Западно-нилска треска: Заблуди и факти за болеста што ја пренесуваат комарците

Комарец на човечка кожа Фото: Dunpharlain, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Западно-нилската треска и ковид-19 се целосно различни болести, бидејќи западно-нилската треска се пренесува исклучиво преку убод од заразени комарци кои се хранеле со заразни птици и не се шири од човек на човек, додека, пак, ковид-19 е респираторен вирус кој лесно се пренесува меѓу луѓето преку респираторни капки и аеросоли во воздухот. Од ИЈЗ велат дека епидемиолошкиот надзор на болеста, систематското и рано спроведување на програми за контрола на комарци и мерките за лична заштита од каснувања од комарци се сметаат за најсоодветни мерки за контрола на западно-нилската треска

Западно-нилската треска и ковид-19 се целосно различни болести, бидејќи западно-нилската треска се пренесува исклучиво преку убод од заразени комарци кои се хранеле со заразни птици и не се шири од човек на човек, додека, пак, ковид-19 е респираторен вирус кој лесно се пренесува меѓу луѓето преку респираторни капки и аеросоли во воздухот. Од Институтот за јавно здравје велат дека епидемиолошкиот надзор на болеста, систематското и рано спроведување на програми за контрола на комарци и мерките за лична заштита од каснувања од комарци се сметаат за најсоодветни мерки за контрола на западно-нилската треска

 

 

Порастот на случаите на заболени од западно-нилска треска, лоцирани главно во Скопје, последниве десеттина дена повторно ја сензибилизираше јавноста во краток временски период. Можеби не во толкав обем како во случајот со загадената вода од градскиот водовод во Гостивар или краткотрајната хистерија по дезинформациите дека во скопскиот водовод е присутна бактеријата Ешерихија коли, но веќе е прогласена епидемија на западно-нилска треска во неколку скопски општини.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје досега се регистрирани 29 пациенти, од кои пет се во тешка состојба и се на механичка вентилација, а изминатиот викенд починал и 83-годишен маж со западнонилска треска и други заболувања. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Центарот за јавно здравје прогласија епидемија на западно-нилска треска во повеќе делови од Скопје: Кисела Вода, Гази Баба и Бутел, како и во приградската населба Илинден. Од досега регистрираните случаи, 25 се од Скопје, а еден е од Велес. Поголемиот дел од заболените се мажи постари од 60 години, кои претежно работеле земјоделски и градинарски работи во приквечерните и раните утрински часови.

ИЈЗ на 27.07.2026 издаде соопштение со податоци за состојбата со западно-нилска треска базирано на достапни информации од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, од почетокот на сезоната на пренос во 2026 година. Во него се наведува дека заклучно со 22 јули, идентификувани се 35 региони погодени од вирусот на Западно-нилска треска (WNV) во шест земји во Европа: Италија (20), Грција (6), Романија (4), Македонија (2), Шпанија (2) и Франција (1). Овие земји пријавиле вкупно 81 автохтон (локално стекнат) случај на инфекција со вирусот на Западно-нилска треска.

Во оваа сезона, првиот регистриран случај кај луѓе во Европскиот регион е од Македонија, се наведува во соопштението на ИЈЗ.

Во ажурираниот неделен епидемиолошки извештај за западно-нилска треска во Македонија во 2026 година (заклучно со 11 август 2026), ИЈЗ, меѓу другото, соопшти дека податоците укажуваат на зголемување на бројот на регистрирани случаи во текот на јули и почетокот на август 2026 година, со изразена просторна концентрација во Скопскиот регион.

Најголем број случаи се регистрирани во општина Кисела Вода, особено на подрачјето на населено место Драчево, како и во општина Гази Баба (со концентрација во руралните средини). Регистрираниот пораст на бројот на случаи и нивната просторна концентрација се индикативни за интензивирана локална трансмисија на WNV во погодените подрачја, се вели во извештајот на ИЈЗ, кој дава детален преглед на епидемиолошката слика и потребните мерки за превенција на болеста.

Кои се симптомите на западно-нилска треска и како да се препознаат? 

Западно-нилскиот вирус (West Nile virus/WNV) е едноверижен РНК вирус кој се пренесува преку комарци и припаѓа на семејството Flaviviridae.

Откако западно-нилскиот вирус ќе влезе преку убод од заразен комарец, тој се реплицира во различни типови човечки клетки и произведува виремија. Иако поголемиот дел од заразените лица остануваат асимптоматски, манифестираните симптоми кај некои луѓе се движат од блага треска до тешко невролошко нарушување со висок морбидитет и морталитет. Покрај тоа, многумина кои закрепнуваат од невро-инвазивна инфекција со западно-нилски вирус имаат долгорочни дефицити, вклучувајќи слабост, замор и когнитивни проблеми. Откако влезе во САД во 1999 година, западно-нилскиот вирус стана најчестиот вирус што се пренесува преку комарци во Северна Америка. И покрај интензивните истражувања во текот на 20 години, сè уште нема одобрени вакцини или специфични третмани за луѓето и останува итна потреба да се разбере патогенезата на западно-нилскиот вирус, како и да се развијат специфични терапевтски средства и вакцини, велат податоците од американскиот Национален институт за здравје (National Institute of Health-NIH).

За првпат изолиран во 1937 г. од крвта на жена од провинцијата Западен Нил во Уганда, Африка – по што го добил и името – западно-нилскиот вирус не се пренесува преку директен контакт од човек на човек, а нема докази дека крлежите и други инсекти се преносители на овој вирус. Луѓето и животните се крајни домаќини на вирусот, кој кај нив не се размножува во долволна мера за потоа да може да биде пренесен преку комарците.

Околу 80 % од заразените немаат никакви симптоми, а кај останатите се појавуваат благи знаци како покачена температура, главоболка, болки во мускулите и замор. Кај ретки и тешки случаи вирусот предизвикува воспаление на мозокот, вкочанетост на вратот и конфузија.

Во благите симптоми на западно-нилска треска спаѓаат покачена телесна температура, силна главоболка и болки во мускулите и зглобовите, општ замор и слабост, мачнина, повраќање или дијареа, како и осип на кожата или потечени лимфни јазли. Тешките симптоми како невролошки форми се препознаваат вкочанет врат, дезориентација и конфузија, како и тремор или грчеви во мускулите.

Како што извести ИЈЗ, кај починатиот скопјанец од западно-нилска симптомите започнале со покачена температура, треска, главоболка, општа слабост, болки во зглобовите и мускулите, вкочанетост на вратот и нарушена свест, а била дијагностицирана и клиничка слика на менингитис, со дополнително присуство и на други здравствени состојби.

Лабораториската дијагноза генерално се изведува со тестирање на серум или цереброспинална течност (CSF) за откривање на WNV-специфични IgM антитела. Имунотестови за WNV-специфични IgM се достапни комерцијално и преку државните лаборатории за јавно здравје. WNV-специфичните IgM антитела обично се откриваат 3 до 8 дена по почетокот на болеста и перзистираат 30 до 90 дена, но е документирано и подолго перзистирање. Затоа, позитивните IgM антитела повремено може да одразуваат мината инфекција. Ако серумот се собере во рок од 8 дена од почетокот на болеста, отсуството на детектабилен вирус-специфичен IgM не ја исклучува дијагнозата на WNV инфекција, а тестот можеби ќе треба да се повтори на подоцнежен примерок, се вели во извештаите на американски Центри за спречување и контрола на болести ЦДЦ (Centers for Disease Control and Prevention).

Дали западно-нилската треска и ковид-19 се слични?

Западно-нилската треска и ковид-19 се целосно различни болести. Западно-нилската треска, во моментов широко распространета на европскиот континент, се пренесува исклучиво преку каснување од заразени комарци кои се хранеле со заразни птици и не се шири од човек на човек. Ковид-19 е респираторен вирус кој лесно се пренесува меѓу луѓето преку респираторни капки и аеросоли во воздухот.

Епидемиологот д-р Сашко Олумчев од подрачната единица на Институтот за јавно здравје во Гевгелија во неговата објава на социјалната мрежа Фејсбук во врска со западно-нилската треска во Македонија, меѓу другото пишува:

Од првиот регистриран случај во Македонија во 2011 година до крајот на 2025 година биле регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи. Само во првите осум месеци од 2026 година се регистрирани 26 случаи. Тоа значи дека речиси една третина од сите случаи регистрирани во Македонија од 2011 година до денес се појавиле само во 2026 година. Ова е сериозен епидемиолошки сигнал. Дополнителна причина за внимание е временската динамика. Првиот случај во 2026 година имал почеток на симптомите на 12 мај, а најголемиот број случаи се појавиле во јули и на почетокот на август. Од вкупно 26 заболени, кај 17 симптомите започнале во јули, кај шест во август, кај два во јуни, а кај еден во мај. Токму во овој период е забележано и значително зголемување на бројот на случаи, што покажува дека преносот на вирусот е активен и дека ризикот не е завршен со појавата на првите заболени. Особено важен момент се случи на 11 август 2026 година, кога Центарот за јавно здравје Скопје пријави епидемија на западно-нилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.

Д-р Олумчев вели дека прогласувањето епидемија во овие скопски општини не треба да се сфати како причина за паника, туку како официјален сигнал дека во овие подрачја постои зголемен ризик и дека се потребни засилени епидемиолошки и превентивни мерки.

Зошто, пак, вирусот циркулира и покрај спроведената дезинсекција?

Дезинсекцијата е една од најважните мерки за намалување на ризикот, но таа не може целосно да ги елиминира комарците. Комарците се размножуваат во многу различни средини, особено таму каде што има вода. Доволна е мала количина стоечка вода во двор, саксија, стара гума, неисчистен олук, канал или друг сад за да се создадат услови за нивно размножување. Кога ќе се изврши прскање, бројот на возрасните комарци може значително да се намали. Но, ако останат местата каде што комарците се размножуваат, за кратко време повторно може да се создаде нова популација. Затоа едно прскање не значи дека ризикот исчезнал. Токму поради тоа, најдобрата дезинсекција не е онаа при која само се употребува поголема количина инсектицид или се прска повеќе пати. Најдобрата дезинсекција е онаа која е навремена, насочена и заснована на реалниот ризик, смета д-р Олумчев.

Од ИЈЗ велат дека епидемиолошкиот надзор на болеста, систематското и рано спроведување на програми за контрола на комарци и мерките за лична заштита од каснувања од комарци се сметаат за најсоодветни мерки за контрола на западно-нилската треска.

Бидејќи циркулацијата на вирусот и неговата географска дистрибуција (т.е. областите каде што се регистрирани хумани случаи) не можат да се предвидат, се охрабруваат мерки за лична заштита од комарци, во текот на периодот на активност на комарците, советуваат од ИЈЗ.

Институтот ги посочува и Информативно-едукативните материјали во врска со вектор-преносливите болести предизвикани од убоди од инсекти и нивна превенција, кои можат да се прочитаат на линковите овде и овде.

 

Мерки за превенција од западно-нилска треска 

Значи, западно-нилската треска не е иста болест со ковид-19. Според препораките од ИЈЗ, заразата со западно-нилска треска може да се спречи со намалената изложеност на убоди од комарци преку заштитни мерки – заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот; одбегнување излегување и престој надвор во зори или на самрак, кога комарците се најактивни, со особено внимание при наводнувањето на зелените површини, бавчите и извршување на градинарските работи кои вообичаено се практикуваат во овој период од денот; внимание на хигиенските услови доколку во домашни услови се чуваат домашна живина и/или птици како миленичиња и живеалиштата по можност да бидат заштитени со мрежи, да се одржуваат чисти и навремено да се менува водата во нивните поилки за да се спречи размножувањето на комарците.

Во мерките за лична заштита од убоди на комарци спаѓаат носење соодветна облека, најдобро во светли бои, која ќе остава што помалку откриени делови од телото (долги ракави, панталони, чорапи, шапки…). Применување заштитни средства (репеленти) во облик на лосион, стик, аеросол-спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците.

Патниците кои патуваат во земји или предели каде се евидентираат болести кои се пренесуваат со комарци, задолжително да употребуваат репеленти за време на престојот, а прозорците и креветите за спиење да се затворени со заштитни мрежи, импрегнирани со адекватен инсектицид.

Доколку се појават симптоми на заболување, веднаш да побараат лекарска помош и да го известат докторот за скорешниот престој во предели ендемски за болести кои се пренесуваат со комарци.

При појава на симптоми, особено кај лица со невролошки симптоми, навременото јавување кај лекар овозможува навремена дијагностичка проценка, соодветен третман и следење на пациентот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција