Зара не нуди бесплатна кутија со оригинална облека и обувки
Лажна Фејсбук страница се претставува како официјален канал на брендот „Зара“ и нуди бесплатна кутија со оригинална облека и обувки
Лажна Фејсбук страница се претставува како официјален канал на брендот „Зара“ и нуди бесплатна кутија со оригинална облека и обувки. Но, вистинската цел на објавата е да ги измами следбениците на социјалните мрежи и да ги извлече нивните лични податоци за потоа да ги злоупотреби
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук на која е споделена лажна понуда за облека од светски познатиот бренд „Зара“. Се измамуваат корисниците дека ќе добијат бесплатна кутија со оригинална облека и обувки од Зара ако учествуваат во анкета. Ова е невистина.
Zara моментално се соочува со вишок на непродадени залихи во своите магацини. За да го решиме ова, лансиравме специјална понуда: пополнете кратка анкета и добијте бесплатна кутија од Zara полна со ексклузивна облека и обувки – апсолутно бесплатно!
Притоа, објавата е придружена со фотографија на која се прикажани големи кутии полни со облека пред продавница на која што пишува Зара.
Лажната понуда, ги наведува корисниците на социјалните мрежи, за да може да учествуваат, да клинкат на копчето „Apply now“ кое пренасочува на друга веб-страница. Овие насочени реклами за измама обично имаат за цел да го натераат корисникот да се регистрира за нешто и бара од корисниците информации за кредитна или дебитна картичка за да ја завршат акцијата.
На веб-страницата наведени се низа лажни коментари од профили кои се обидуваат да ги легитимизираат чудните понуди и кои тврдат дека наводно го добиле мистериозниот пакет.
Објавата е споделена од лажна Фејсбук група наречена „Zara – Македонија“ во која се злоупотребува името, брендот и логото на продавницата „Зара“. Ова е евидентно од самиот факт што станува збор за нова страница, со само 23 следачи, и една објава за промоција на лажната наградна игра.
Од друга страна пак, официјалната страница на Фејсбук на „Зара“ брои над 30 милиони следбеници и има сосема поразлична комуникација со клиентите на начин што се промовираат реални понуди, со цени и линкови кои водат кон официјалната веб-страница на брендот.
Очигледно е дека објавата има за цел да ги измами корисниците на социјалните мрежи и да ги извлече нивните лични податоци за потоа да ги злоупотреби. Затоа, оваа објава ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар