Заев тврдеше: И да нема датум за преговори, нема да има предвремени избори – па се премисли

Фото: Принтслрин vlada.mk

 

По  лидерската средба што се одржа во Вилата Водно, на иницијатива на претседателот на државата, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, меѓу другото, даде и недоследна изјава дека за шест месеци ќе се одржат предвремени парламентарни избори, којашто ја сметаме за недоследна:

Имаше точка за дискусија околу лидерството на државата после историската грешка од Брисел… Втората точка беше предвремени парламентарни избори. Како предлог го дадовме 22 или 29 декември да одиме веднаш на избори и брзо во еден период кога нема ништо драматично ќе може народот да си го каже својот став. Имаше реакција дека нема 100 дена Влада, па потоа предлози 29 март, 12 април, 29 април. Постигнавме консензус за изборите да бидат на 12 април 2020 година.

[Извор: МКД; датум: 20.10.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на Владата, Зоран Заев  вчера (20.10.2019) по состанокот на политичките лидери кај шефот на државата, објави дека ќе има предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април идната година. Оваа изјава на премиерот е недоследна во однос на неговиот став искажан на 15.10.2019 г, три дена пред Самитот на Европската унија во Брисел, кога јасно соопшти дека „и да нема датум за преговори, нема да има предвремени избори“.

На прес-конференцијата во Владата, која се одржа на 15 октомври (пред неговото заминување за Австрија, а оттаму за Брисел), премиерот исклучи каква било можност да бидат организирани предвремени избори доколку, сепак, Македонија не добие датум.

Во услови во кои ние сме земја во која нема алтернатива за НАТО и за ЕУ, политичарите се минливи и менливи, но предвидливоста на стопанството треба да се остави до крај на мандатот. Редовност на изборите е редовност на општеството. Обезбедувањето предвидливост на стопанството е важна работа, па според мене, на нашата земја ѝ требаат редовни избори. И на крајот на октомври за мене се редовни избори, изјави Заев.

Премиерот уверуваше дека Владата не размислува за предвремени избори и на 12 октомври (2019) при посетата на индустриската зона „Новини“ во кумановското село Речица.

Како прво не се размислува поради тоа што не размислуваме дека ќе имаме негативна одлука. Второ, мислам дури и да се добие негативна одлука дека не треба да се оди на избори заради тоа што треба да се искористи периодот до редовните избори, бидејќи е економски драгоцен за целата трансформација што ни се случува, рече Заев.

Наспроти ваквите уверувања, сепак, Заев го смени ставот за предвремените избори откако изминатиот петок во Брисел не беше донесена одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Тој вчера доцна попладнето соопшти дека во април (2020) ќе има вонредни парламентарни избори, став кој го сметаме за недоследен.

Од друга страна, интересно е и тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 17.10.2019,  кога веќе стана јасно дека ќе извисиме за датумот, од партиската кампања во Гевгелија („Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“) најави дека опозицијата излегува на улиците и плоштадите. Мицкоски тогаш рече дека како партија му дале шанса на процесот и рече дека  „17 октомври е денот кога завршува концесијата, ден кога завршува трпението на ВМРО-ДПМНЕ“ и дека ги повикува „сите да се придружат за да изгрее вистинското сонце на слободата во Македонија“.

Од денеска за опозицијата 24 часа на ден домот ќе биде плоштадот, улицата, вратата на нашите соседи и нашите сограѓани ширум целата Македонија. Сите сме ние денес иста генерација и делиме иста судбина. Од денеска започнува последната пресметка, од денеска ја најавувам големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, рече Мицкоски.

Но, вчера по средбата кај претседателот Пендаровски на која се договори датумот за избори, тој воопшто не ги спомена уличните протести.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.