за реплаќање или донација од Србија. Целта е да стигнат овие, прво 4.000 вакцини, па после и другите 4.000 вакцини тука. Се работи на документацијата. Раководството на Србија, претседателот Вучиќ, премиерката Брнабиќ сакат час поскоро тоа да го направат. Затоа вака излегоа со најава. Се трудат. Првиот дел беше договорот во кој се забранува реекспорт, односно репродавање на друга земја, па одлучија да го донираат ова. Само да почне целиот процес и да помогнат на пријателска Северна Македонија, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање
Тој никако не вели дека Србија е виновна, како што тврди втората половина од насловот, ниту, пак, се иззема себеси од одговорност како што тврди првата половина од насловот.
Во новинарството, кога во наслов стои нечие име, па две точки, па одредена изјава, тогаш станува збор за директно цитирање на нешто што го кажало тоа лице. Така што, овој наслов ја измамува јавноста кога тврди дека Заев рекол: „Не сум крив што нема вакцини, виновна е Србија“, бидејќи тоа не е ни приближно вистина.
Објавата на овој текст на официјалната Фејсбук страница на медиумот доби прилично големо внимание од речиси 470 интеракции (реакции, споделувања и коментари). Речиси сите корисници кои искоментирале на оваа објава се измамени од лажниот наслов. Поголемиот дел од коментарите се со навредлива содржина, а има и такви полни со говор на омраза.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар