Започната е валоризацијата на природните вредности на Јабланица и прогласување на заштитено подрачје

Поглед на Јабланица од селото Горна Белица Фото: Alan Grant, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ја започна изработката на Студијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица, што прв и суштински чекор во процесот за нејзино прогласување за заштитено подрачје, а во иднина и Национален парк

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ја започна изработката на Студијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица, што e прв и суштински чекор во процесот за негово прогласување за заштитено подрачје, а во иднина и Национален парк

 

 

ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи актуелната владејачка коалиција, во предизборната програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“ за единаесетти по ред парламентарни избори кои се одржаа на 8 мај 2024 (заедно со вториот круг на претседателските избори), во делот насловен „Нов план за чиста животна средина“, паралелно со ветувањето за висока превенција и заштита на националните паркови, најави и проектни активности за подготовка на елаборати и техничка документација за прогласување на нови заштитени подрачја во Македонија.

Ветување: Преку отворени повици ќе поддржуваме проектни активности за подготовка на елаборати и техничка документација за прогласување на нови заштитени подрачја во Македонија. Се обврзуваме да поставиме систем на работа во заштитените подрачја со кој во целост ќе имаме доследна примена на законските решенија и спроведување на планската документација.

[Извор: Предизборна програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“ (стр.142) ; датум:18.04.2024]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ја започна изработката на Студијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица. Источниот дел од Јабланица се простира во Македонија, а западниот во Албанија. Оваа студија е, како што соопштува МЖСПП, прв и суштински чекор во процесот за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, согласно Законот за заштита на природата. Реализацијата на ова изборно ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ дадено во предизборната програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“ (стр.142), во насока на создавање на нови заштитени подрачја во земјата, е во тек.

Домашните медиуми ги пренесоа деталите од веста за почетокот на процесот за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје.

Иницијативата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје е поднесена од страна на општините Струга и Вевчани, месните заедници и невладиниот сектор, а Владата на Република Северна Македонија на својата 116-та седница, одржана на 22 јануари 2019 година, го задолжи МЖСПП да обезбеди средства за изработка на Студијата во соработка со двете општини. Во рамките на Програмата за природа за 2025 година, обезбеден е буџет и е склучен договор за јавна набавка за изработката на Студијата, соопшти МЖСПП.

Масивот Јабланица е природно богатство со исклучителна биолошка и геолошка вредност и тој е веќе дел од Националната Емералд мрежа на подрачја од особено значење за зачувување на природата. Јабланица е идентификувана како потенцијално подрачје во идната Натура 2000 мрежа.

Процесот на прогласување на Јабланица за заштитено подрачје опфаќа подготовка на конечна верзија на Студијата согласно законската регулатива, создавање база на податоци за биолошката разновидност, геодиверзитет, живеалишта, хидрологија и други природни елементи, теренски истражувања и ГИС обработка на податоците од национално и ЕУ значење, како и организација на две јавни консултативни средби за вклучување на засегнатите страни во финализирањето на документот.

Преку изработката на оваа Студија ќе се овозможи долгорочна заштита и одржливо управување со еден од највредните природни региони во земјата. МЖСПП во 2023 година финансираше изработка на социо-економска студија за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје, односно национален парк, како што е делот на масивот Јабланица во Република Албанија, кој е прогласен за Национален парк во 2008 година.

Според досегашната преземена иницијатива и нејзина реализација, оценката за исполнувањето на ова предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ е – во тек.

 

 

Извори:

 

Оценил: Стојан Синадинов

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција