Западот не прска отрови од авиони, ниту пак вакцинацијата е „евтаназија“

Фото: Willow2012, CC0, via Wikimedia Commons

Објавата комбинира две теории на заговор – онаа за „кемтрејлс“ заедно со дезинформацијата дека „вакцините служат за евтаназија“. Ниту едното ниту другото не е точно.

Објавата комбинира две теории на заговор – онаа за „кемтрејлс“ заедно со дезинформацијата дека „вакцините служат за евтаназија“. Ниту едното ниту другото не е точно

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Денес не утепаа од прскање уште од рано сабајле…. и гајле си нема западна стока…. сакаат сите да цркнеме….. чекајте болештини….. и нормално западната кољачка стока ќе ви понуди проверени вакцини за брза еутаназија…

Во склоп на објавата има три фотографии од небото над Скопје (се гледа во позадина Милениумскиот крст на врвот на Водно) на кои се евидентни траги од авиони. Оваа објава претставува дел од големиот број објави кои се однесуваат на теоријата на заговор „кемтрејлс“ чии заговорници тврдат дека Западот прска отровни хемикалии од авиони. Теоријата на заговор е надополнета и со неосновано тврдење за наводната смртоносност на вакцините, што е исто така невистина, со оглед на тоа што вакцинацијата претставува најголема придобивка на современата медицина и спасува животи, а не убива.

Имено, трагите што авионите ги оставаат зад себе не се „кемтрејлс“ туку „контрејлс“ (кратенка од кондензациски траги), а за нивното настанување постојат научни и логични аргументи и факти.

Група од 77 научници објави извештај за наводите дека „некои авиони нè прскаат со хемиски супстанции“. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките од авионите се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.

При согорувањето на горивото во авионските мотори се создаваат јаглерод диоксид, водена пареа и мали честички. Издувните гасови излегуваат многу жешки, а на поголеми височини воздухот е екстремно студен. Водената пареа брзо се лади, кондензира околу ситните честички и замрзнува во микроскопски ледени кристали. Овие ледени кристали ја формираат видливата бела трага зад авионот. Дали некои траги ќе исчезнат побрзо или поспоро зависи од влажноста на воздухот на височината каде што лета авионот. Ако воздухот е сув, контрејлот исчезнува за неколку секунди или минути. Ако воздухот е многу влажен, ледените кристали опстојуваат со часови и можат да се прошират во тенки облаци слични на цируси.

Професорот Дејвид Кит од Универзитетот Калгари, се сретнал со луѓе загрижени дека постои прскање од авиони односно кемтрејлс. Видеото од неговата посета, којашто била снимена, може да се најде на следниот линк .

Ако верувате во кемтрејлс, запрашајте се како може да сте толку сигурни дека има навистина некаква голема теорија на заговор. Запомнете дека владите може да чуваат тајни коишто вклучуваат само неколку луѓе, но многу се невешти кога треба да чуваат голема програмска тајна. Ако мислите дека контрејлс од авионите изгледаат различно или се чудни, имајте предвид дека авионските кондензациски траги некогаш траат подолго време и начинот на кој изгледаат може ненадејно да се промени, бидејќи авионите летаат низ различни температури и влажност. Ова е многу добро разбрано и демонстрирано од опсервации и научни докази спроведени од илјадници луѓе низ многу децении, вели тој.

Всушност, не е точно дека наводни „контрејлс’ или „кемтрејлс“ траги предизвикуваат специфични болести кај населението. Светските здравствени и научни институции не идентификувале таква закана.

Неосновано е и тврдењето дека вакцините претставуваат средство за „евтаназија“. Вакцините се медицински производи чија цел е да го намалат ризикот од заразни болести и нивните компликации. Пред да бидат одобрени за употреба, тие поминуваат низ повеќестепени клинички испитувања и регулаторни проверки.

Нема докази дека одобрените вакцини се користат за намерно предизвикување смрт кај населението. „Вистиномер“ повеќе пати ги има рецензирано дезинформациите околу вакцините.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција