Започна проектот за враќање на маалските полицајци

Полицајци на должност. Фото: Мета

Ветувањето за возобновување на концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места е проект на Владата и неговата реализација е во тек. Проектот е дел од Програмата за работа на Владата за мандатиниот период од 2017-2020 година, во делот посветен на професионализација на полицијата

 

Владата на Република Македонија ќе го возобнови концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места. Тој ќе биде заштитник – достапен за граѓаните и нивните потреби. Јакнењето на довербата помеѓу полицијата и граѓаните е предуслов за безбедноста на граѓаните

[Од Програмата за работа на Владата 2017-2020 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за возобновување на концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места е проект на Владата и неговата реализација е во тек. Проектот е дел од Програмата за работа на Владата за мандатиниот период од 2017-2020 година, во делот посветен на професионализација на полицијата (стр.23).

Ветувањето за враќање на позорникарите на улиците го даде и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во текот на предизборната кампања за парламентарните избори кои се одржаа во декември 2016 година.

Генералниот секретар на СДСМ и актуелен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на средба со граѓаните на Карпош најави дека во партиската програма на СДСМ се предвидува воведување на маалски полицајци позорникари. Полицаецот позорникар ќе патролира низ населбите за поголема безбедност на граѓаните, намалување и превенција од кражби по домовите, уличниот криминал нарушувањата на јавниот ред и мир, други девијантни појави, јави ТВ 24.

Овој проект Спасовски го најави и на прес-конференција одржана на 08.05.2017 година (пред формирањето на Владата), посочувајќи дека „новата реформска Влада предводена од СДСМ е одлучна да спроведе темелни реформи во полицијата и безбедносните служби, со цел полицијата да стане целосно професионален, модерен и ефикасен сервис на граѓаните на Република Македонија“.

Ќе ја зајакнеме довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните што е предуслов за безбедноста на граѓаните. Еден од механизмите е преку полицаецот – позорникар на улиците во населените места, изјави Спасовски, а пренесе Макфакс.

За возобновување на позорникарската служба во рамки на полициските станици Спасовски зборуваше и пред десетина дена (10.11.2017) кога беше во посета на Општина Кочани. Како што јави Канал 8, на средбата со градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, меѓу другото, се разговарало и за  враќањето на маалските полицајци.

Веќе го највивме проектот за маалски полицаец или враќање на позорникарите на улица. Секторот за внатрешни работи има полициски службеници, доволна потполнетост на полициските станици и денеска им дадов задача на началникот, на неговите соработници да започнат со подготовка за реонизирање на градовите и воведување на позорната служба, додаде Спасовски.

Од МВР, во изјава за „Вистиномер“ потврдија дека на подрачјето на СВР Штип и на СВР Куманово, веќе се реализира проектот за враќање на позорникарите на улиците, односно, тамошните началници се задолжени да направат подготовка за реонизација на градовите и екипирање на полицајците кои можат да ја вршат оваа задача. Проектот, како што велат од МВР наскоро ќе биде и промовиран во јавноста.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Владата за возобновување на концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција