Законот за јазиците ќе важи секаде, ама ќе се применува некаде

Дилеми околу службеноста на двојазичноста. Фото: скриншот

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со употребата на албанскиот јазик во Република Македонија, согласно новиот предог-закон за употребата на јазиците, искажа став дека тој нема да се употребува во сите институции на целата територија на РМ, што е само делумно точно

 

Зборувајќи за медиумите по настанот на кој се потпишуваа договорите за поддршка на млади земјоделци во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, ја даде следната изјава, што ја оценуваме за делумна вистина:

Апсолутно нема да има двојазичност на сите институции на целата територија на РМ. Законот за јазиците е согласно Уставот и со него само ќе се унапредат некои практични потреби на граѓаните кои досега не им биле овозможени.

[Извор: ПЛУС Инфо, датум: 25.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со употребата на албанскиот јазик во Република Македонија, согласно новиот предог-закон за употребата на јазиците, искажа став дека тој нема да се употребува во сите институции на целата територија на РМ, што е само делумно точно.

За да го провериме ова тврдење на Заев детално го прегледавме предлог-законот за употреба на јазиците, што е објавен повеќе од еден месец од страна на Министерството за правда, а веќе се наоѓа и во процедура во Собранието на РМ.

Клучни за проверка на ваквата изјава се член еден и два, а потоа и некои други членови од предлог-законот, кој има 25 членови.

Во член 1, став 3 се наведува каде ќе важи овој закон ако биде изгласан:

Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

Како што може да се забележи со широкиот опфат на тоа каде вториот, албанскиот јазик ќе биде служебен исто како и македонскиот, произлегува дека тоа ќе биде на целата територија на РМ.

На такво нешто може да упати и став 3 од член 2 на предлог-законот, каде се набројуваат подетално начинот и во кои институции ќе се употребува албанскиот јазик:

Во институциите од член 1 став (3) од овој закон на државната власт во Република Македонија службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо во: комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи кои што ја сочинуваат државната власт (Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство), Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

 И оттука може да се изведе заклучок дека вториот службен јазик, албанскиот, ќе биде службен на целата територија на РМ.

Но, ако се погледнат некои други членови од предлог-законот, произлегува дека целосната службеност ќе се применува онаму каде што на територијата на единците на локалната самоуправа живеат најмалку 20 проценти од населението што го говорат вториот службен јазик.

Па така, во член 8 од предлог-законот, во став 3 се наведува:

Униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Како што може да се забележи, оваа одредба за униформите и тоа во точно определени јавни служби, се однесува само за Скопје и за оние општини каде најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Во таа насока интересна за анализа е следнава одредба од член 16 во став 1 и став 2:

(1) Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, како и во Скопје се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо како и на јазиците што се општоприфатени од меѓународната заедница.

(2) На граничните премини на Република Македонија и аеродромите кои се наоѓаат на подрачјата каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Ова практично би значело дека инфраструктурните објекти или граничните премини и аеродромите ќе бидат означени во зависност од бројот на населението што го зборува вториот службен јазик, албанскиот, на даденото подрачје (и ова подрачје не е прецизно дефинирано, а можеби е неопходно за да нема забуни). Или, ако граничните премини во југозападна, северозападна и североисточна Македонија ќе бидат означени и на македонски и на албански јазик, тоа нема да се однесува на граничните премини, на пример, во источна Македонија или на југот, на главниот премин кон Грција – „Богородица“.

Иако ове е предлог-закон, во амандманската расправа се чини дека е нужно некои работи да се појаснат, како што е дефиниција на користење на јазикот во полициските овластувања или во здравството.

Поради погоре наведените аргументи, со цитатите од предложеното законско решение кои се јасни и недвосмислени, оценуваме дека изјавата на премиерот Зоран Заев дека „апсолутно нема да има двојазичност на сите институции на целата територија на РМ“,  е делумно вистинита, односно станува збор за половична вистина.

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција