Запленувањето руски танкер со нафта не е „акт на војна“

Танкер за превоз на нафта Фото: Shipspotter Stahl, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Има реални причини кои се оправдани за сопирањето на танкерот, а кои се однесуваат на националната безбедност на земји-членки на НАТО, и нивната проверка не е „акт на војна“. 

Запирањето на танкерот не е „акт на војна“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку е здружување против таканаречената „флотила во сенка“ која се проценува на 800 до 1.000 бродови, за кои се смета дека се стари танкери што Русија ги користи за да ги заобиколи санкциите и да го одржи протокот на нафта до преостанатите клиенти

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Акт на ВОЈНА. Франција заплени руски танкер со нафта. Според Макрон, акцијата била за пртисок врз Русија. Но, според сите меѓународни правила за пловидба, Франција изврши акт на војно дејствие. Накратко, еу / нато сатанистите провоцираат директна војна со Русија.

Не е точно дека ЕУ и НАТО се сатанисти ниту дека провоцираат директна војна со Русија, ниту пак, тоа дека запленувањето на рускиот танкер со нафта претставува „акт на војна“, како што се тврди во објавата.

Дел од истрагата за конкретниот брод кој беше запленет па пуштен да го продолжи патувањето, се однесува на тоа дали танкерот „Боракај“ бил користен како лансирна рампа за упад со беспилотни летала во воздушниот простор на Данска, што предизвика затворање на нејзините аеродроми.

Данска ги нарече упадите со беспилотни летала хибриден напад и посочи дека Русија можеби е одговорна, иако не ја препиша вината дефинитивно.

ЕУ воведе санкции врз стотици танкери што ги користи Русија за да ги заобиколи санкциите врз извозот на нафта од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина во 2022 година. Откако француските морнарички власти извршија рација на танкерот „Боракај“ во близина на западна Франција, беше утврдено дека тоа пловило веќе беше ставено на црната листа во февруари годинава под своето претходно име „Кивала“, поради сомневања за извоз на руска нафта. 

Запирањето на танкерот претставува дел од поширок план за преземање построги мерки за ограничување на продажбата на нафта на Русија и притисок за прекин на војната во Украина. 

Сакаме да го зголемиме притисокот врз Русија за да ја убедиме да се врати на преговарачката маса. Сега одлучивме да направиме чекор понатаму со тоа што ќе се движиме кон политика на опструкција кога имаме сомнителни бродови во нашите води кои се вклучени во оваа трговија, рече Емануел Макрон претседателот на Франција

Запирањето на танкерот не е „акт на војна“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку е здружување против таканаречената „флотила во сенка“ која се проценува на 800 до 1.000 бродови, за кои се смета дека се стари танкери што Русија ги користи за да ги заобиколи санкциите и да го одржи протокот на нафта до преостанатите клиенти. Макрон предупреди дека 30 до 40 проценти од војната што Русија ја води е финансирана преку приходите од оваа „флота во сенка“.

Капетанот на осомничениот танкер задржан покрај брегот на Франција, ќе биде изведен пред суд во февруари и е обвинет за несоработка со властите.  Бродот „Боракај“, претрпел бројни промени на името и не е исклучено дека бил локацијата за лансирање дронови што ги затворија аеродромите низ Данска.

Данска не ја обвини директно Русија дека е одговорна за упадите со беспилотни летала, но директорот на данската разузнавачка служба, Томас Аренкиел изјави дека „Русија води хибридна војна против НАТО“. Данска, исто така, го зголеми нивото на закана од можна саботажа против вооружените сили на „високо“.

Танкерот e еден од четирите бродови поврзани со Русија кој пловел во близина на Данска во исто време кога беспилотни летала беа забележани на територијата на Данска на 22 и 24 септември. Бродот пловел од рускиот нафтен терминал во Приморск, носејќи нафта кон Индија кога бил пресретнат од брод на француската морнарица и пренасочен кон Сен Назер во западна Франција.

Зборувајќи на европскиот самит во Копенхаген, Данска, Макрон рече дека Франција се соочила со „несоодветно и исклучително агресивно однесување“ кон француската фрегата и хеликоптерите распоредени во врска со проверка на танкерот, што го оправдува отворањето истрага.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Има реални причини кои се оправдани за сопирањето на танкерот, а кои се однесуваат на националната безбедност на земји-членки на НАТО, и нивната проверка не е „акт на војна“.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција