Замрзнувањето на 3 милиони банкарски сметки во Тајланд беше поради борба против кибер-криминалот
Блокирањето на банкарските сметки немаше никаква врска со воведувањето дигиталниот идентитет или пак со „нема да имате ништо и ќе бидете среќни“, популарна фраза што се вади од контекст. Причината беше исклучиво кибер-криминалот.
Блокирањето на банкарските сметки немаше никаква врска со воведувањето дигиталниот идентитет или пак со „нема да имате ништо и ќе бидете среќни“, популарна фраза што се вади од контекст. Причината беше исклучиво сајбер криминалот. Поради строгите KYC (Know Your Customer) регулативи, сметките со неажурирани пасоши (особено кај странски резиденти) автоматски беа блокирани
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ДАЛИ И НАС МОЖЕ ДА НИ СЕ СЛУЧИ ТАЈЛАНД СО ТРИ МИЛИОНИ ЗАМРЗНАТИ СМЕТКИ НА ГРАЃАНИ??? Нешто тивко застрашувачко се одвива во Тајланд – и речиси никој, надвор од земјата не зборува за тоа. Во текот на изминатите месеци, повеќе од 3 милиони тајландски граѓани се разбудија и открија дека секоја банкарска сметка што ја поседуваат е замрзната. Преку ноќ. Без предупредување, без дадена конкретна причина. Луѓето не можеа да купат храна, гориво или лекови. Банките само рекоа „истражуваат сомнителна активност“. Многумина сè уште не можат да пристапат до своите пари месеци подоцна. Тајланд го претстави истиот систем за биометриска/дигитална лична карта + следење на трансакции што сега се промовира глобално… и тоа веднаш стана најголемото предупредување во реалниот свет што некогаш сме го виделе. Трговците на мало сега одбиваат картички и бараат само готовина. Довербата во целиот систем се распадна. Милиони целосно се повлекуваат од дигиталното банкарство. Вака всушност изгледа кога „нема да поседувате ништо и да бидете среќни“ кога ќе се префрли прекинувачот.
Во склоп на објавата има и видео со содржина дека кога наводно „ќе го имате идентитетот на исто место можете да бидете исклучени“ и тоа се доведува во корелација со дигиталниот идентитет.
Во август 2025 година Централната банка на Тајланд (Bank of Thailand – BoT) не ги замрзна сметките на „обичните граѓани туку така“. Се работеше за масовна полициска и банкарска акција против организиран криминал и онлајн измами (scams), кои на земјата ѝ нанесуваа штета од над 200 милиони долари годишно. Тајландските власти таргетираа т.н. „mule accounts“ (сметки-мазги), со цел да се таргетираат сметки кои криминалците ги купуваат од социјално загрозени лица за преку нив да перат пари од измами.
Беа суспендирани околу 3 милиони сметки поврзани со 177,000 сомнителни профили на корисници. Во Тајланд има над 60 милиони жители, што значи дека со замрзнување на 3 милиони сметки не може да е точно наведеното во објавата дека „секоја банкарска сметка била замрзната“.
Акцијата беше спроведена преку автоматски алгоритми со помош на вештачка интелигенција кои, за жал, направија грешка и повлекоа со себе илјадници невини граѓани (колатерална штета). Но, не сите 3 милиони замрзнати сметки беа грешка, ниту пак замрзнувањето за нив траеше месеци подоцна. Тоа предизвика револт. Сепак, сметките не беа „одземени засекогаш“ ниту пак тоа замрзнување беше предизвикано од воведувањето на дигиталниот идентитет, кој претставува услов за воспоставување на полесни и дигитализирани услуги за граѓаните и модернизација што се спроведува насекаде во светот.
Владата веднаш реагираше по притисокот од јавноста и воведе итни мерки со кои невините граѓани кои беа блокирани по грешка, преку владината телефонска линија, ги одмрзнуваа своите сметки во рок од 3 до 4 часа, а законскиот рок за привремена суспензија без судски налог беше ограничен на максимум 7 дена.
Сето ова замрзнување на сметките беше поради тоа што властите во Тајланд се бореа против сајбер измамниците и во обид да ги вратат парите на измамените. Трендот е дека се намалува ваквиот тип криминал од квартал во квартал. Од август 2026 година во Тајланд стапува на сила и уредба со која измамените ќе може да си ги вратат парите кои им ги дале на кибер (сајбер) криминалците. Всушност, државата ги прави сите промени во обид да се спротистави на ваквите широкораспространети измами.
Блокирањето немаше никаква врска со воведувањето дигиталниот идентитет или пак со „нема да имате ништо и ќе бидете среќни“, популарна фраза што се вади од контекст. Причината беше исклучиво кибер-криминалот. Поради строгите KYC (Know Your Customer) регулативи, сметките со неажурирани пасоши (особено кај странски резиденти) автоматски беа блокирани.
Адвокатска канцеларија од Тајван објаснува на својот сајт дека банките во Тајланд се законски обврзани да се придржуваат кон строгите прописи дизајнирани да спречат перење пари, измами и други нелегални активности. За странците кои имаат банкарски сметки во Тајланд, ова значи дека сметките повремено може да бидат замрзнати или привремено суспендирани за цели на верификација. Ова е стандардна мерка за усогласеност и не мора нужно да подразбира какво било прекршок.
Како што наведува адвокатската канцеларија, замрзнувањето на сметките е дозволено според неколку тајландски закони, вклучувајќи: Закон за спречување на перење пари BE 2542 (1999) кој им овозможува на властите да замрзнуваат средства поврзани со сомнителна финансиска активност, понатаму Законот за имиграција BE 2522 (1979) кој овозможува координација со банките доколку странец нелегално престојува во Тајланд, како и според Законот за работење на финансиски институции BE 2551 (2008) што бара банките да спроведат соодветна верификација на идентитетот (Know your customer) и длабинска анализа на клиентите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар