Започнати се активности за помош на жените претприемачки во руралните средини
Во предизборниот период од 2016 г. СДСМ во својата програма го даде и следното ветување, за кое оценката е дека е во тек на реализација:
Ќе воведеме програми за помагање на развојот на жените-претприемачи во руралните области. Ќе реализираме тренинзи и обуки, како и доделување на неповратна финансиска помош.
[Извор: План за живот во Македонија/веб страна на СДСМ – датум: декември 2016 г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во предизборната програма на владејачката СДСМ на почетокот, на стр. 64, дадено е конкретно ветување што спаѓа од областа на поддршка на приватниот сектор како носител на економскиот развој, а се однесува на жените. Поконкретно, станува збор за помагање на жените претприемачи во руралните области, при што се наведува дека ако дојдат на власт ќе помогнат со бесповратна помош, како и тренинзи и обуки.
Истото ветување во малку потскратена форма е наведено и во Програмата за работата на Владата од 2017-2020 година. На стр. 24 во делот Човекови права, во последниот пасус е ставена оваа програмска активност:
Владата ќе воведе програми за помагање на развојот на жените-претприемачи, особено оние во руралните области.
Ова ветување на СДСМ, како и програмската активност ставена во програмата за работа на Владата, немаат временски рок на реализација. Досега, со пребарување на интернет и по владините сајтови, не може да се најде дека нешто било сторено на овој план, сè до пред неколку дена.
По завршувањето на седницата на Владата бр. 136, е соопштено дека на предлог на Министерството за земјоделство, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, како и во соработка со организацијата UN Women, организација на ОН посветена на родовата рамноправност, прифатено е дополнување на Програмата за рурален развој со нова мерка. Во соопштението, по оддржаната седница на 21.05.2019, меѓу другото, се наведува:
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и UN Woman, предложи, а Владата ја прифати Предлог – програма за изменување на Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период од 2018-2022 година. Во насока на поддршка на жените од руралните средини, со измената се предвидува поддршка во вид на неповратна финансиска поддршка во висина од 180 илјади денари за инвестиции коишто ќе придонесат за развој на руралните средини.
Според појаснувањето и конкретизирањето што го побаравме од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, мерката ќе се применува активно од летниот период и ќе се спроведува со соодветна кампања од страна на Министерството:
Во тек е подготовка на правилник со кој министерот ќе ги пропише условите за имплементација на оваа мерка. Штом се завршат овие активности ќе се објави мерката, во текот на летниот период. Помошта е до 3000 евра заради демаркација со ИПАРД програмата. Со воведување на оваа мерка, иако се прави позитивна дискриминација, сепак се очекува да има ефект, пред сè во зголемување на бројот на жени претприемачи во рурални средини, кои се членови на земјоделски стопанства, поттикнување и нивно активно вклучување во секторот. Од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се спроведе и кампања на терен за промовирање на можностите кои ги нуди оваа мерка, како и помош околу подготовка на потребната документација – се наведува во одговорот што го добивме од Министерството.
Поради погоре изложените аргументи, може да се оцени дека е почнато со конкретни активности за реализација на предизборното ветување на СДСМ, и затоа може да се даде оценката „во тек“.
ИЗВОРИ:
- СДСМ – План за живот во Македонија/предизборна програма – [проверено на 28.05.2019]
- Влада на РСМ – Програма за работата на Владата 2017-2020 – [проверено на 28.05.2019]
- Влада на РСМ – Соопштение од 136 седница на Влада – [проверено на 28.05.2019]
Оцени: Tео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар