Законот што забранува нови „бомби“ лесно ни пролета пред нос

Чепкање таму каде што не треба: контраверзен закон со сомнителна уставна подлога. Фото: pixabay

Шокирани од првобитниот предлог што беше поднесен од пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски – предлог-закон за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите, со олеснување ја примивме неговата рестриктивна верзија, заборавајќи да видиме во него важни „детали“. Тие, меѓу другото, секако ќе им го загорчуваат животот на новинарите, а функционерите ќе ги сведат на – супер заштитен плебс.

 

Шокирани од првобитниот предлог што беше поднесен од пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски – предлог-закон за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите, со олеснување ја примивме неговата рестриктивна верзија, заборавајќи да видиме во него важни „детали“. Тие, меѓу другото, секако ќе им го загорчуваат животот на новинарите, а функционерите ќе ги сведат на – супер заштитен плебс.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Еден од законските проекти кој битно го поремети нормалното спроведување на „пржинскиот распоред“, практично и сите процеси на политичка транзиција во земјава под меѓунaроден надзор, е актуелниот Закон за заштита на приватноста. Да се потсетиме во една-две реченици: група пратеници од владејачкото мнозинство поднесоа предлог-закон за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите, по скратена постапка. Во образложението на предлог-законот се посочи дека неговата цел е утврдување на кривична одговорност на лицата кои ќе ја повредат со Устав загарантираната слобода на граѓаните, a законот ќе придонесе за неповредливост на сите облици на комуникација на граѓаните.

Имаше бурни реакции и од опозицијата и од пошироката јавност на оваа – најпрвин – груба интервенција во редоследот на работите во Клубот на пратениците, па содржината на законот ја замени започнатата расправа за медиумските реформи, многу битни (и денес нерешени) за да имаме фер, демократски избори. Во тој предлог-закон беа предвидени драконски казни (од 4 до 10 години затвор) за оние кои ќе користат такви материјали стекнати со нелегално прислушување.

Реакциите и дома и однадвор во однос на овој законски предлог дадоа ефект со промена на понудениот текст – тој доби и ново име: Закон за заштита на приватноста. Беше усвоен на 75.та седница на Собранието на РМ.

 

ШТО СО ПРИСЛУШКУВАЊЕТО НАДВОР ОД БОМБИТЕ?

Од законот е видливо дека тој не се однесува само на т.н. бомби кои се објавени до 15 јуни минатата година. Сето друго како материја е негово „широко поле“. Поводот за проектот на пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски (кои потоа обезбедија 20 потписи од сопартијците), беше насочен кон објавените т.н. „бомби“ на опозицијата, бидејќи, веројатно, е констатирано дека е тешко „да се враќа духот во шишето“ кога тој е пуштен низ вода, но останува доста тврдиот став кон користењето на прислушувани материјали од било кој случај во еден релативно широк временски дијапазон од осум години.

Дали тоа значи дека ако произлезат некои сознанија после оваа актуелна хаотична ситуација пред и, секако, после изборите што претстојат, кога тие и да се случат (да речеме во обработката и судењето по повод прислушкуваните разговори, односно „бомбите“ во текот на постапките на специјалниот обвинител), ќе има рестрикции и новинарите ќе се најдат на „минско поле“? Што со прислушуваните разговори надвор од бомбите, бидејќи во оваа држава луѓето со кои разговаравме, сите до еден, имаат чувство дека и натаму безобразно се прислушкувани (новинари, политичари, невладини активисти), а да не говориме за 20.000 граѓани кои биле прислушкувани најмалку осум години. Која ли е таа комбинација на разговори?!

Така, останува дилемата дали ако изборите се одложат, тоа значи дека заинтересираните не ќе можат да ги користат материјалите добиени од т.н. нелегални прислушкувања во предизборна кампања, која е започната одамна?

Понатаму, во врска со овој закон е споменато изјаснување за него од страна на Венецијанската комисија. Не е познато дали таа се изјаснила, (тоа никој не го потврдува), но ако се изјаснела, секако ќе се дознаело!? Колку тоа мислење може да ја измени содржината на Законот?

Но, да го видиме законот „одблизу“.

Во Законот за заштита на приватноста (Сл.весник 196 од 10.11.2015 година), во членот 1 се утврдува дека тој се однесува на „заштита на приватноста на граѓаните….во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во период од 2008 до 2015 година“ (Член 1/став 1). Во ставот 2 од Законот се кажува дека ако тие материјали се однесуваат на приватни работи на граѓани забраната е генерална, а во став 3 дека Законот се однесува и на користење на било кој начин (поседување, јавно објавување, обработка и располагање) во изборни цели!

Во членот 2 се вели дека оној кој поседува вакви материјали 20 дена од денот на влегување на Законот во сила, треба истите да ги предаде на јавниот обвинител. (Тој рок е истечен некаде една недела пред новата 2016 година!).

Во член 5 се вели дека надлежниот суд е должен да ја почитува Европската конвенција за човековите слободи и права и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Во членот 6 се вели дека Законот не се однесува на веќе објавените материјали заклучно со 15 јули 2015 година.

 

ЗАКОН КОЈ НЕ Е ВО СОГЛАСНОСТ СО ЕВРОПСКИТЕ ПОИМАЊА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Адвокатот Филип Медарски замолен за коментар за „Вистиномер“, изјави дека  новиот Закон (за заштита на приватноста) многу се разликува од претходниот, што го смета за успех на преговарачите. Но, додава, дека во завршните одредби не се нашла препораката на преговарачите, ставањето на законот во сила да може да се случи дури кога тој ќе ја мине Венецијанската комисија. Таа, имено, требало да оцени дали е тој усогласен со европските погледи на заштитата на човековите права и на улогата која медиумите треба да ја имаат во општеството.

Бидејќи во завршните одредби нема таква одредба, таа станува колоквијална и формално не може да биде пречка за функционирање на законот. Впрочем, колку што ми е познато и не е донесен став на ова тело – вели адвокатот Медарски за „Вистиномер“.

Професорката Мирјана Најчевска оценува дека „тоа што еден закон се повикува на оваа конвенција, па дури и во текстот ја спомнува конвенцијата, воопшто не значи дека законот навистина произлегува и се базира на вредностите на оваа конвенција. Напротив, овој закон во ниту еден свој дел нема врска со Европската конвенција за човековите права и со вредностите што таа ги застапува“.

Сето ова мора да стане дел од анализите и од интересот на медиумите доколку не сакаат во одреден момент да се најдат во стапицата на еден противречен и недоречен закон или, уште полошо, во стапицата на самоцензурата базирана на незнаење – оценува професорката во пошироката анализа „Закон за заштита на приватноста: Кога Уставот ќе стане „тоалетна хартија“ која е објавена и во „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ).

Мора веднаш да се каже дека, иако навидум добивме нов и „мек“ Закон за заштита на приватноста место оној стариот, со долг наслов и тешки казни (дел од предлогот мина како дополнение на Кривичниот закон), ама некако тензијата кај новинарите и другите јавни личности се спушти и тоа остана незабележано.

Членот 151, кој се однесува на неовластеното прислушување и тонско снимање на разговори, а со кои се воведуваат казни затвор од една до пет години и парични казни со зафаќања во годишниот приход ако е сторено од правно лице – давател на телекомуникациски услуги. Со тоа, ова дело станува тешко кривично дело и за него може да се применуваат одредбите од Кривичниот законик и може да се гони по службена должност – вели еден од предлагачите, Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ.

Вториот сегмент од првобитниот предлог-закон за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите премина, како што напоменавме, e со големо видоизменување во Законот за заштита на приватноста.

Џабир Дерала од „Цивил“ оценува за „Вистиномер“ дека овој закон и во финалната верзија го смета за неуставен.

Ние имаме ситуација во која прислушкувања кои се вршени на нелегален начин сè уште не се расчистени на вистински начин, а треба да бидат рестриктивни кон медиумите и граѓанството! Имено, оние кои имале техника тоа да го вршат (прислушувањето) не одговарале за едно незаконско и неуставно постапување, а на нивните постапки треба сите да се прилагодуваат. Нека ги казнат најпрвин оние кои дале налог за снимање, тука не е заштитена приватноста – вели Дерала.

Тој претпоставува дека бил сниман и дека сè уште е сниман и е немоќен, ама на жртвата ѝ се врзуваат рацете, додека кон оној кој врши недозволиво дејствие – очевидно – нема никакви активности. Дерала патем, повикува на граѓанска непослушност кон овој Закон сè додека работите не се доведат во логичен редослед.

 

ФУНКЦИОНЕРИТЕ СЕ ИЗЕДНАЧЕНИ СО ГРАЃАНИТЕ

За професорката Најчевска е нелогично што Законот за заштита на приватноста се однесува само на одреден период! Што со материјалите кои постојат или ќе се најдат за друг временски период? Тие значи може да се објават? Или не може? „Медиумите не ја проблематизираа оваа нелогичност“ – тврди професорката.

Во овој закон нема дистинкција меѓу приватноста на обичните луѓе, граѓаните и политичарите и другите јавни личности, би била една од забелешките. Имено, во Законот стои: „Забраната за објавување важи само за снимки кои се од приватна природа, а под приватно се подразбира објавување нечии семејни и лични односи, религиска или етничка припадност, политичка припадност или здравствена состојба“. „Вест“ ова го прокоментира во стилот дека ова значи забрана за коментирање на нечиј сексуален живот, со доста алузии и со  наслов „Нема бомби за швалерај“, ама тоа сознание допира до некои суштествени работи. Имено, професорката Најчевска, на пример,  смета дека една иста работа, односно активност во одреден случај може да се смета за приватна, а во друг да биде од јавен интерес.

На пример, доколку во некој телефонски разговор станува збор за интимни и сексуални односи, тоа спаѓа во областа на приватноста, меѓутоа, доколку тие интимни и/или сексуални односи се дел од кадровската политика во одредено министерство, тогаш нивното дознавање е од јавен интерес за разоткривање на злоупотреба на должноста, мобинг или вознемирување.

Павле Трајанов и Роза Топузова Каревска од редовите на пратениците, се согласуваат дека Законот за заштита на приватноста е лошо конструиран, конфузен и непрецизен. Трајанов смета дека со него се загрозува слободата на информирање во РМ и побара да не се гласа по него, бидејќи е непотребен, а Топузова Каревска дека треба да се повлече и претходно да се продебатира за решенијата во законот.

Иако поминало доста време од таа дискусија Роза Топузовска Каревска, во телефонски разговор како една од маните на овој закон ни посочи дека го смета тоа изедначување на функционерите и обичните граѓани. Тука сите граѓани, топтан, се изземаат од објавување на поединости, иако се знае дека функционерот, штом се нафатил да врши одредена функција, не може да бара подеднаква заштита како и обичните луѓе, вели таа.

Навистина, во законот се набројува што е тоа приватна работа, ама не се прави дистинкција меѓу вршителите на јавните функции и другите, а многу работи за функционерите не смеат да се тајна. Да се потсетиме на тоа дека здравствената состојба за вршителите на должноста – премиер, претседател на Собрание, претседател на држава, кај нас никогаш не се објавени – ни дали некој врши контрола на важен сегмент од функционалноста на оној кој носи важни одлуки, кога и каде е извршена таа контрола и какви се резултатите! Американските претседатели тоа го прават во точно одредени временски интервали. Дури и маршалот Јосип Броз, колку и да му бараат забелешки за начинот на неговото владеење, секогаш даваше отчет по ова прашање со многу детали за лекарските интервенции кои ги имал во текот на владеењето! Како сега тие сознанија станаа приватна работа?

На прашањето доставено до антикорупционерката Слаѓана Тасева, за тоа како ги оценува одредбите во Законот кои значат доброволно предавање на материјалите кои имаат врска со снимени разговори од страна сите субјекти (па и медиумите) го добивме следниот одговор:

Законот во членот 2 пропишува дека секој кој поседува материјали за кои важи овој закон има обврска во рок од 20 дена по нивното добивање да ги предаде на јавниот обвинител. Неовластеното прислушување и објавување на така стекнатите материјали и до сега беше забрането со Кривичниот законик на РМ (чл.151), но сега со оваа одредба се забранува и самото поседување на материјалите кои произлегуваат од неовластено прислушување. Сепак, имајќи предвид дека казни се предвидени само во случаите кога со материјалите се загрозува личниот и семејниот живот на оние кои се прислушувани, не е јасно како ќе се натераат граѓаните кои поседуваат материјали кои не се со таква содржина да ги предадат истите (на пример, кога содржината на објавениот прислушуван материјал е од поширок јавен интерес).

Исто така, нејасно е зошто материјалите на кои се слушаат гласовите на политичари и бизнисмени вмешани во корупциски скандали, не смеат ниту да се поседуваат, а тоа не важи за оние на кои е сниман секој друг граѓанин. Заострена е и казната за објавување на материјал со кој се повредува личниот и семејниот живот на прислушуваниот (казна затвор до една година, наспроти парична казна или казна затвор до една година според КЗ) -смета Тасева.

Се добива впечаток дека во однос на овој Закон, кој има далекусежни последици, многу работи едноставно ни пролетаа пред носот. Фактот што тој е доста порестриктивен во однос на првобитниот, кој беше шокантен и за нас и за странците, како и дека беше плод на компромис меѓу големите партии, ја затвори можната дискусија. Ама, како што велат велешаните „басмата на Шукаре отпосле отвора“.*

 


*) Во времето пред електричната енергија, кога муштериите пазареле навечер по чаршијата и предметот на трговија го гледале со газиени ламби, немале можност сосема да видат што купуваат. Така се купувала и басмата кај трговецот („Шукаре“). Утредента, на денска светлина им станувало јасно што купуиле, незадоволни со она што им е продадено. Тоа е алузијата, нели и на Законот кој ни мина лесно под носот пред добро да го „намирисаме“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција