Загубите на вода во скопскиот водоводен систем лани биле минимално намалени (инфографик)

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Скопје лани успеало само минимално да го намали годишниот процент на неприходувана вода. За една година, нефактурираната вода во скопскиот водоводен систем опаднала за само 0,55 отсто, и тоа од 62,93 отсто на 62,38 отсто. Генерално земено, екипите на ова јавно претпријатие успеале да ги намалат физичките губитоци на водата за пиење во цевките, но и нефактурираната легална потрошувачка на вода (полевање на јавни површини, вода за фонтани, јавни тоалети и слично).

И покрај ова, главната причина за минималното намалување на неприходуваната вода за пиење лежи во ланскиот пораст на дивите приклучоци и неточноста на водомерите и грешките при ракување со податоци, покажуваат Годишните извештаи на ЈП „Водовод и канализација“ за 2018 и 2019 година. Имено, изгубената вода за пиење од дивите приклучоци во 2019 година пораснала на 3.753.660 метри кубни вода, наспроти регистрираните 3.529.900 метри кубни измерени во 2018 година. Ваквиот пораст се должи на крадењето вода од скопскиот водоводен систем од страна на несовесните граѓани.

Минималното намалување на физичките губитоци на вода во Скопје во минатата година не може да го покрие алармантниот податок за количеството на изгубена вода за пиење. Имено, количеството на вода за пиење што се губи поради физичките губитоци на вода во Скопје за една година е еднакво на вкупното количество на вода што се произведува во кумановскиот, прилепскиот и кичевскиот водовод заедно во текот на една година.

Процентот на неприходувана вода во скопскиот водоводен систем е близок до националниот просек за сите општини. Сепак, она што треба да загрижува е токму процентот на неприходувана вода измерен на национално ниво. Во Македонија, процентот на фактурирана вода што се наплаќа од крајните корисници е всушност помал од измерената неприходувана вода, која што се смета како губиток на вода за самите јавни претпријатија и водоводните системи. Ова е поразителен факт, особено за земја како нашата, која што редовно се соочува со суши во летниот период и е подложна на негативно влијание на климатските промени.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во минатогодишниот извештај посочуваат дека набавиле теренско возило и најсовремена опрема за истражување и откривање на дефекти во водоводната мрежа, а биле формирани и обучени екипи што ќе работат на намалување на физичките губитоци на вода во наредниот период.

 

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција