Започната е постапка за набавка на два санитетски хеликоптера

Фото: commons.wikimedia.org

 

Набавка на два санитетски хеликоптера со современа опрема за итна медицинска помош.

 [ИЗВОР: Изборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр.136 , датум:декември 2016]  

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети набавка на два санитетски хеликоптера со современа опрема за итна медицинска помош. Ова изборно ветување на социјалдемократите е дадено во нивната програма: „План за живот во Македонија“ , во делот насловен: „Реформа на итната медицинска помош“ (стр.136) и неговата реализација е во тек.

На 29 октомври (2019) Владата донесе одлука да склучи јавно-приватно партнерство со кое два хеликоптера ќе пружаат брза помош на граѓаните и ќе вршат спасувачки операции. Како што соопшти владината прес-служба, на 161 –та  владина седницата била усвоена информацијата за спроведената постапка за избор на најповолна понуда за воспоставување Јавно приватно партнерство (ЈПП) за формирање современа организација -платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем во Македонија (ХЕМС) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување (САР). Исто така, беше соопштено дека Владата  ја прифатила Предлог-Одлуката за избор на приватен партнер за оваа дејност, компанијата САРХЕМС ДООЕЛ Скопје која ги задоволила условите на јавниот оглас.

Најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот за јавно-приватно партнерство, компанијата ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување бесплатно за граѓаните на Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата, пишува во владиното  соопштение.

Договорот за ЈПП на приватниот партнер му овозможува да си ги наплати услугите согласно неговиот бизнис модел, а за цело време на траење на договорот има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за обавување на оваа дејност во висина од 10.000 евра, во денарска противвредност во Буџетот.

Двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување на оваа дејност, согласно договорот за ЈПП, по истекот на договорот во рок од 8 години, остануваат во сопственост на државата, соопштија од Владата

Имајќи предвид, дека во изминатиот период има конкретни активности во однос на реализацијата на ова ветување, поточно направено е јавно-приватно партнерство и на јавен повик е избрана фирма која ќе ги води хеликоптерските услуги, според методологијата на „Вистиномер“,  ветувањето добива оценка „во тек“.

 ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција