Кој го кочи давањето информации од јавен карактер?

Фото: pixabay.com

Од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, велат дека Законот не дозволува да се казнуваат службениците кои кријат информации од јавен карактер. Оттаму нагласуваат дека заради законските ограничувања може да ги казнува само назначените лица за посредување при остварување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но не и оние кои не даваат информации. Според Герман Филков од Центарот за граѓански кумуникации, најголеми кочничари на давањето на информации од јавен карактер се лицата кои се назначени за посредници за слободен пристап до информациите од јавен карактер

Од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, велат дека Законот не дозволува да се казнуваат службениците кои кријат информации од јавен карактер. Оттаму нагласуваат дека заради законските ограничувања може да ги казнува само назначените лица за посредување при остварување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но не и оние кои не даваат информации. Според Герман Филков од Центарот за граѓански кумуникации, најголеми кочничари на давањето на информации од јавен карактер се лицата кои се назначени за посредници за слободен пристап до информациите од јавен карактер

 

Пишува: Горан Лефков

 

Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер е со врзани раце. Со Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер од 2019 година (со кој Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите е трансформирана во Агенција), предвидени се прекршочни одредби за одговорното лице на имателот на информациите од јавен карактер, само доколку не назначи службено лице за посредување со информации од јавен карактер.

Постапката за добивање на информациите е следна. Кога граѓанин ќе испрати барање за слободен пристап до информациите од јавен карактер до некоја институција, тоа барање го презема, заведува и архивира посебен вработен назначен за оваа постапка и го упатува до секторот за каде е наменето барањето за информациите од јавен карактер.

Ако во една општина лицето одговорно за посредување за добивање на информации од јавен карактер ги нема, да речеме, податоците за урбанизам, се обраќа до надлежниот сектор. Надлежниот сектор или молчи или не му ги дава точните податоци, а службеното лице нема што да направи понатаму. За жал во Законот нема одредби со кои би можеле да ги казниме тие лица кои го попречуваат остварувањето на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, вели Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Таа додава дека доколку министерот не сака да ги даде податоците, немаат законска можност да поведат постапки, против, министри, директори, градоначалници итн…

Некои од граѓаните кои често бараат податоци од институциите, сметаат дека назначените лица треба повеќе да се борат за остварување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во врска со ова Герман Филков, основач на Центарот за граѓански кумуникации, кој учествувал на јавната расправа за донесувањето на овој Закон, вели:

Намерно во Законот е ставено само службените лица за посредување да можат да бидат казнувани, за да се изборат да добијат обвластувања тие да ги потпишуваат решенијата за одговорите на барањата. Според мене, ова е исправната верзија. Комисијата има можност да ја казни институцијата. Но, за жал ваквата состојба им служи на едни да се оправдуваат со други.

Тој додава дека најголеми кочничари на давањето на информации од јавен карактер се лицата кои се назначени за посредници за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Искуството, пак, на Агенцијата е поинакво.

Во 99 отсто од случаите, службените лица докажуваат дека направиле сè за да се обезбеди информацијата, меѓутоа, раководните и одговорните лица во институцијата се тие што го оневозможуваат пристапот, нагласува Бојчева.

Во 2020 година беа спроведени 10-тина прекршочни постапки, а во текот на 2021 година беа спроведени 342 прекршочни постапки. Најголем дел од прекршочните постапки беа против службените лица кои не доставиле годишни извештаи.

 

Слободниот пристап до јавните информации, моќна алатка против дезинформациите

Најдобриот начин да се бориме против дезинформациите, лажните вести и останатите форми на злоупотреби на информациите, е користењето на Законот за слободен пристап до информциите од јавен карактер.

Слободниот пристап до информациите од јавен карактер е многу моќна алатка за борба против, лажните вести, дезинформациите и спиновите. Тоа е како двата таса на вагата. Ако имаш повеќе веродостојни и точни информации на едната страна, ќе имаш многу помалку лажни информации на другата страна, и обратно. Навремената и точна информација е најголем борец против дезинформацијата. Дезинформации има кога нема квалитетни информации, вели Филков.

Тој додава дека квалитетните јавни информации во многу голема мера ќе го стеснат просторот за корупција.

Со ова се согласува и истражувачкиот новинар, Владо Апостолов. Во својата секојдневна работа тој често го користи Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Поентата е да стигнеме до ниво на свест на кое ќе биде срамота ако некој службеник или цела институција крие податоци,  односно да се подигне свеста за тоа колку е важна транспарентноста. А, како можеме ние како новинари и како медиуми тоа да го постигнеме? Само со постојано потенцирање на важноста од транспарентни институции, постојано да ѝ објаснуваме на публиката зошто е важно да се добијат податоците што се кријат и да ја придобиеме јавноста на наша страна. Потоа притисокот на јавноста сам ќе си ја заврши работата, смета Апостолов.

Се чини дека оваа Агенција е една од посветлите точки во системот за борба против корупцијата. Фактички таа и Антикорупциската комисија се превентивните институции на системот за борба против корупција.

Во последните неколку извештаи на ЕК за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, нема забелешки на адреса на Агенцијата, за разлика од пред 7 години кога во овие извештаи се забележуваше за неказнивоста на лицата и институциите кои не даваат информации. Но, сега таа пракса е променета.

Годишно добиваме од 7.000 до 9.000 барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Минатата година имаме над 9.000 поднесени барања. Околу 10 отсто од барањата се обжалувани кај Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, односно околу 800 жалби годишно, вели Бојчева.

Таа додава дека во работата ѝ смета тоа што нема добри решенија кај прекршочните одредби.

Треба во Законот да се даде можност прекршочно да се гонат и одговорните и именуваните лица, не само посредниците за слободен пристап до информациите од јавен карактер. За да можеме ние како Агенција да постапуваме, ни треба соодветно законско решение, инаку ќе ни паднат во вода нашите решенија на суд, како што претходно паднале на Комисијата, додава Бојчева.

Заради ваквите решенија често се и тужени. Така во 2021 година против нив на суд се поднесени 9 тужби.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција