Законот за локална самоуправа наспроти Изборниот законик во случајот со владини повереници

Владата најавува именување на четворица вршители на должност градоначалници во оние општини во кои поради непостигнат цензус изборите ќе се повторат, меѓу кои и во Гостивар. Сегашниот в.д. градоначалник и кандидат што освои најмногу гласови во првиот круг од изборите во Гостивар што не успеаја, Валбон Лимани, тврди дека иницијативата е незаконска и дека ќе поднесе барање за оценка од Уставниот суд.

Владата најавува именување на четворица вршители на должност градоначалници во оние општини во кои поради непостигнат цензус изборите ќе се повторат, меѓу кои и во Гостивар. Сегашниот в.д. градоначалник и кандидат што освои најмногу гласови во првиот круг од изборите во Гостивар што не успеаја, Валбон Лимани, тврди дека иницијативата е незаконска и дека ќе поднесе барање за оценка од Уставниот суд. „Вистиномер“ го провери Законот за локална самоуправа и според него Лимани, се чини, е во право. Но во Изборниот законик има исто така јасна одредба која кажува дека Владата има право да именува повереници онаму каде што изборите не успеале

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Владата има намера да именува владини повереници кои би управувале со четирите општини во кои поради немање излезност од 33,3 отсто во првиот изборен круг, локалните избори беа прогласени за неуспешни и најверојатно во јануари/февруари треба да се спроведат нови. Станува збор за Маврово Ростуше, Врапчиште, Гостивар и Центар Жупа. ДИК меѓутоа сè уште не ја завршила целосната процедура, како што соопштува премиерот Мицкоски, кој изборот на владини повереници го најави и вчера (11.11.2025):

Апсолутно дека тоа ќе го направиме согласно закон, а за тоа да го направиме треба прво да добиеме известување од Државната изборна комисија (ДИК) дека изборите се завршени и дека во тие четири општини изборите се неуспешни и потоа Владата ќе именува, изјави премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Мицкоски, меѓутоа, не прецизираше врз основа на кој закон Владата има намера да именува повереници за овие четири општини. Сепак, со проверка на Изборниот законик може да се утврди дека Владата го има ова право. Во Законикот во член 134 децидно пишува:

(1) Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.

(2) По добивањето на известувањето од ставот (1) на овој член, Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот.

(3) Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереник го известува претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник.

Законот за локална самоуправа му дава за право на Лимани

Од друга страна, в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Валбон Лимани смета дека најавата на Владата за негова смена (и смена на другите) и назначување на владини повереници е незаконска. Своето уверување Лимани го темели на Законот за локална самоуправа:

Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, член 54 и потоа член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник изјави Лимани.

Тој додава дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд со цел да се провери законитоста на најавената одлука на Владата.

Според последната измена на Законот за локална самоуправа во 2024 година, сменет е и членот 54 којшто го регулира престанувањето на мандатот на актуелниот градоначалник. Тука може да се прочитаат сите 6 услови во алинеите од 1 до 6 во став 1 од членот 54.(стр.11 и 12).

Меѓутоа со измените на овој закон во член 4 од 2024 г. е запишано дека доколку некој од градоначалниците поднесе оставка и потоа Советот на општината избере в.д. градоначалник, тој останува до спроведување на новите избори:

(2) Во општина во која заради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон Советот од редот на своите членови има избрано член, кој ќе ја врши должноста градоначалник на општината, со денот на влегување во сила на овој закон избраниот член останува да ја врши должноста градоначалник на општината до изборот на нов градоначалник, избран на првите редовни избори за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Градот Скопје, кои ќе се одржат по влегувањето во сила на овој закон се наведува во ставот два од член 4 на измените. (види тука, стр.2).

Во Законот за локална самоуправа нема прецизирано што во ситуација кога „првите редовни избори“ за членови на советот на општината и за градоначалник нема да бидат успешни. Очигледно има колизија меѓу двата закона. Но, Уставниот суд постапувајќи по поднесени иницијативи за оценка на некои членови од Законот за локална самоуправа и Изборниот законик во 2017 година донел Решение да не поведе постапка. Иако околностите од иницијативите биле различни од сега спомената ситуација во образложението на решението во еден дел се вели:

..само законодавецот има право и во негова надлежност е да ја цени потребата и целисходноста од уредување на определени прашања кои се во духот на непречено функционирање на локалната самоуправа.

Иако ова упатува на Собранието да ја толкува иницијативата на в.д. градоначалникот на Гостивар, останува да се види каква ќе биде разврската овојпат.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција