Започна пробивањето на дел од булеварот „Благоја Тоска” во Тетово

Местото каде треба да помине булеварот "Благоја Тоска" служеше како паркинг. Фото: Порталб

 

Ветување: Пробивање на булеварот “Благоја Тоска” до крајот на 2018

Буџет: 180 илјади евра

[Извор: Порталб.мкдатум:25.05.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборната кампања за локалните избори 2017 година, но и во интервју за „Порталб“ и  „Вистиномер“  (25.05.2018), градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи, вети  „пробивање на булеварот  „Благоја Тоска” до крајот на 2018 година“, како еден од најважните сегменти за олеснување на собраќајот во градот. Реализацијата на ова ветување на Арифи е во тек.

Да потсетиме дека пробивање и целосна изградба на булеварот „Благоја Тоска”, ветуваа и претходните градоначалници на Тетово, издвојувајќи го  како еден од најважните проекти за Општината. А, исто така,  тоа беше едно од главните изборни ветувања  на Арифи пред пет години, односно кога таа првпат стана градоначалник во 2013 година. Но,  сепак Арифи не успеа да го реализира ветениот проект за време на читиригодишниот градоначалнички мандат (2013 -2017).

Изминатите години медиумите повеќе пати информираа дека местото каде што треба да помине овој булевар кон тетовската болница е претворен во паркинг и е во катастрофална состојба, а жителите бараа  конечно решение за овој булевар.

На 04.06.2018 година, Радио  Слободна Европа информираше  дека   „веќе се урнти две од дваесетина куќи за пробивање на булеварот Благоја Тоска, што се смета за еден од приоритетите во насока на подобрување на состојбите во сообраќајот“.

Во истиот текс е пренесена и  изјава на градоначалничката Арифи  во која таа кажува:

На булеварот Благоја Тоска, околу 80 проценти во делот на експропријација веќе завршивме, до текстилно училиште. И ќе го заокружиме делот на експропријација. Додека трае експропријацијата, веќе почнавме од таму каде што сме завршиле, со рушење и отворање на трасата. Сметам дека многу брзо, во текот на оваа година, се надевам, дека ќе завршиме и ќе можеме да го изградиме до текстилно. 

На 27.06.2018 година медиумите информираа за почеток на пробивање на булеварот  „Благоја Тоска”:

Денеска започна пробивањето на дел од булеварот „Благоја Тоска“ во близина на Тетовската болница.

Од Општина Тетово велат дека пробивањето ќе продолжи и во наредниот период, а целта е да се стигне до средното текстилно училиште на другата страна на реката Пена:

Процесот за пробивање на патот од другата страна на реката е во тек и продолжува со забрзано темпо… (Општина Тетово)

Плановите на општинските власти се  пробивањето на  булеварот „Благоја Тоска”  да биде направено до крајот на 2018 година, а веќе се обесштетени жителите кои имаа куќи на овој потег и го блокираа пробивањето на улицата. Средствата наменети за овој проект за 2018 година изнесуваат 180 илјади евра.

Имајќи ги предвид горенаведените информации, ова изборно ветување на градоначалничката  Арифи добива оценка „во тек“.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Дрилон Салиу

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција