Захарова со наративи полни со дезинформации ја учи Европа за демократија и безбедност
Реакцијата на Борел за апсењето на американскиот новинар во Санкт Петерсбург, како и проширувањето на НАТО со Финска и напорите истото да го стори и Шведска, Москва преку портпаролката Марија Захарова го искористи да упати два дезинфо наративa до Европа со кои ја учи на демократија и ја заплашува дека поради делувањето на САД повторно ќе биде „колатерална жртва“
Реакцијата на Борел за апсењето на американскиот новинар во Санкт Петерсбург, како и проширувањето на НАТО со Финска и напорите истото да го стори и Шведска, Москва преку портпаролката Марија Захарова го искористи да упати два дезинфо наративa до Европа со кои ја учи на демократија и ја заплашува дека поради делувањето на САД повторно ќе биде „колатерална жртва“
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова во само неколку дена испорача до Европа две „едукативни“ пораки кои имаат за цел да ги „опаметат“ земјите од континентот – и оние кои припаѓаат и кон ЕУ и кон НАТО, но и другите кои сè уште не се членки на едниот или другиот сојуз.
Двете пораки беа пренесени во македонскиот медиумски простор, а бидејќи спаѓаат во класичните руски дезинфо наративи, тука накратко ќе бидат посочени и обработени.
Првиот случај беше на последниот ден од март, а прашањето на интерес беше од типот кој е поголем демократ? Имено, на реакцијата на вториот човек на ЕУ, Жосеп Борел кој во името на ЕУ го осуди чинот на апсење на новинарот на „Волстрит Журнал“, Еван Гершкович во Санкт Петерсбург, Захарова преку Телеграм, како што пренесоа медиуми од земјава, му испрати порака на Борел, а со тоа и на целата ЕУ со зборовите:
Застани зад своите зборови, Жосеп, заземи се за Џулијан Асанж и Марат Касем. Чисто за рамнотежа.
Станува збор во првиот случај за коосновачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој последните неколку години е во затвор во Велика Британија и води правна битка да не биде испорачан на САД, кои го бараат за велепредавство поради објава на повеќе стотици илјади доверливи документи од американските институции за нивното политичко и воено дејствување низ целиот свет. Во вториот случај станува збор за Марат Касем, уредник на литванското издание на онлајн агенцијата „Спутник“, пропагандна алатка на Кремљ за информативна војна во трети земји и кој во јануари годинава беше уапсен и е во притвор во Литванија.
Захарова, иако на крај на пораката вели „чисто за рамнотежа“, всушност се користи со познатата алатка „вотабаутизам“ („whataboutisim“), чија крајна цел е на нападот да одговори со контра прашање од типот „а што правите вие“.
Ова е познат дезинфо наратив од страна на Москва кој може да се следи последните неколку години, но особено беше активно користен од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари минатата година и што беше забележано и во анализите на дезинфо наративите на Москва уште во октомври лани.
Имено, во оправдувањето на своите постапки кои се недемократски и нелегални, Москва користи примери од пред повеќе децении, па така инвазијата и анексијата (на делови) на Украина ја оправдува со бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година, со состојбата на Косово по таа војна, со дејствувањето на САД во Ирак, Либија, Сирија, итн. Всушност како што забележал „Вистиномер“ во споменатата анализа, Москва ја користи оваа алатка со споредба со Косово уште од 2014 година од анексијата на Крим. Користењето на ваквиот наратив е обработен и во друга анализа на „Вистиномер“ објавена во ноември 2022 година, како и во оценка на вистинитост на истиот наратив што беше упатен преку соодветна порака од руската амбасада во Скопје.
Така е и во овој случај – апсењето на американскиот државјанин и новинар на Волстрит Журнал во Санкт Петерсбург, наместо со детални појаснувања, од Москва се оправдува со Асанж или Касем, де факто со порака „и вие тоа го правите“, демек немате право да зборувате за уапсениот американски новинар или за загрозени слободи на медиумите и новинарите.
Проширувањето на НАТО ја правело Европа небезбедна
Вториот случај на користење на класичен дезинфо наратив е предизвикан од приклучувањето на Финска на НАТО како 31-ва земја членка на воената алијанса.
Захарова, преку државната агенција ТАСС влезот на Финска во НАТО и напорите на Шведска да го стори истото, го искористи да испрати порака дека овие европски земји сега станале небезбедни и дека за тоа се виновни САД. Посочувајќи дека „Америка долго време „промовира сè што ја уништува европската безбедност“, таа заклучува дека истото се однесува и на Финска и на Шведска:
Тоа се случи со Северна Европа. Неутралноста на тие земји им гарантираше „аура на безбедност“ долги години. Со потегот тие (Финска) да влезат во НАТО, оваа ера заврши, рече Захарова, а беше пренесено во дел од македонските медиуми.
Ваквата изјава која е екстензија на првичната руска оценка дека „ќе има соодветен одговор“ по влезот на Финска, всушност е дел од наративот дека НАТО е виновен за војната во Украина, дека во заднина стојат интересите на САД и дека најголема жртва всушност ќе бидат земјите од Европа, кои се колатерална штета на спроведување на американските интереси. И овој наратив беше обработен од „Вистиномер“ уште минатата година во октомври.
Де факто, слабоста и ранливоста на Москва на овој наратив е во самиот факт што засилувањето на вооружувањето на НАТО во Европа, како и самото проширување (со Финска и со барањето на Шведска), доаѓа како директна последица на инвазијата на Русија врз Украина.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар