Закон за социјално претприемништво сѐ уште не е донесен

Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе го усвоиме законот за социјално претприемништво преку кој ќе го олесниме пристапот до пазар на труд за социјално ранливи категории на граѓани. Социјалните претпријатија ќе нудат можност на ранливите групи да управуваат со претпријатието, да донесуваат одлуки за управување со остварените приходи и нивното инвестирање во социјални цели.

[Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“ – стр. 217, датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ не го оствари ветувањето дека за шест месеци од изборот на Владата ќе го усвои законот за социјално претприемништво, преку кој беше планирано да се олесни пристапот до пазарот на труд на социјално ранливите категории на граѓани (бездомни лица, лица со попреченост /со лесна до умерена ментална попреченост и помал физички инвалидитет, поранешни штитеници на казнено поправни домови, поранешни корисници на дрога и психотропни супстанци, социјално загрозени семејства и др.).

Ова ветување партијата го даде во 2016 година во програмата за предвремените парламентарни избори „Планот за живот во Македонија“ – План 180° итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци.

Причина поради која требаше да се донесе закон со кој ќе се регулира социјалното претприемништво , како што беше најавено, беше да се овозможи овие претпријатија да функционираат според полесни критериуми од другите претпријатија, а нивните производи да се најдат на домашниот пазар. Во земјава, според последните податоци, работат десетина вакви претпријатија формирани од невладиниот сектор, кои функционираат според актуелните закони.

На законско решение работеше и претходната Влада, за што потврди во изјава од ноември лани и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, но законот сѐ уште не е подготвен.

Како министер наследив неколку нивоа на разработен текст на закон со различни форми на понуда. Сега ги разгледувам и размислувам дека ако досега се размислуваше на социјалните претпријатија како можност за отворање нови работни места за лица во социјален ризик, сметам дека треба да го прошириме нивото на овој закон и да го прошириме по можност и за воспоставување на плурален систем на социјална заштита. ( Царовска).

Царовска тогаш најави дека се подготвува драфт верзија на закон за социјално претприемништво за кој ќе биде спроведена широка консултација со цел во него да бидат вклучени и забелешките и сугестиите на НВО-секторот и искуствата и барањата на социјалните претпријатија кои работат во земјата.

Цароска тогаш најави дека законот е можно да се усвои кон крајот на 2018 година или во 2019 година, оти како што изјави, не е лесно да се донесе ваков закон без да се подготви стратегија а тоа.

Затоа размислуваме и како Министерство и како Влада да создадеме „еко простор“, во кој социјалните претпријатија ќе бидат безбедни. Важно е и владата и локалните самоуправи да размислуваат како да бидат купувачи на услугите и производите, се она што ќе речеме дека е направено во однос на социјалните претпријатија, или она што тие го нудат. ( Царовска).

Во декември лани на Националниот електронски систем на прописи (ЕНЕР) беше објавен Годишниот план за спроведување на проценка на влијанието на регулативата за 2018 година на Министерството за труд и социјална политика, во кој е содржана подготовката на закон за социјално претприемништво со основна цел:

Воспоставување на посебна форма на социјални претпријатија кои ќе спроведуваат економски активности под одредени услови на работење , како и професионална рехабилитација и поддршка за вработување на маргинилизирани групи на лица, при што примарна цел на социјалните претпријатија е зајакнување на социјалната кохезија и солидарноста, како и зајакнување на капацитетите за иновации во различни економски сектори и општествено корисни подрачја. При тоа остварениот профит ќе се реинвестира наменет за конкретна општествена промена.

Оттогаш досега, ниту во медиумите, ниту пак, на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика има информација во врска со донесувањето на ваков закон. Останува само најавата на министерката Царовска дека законот може да биде донесен до крајот на оваа или следната година.

Според тоа, ако се имаат предвид дадените рокови на СДСМ во „Планот за живот во Македонија“ за донесување на законот – шест месеци по изборот на Владата, може да се заклучи дека ветувањето оти ќе биде усвоен законот за социјално претприемништво преку кој ќе се олесни пристапот до пазар на труд за социјално ранливи категории на граѓани не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција