Заробени медиуми: Даночниот рај станува пекол

Мурал во Сакара, гробот на Мереука, премиер и зет на фараонот Тети од 6-ата династија (2345-2333 г. пред Исус). Горе: египетските собирачи на данок измачуваат неплаќачи, влечејќи ги лидерите од селото дадат докази за лажните даночни поднесоци, за потоа даноците да се платат во натура. Долу: еден човек е соблечен, рацете и нозете му се врзани околу столб додека е тепан од собирачите на данок. Фото: Nora Shalabi, извор: Hossam el-Hamalawy, 2008
Собирачи на данок измачуваат даночни обврзници во Стар Египет – мурал од гробот на Мереука од 6. династија (2345-2333 г. пред Исус). Фото: Nora Shalabi, извор: Hossam el-Hamalawy, 2008

 

Новите даноци за хонорарците, уште еден силен напад врз слободата на медиумите и независноста на новинарството

 

Пишува: Ерол Ризаов

 

Кон даночниот рај на светот се тркала голем бран. Рамните и ниски даноци, гордоста на оваа влада, сурфаат на цунами бранови, кои уште нестасани до брегот предизвикуваат паника кај луѓето кои мачно го преживуваат месецот, работејќи хонорарно, со договори на дело, со авторски договори и со други видови ангарија што им овозможуваат одвај гола егзистенција. Од 1 јануари 2015 година, значи за два месеци, на сила стапуваат измените на повеќе закони со кои ќе се оданочува секој приход на граѓаните во висина од 35 до 40 отсто. Досега оваа давачка беше персонален данок од пристојни 10 отсто. Даночниот рај е пред тежок инфаркт од кој нема спас. Се претвора во пекол.

Од најновиот арач изземени се само тие кои одамна се варат во казанот на рајот со примања помали од 9.000 денари месечно. Чекајте, ваква „привилегија“ нема само за најбедните во земјата. И тие што го смислиле овој намет на памет, одлучиле да не се оданочуваат самите себеси. Па, така, и властодршците заедно со најсиромашните нема да плаќаат ни денар данок повеќе на приходите над платата. По нивните високи морални и етички норми, не е фер да ни вратат кусур од тоа што го заработуваат екстра на наша сметка како хонорари и приходи од разно-разни договори. Во ова рајска земја која ја водат светските прваци по економски реформи, сигурно веќе стопати сте чуле за „дуинг бизнис“ , два странски збора кои глупаво звучат на македонски, но затоа, пак, во оригинално издание силно го импресионираат овој мирен и покорен народ, демек, ете, во нешто што не можеме да го разбереме и што не допира до нас, ние сме светски прваци. Во таква земја и при такви кротки луѓе, природно е дополнителни даноци да не плаќаат функционери, пратеници, советници… сите што залегнале во уќуматот по наш избор и со наш амин и, се разбира, за наши пари. Алал вера кој смисли ваков закон. Алал вера на овој прекрасен и питом народ.

 

МЕСТО МЕЧКА ЌЕ ЛОВАТ ЗАЈЦИ

Она што во овој момент се насетува е дека законодавецот, сакајќи да брка мечка, ќе улови само зајаци. Само тие ќе настрадаат со овие итни измени на повеќе закони, ѓоа ќе ги оданочуваат тие што извлекуваат од државата големи пари по стратегијата на „дуинг бизнис“, со разни формални договори за интелектуални услуги и проекти, стручни усовршувања, анализи и истражувања… за кои сите знаат дека главно се евтина празна слама која во даночниот рај служи за покритие при префлање на големите пари надвор од државата. Место мечките и овојпат подебелиот крај ќе го извлече сиромаштијата и оние кои одвај врзуваат крај со крај.

Еве, како изгледа тоа конкретно во нашата бранша, во новинарството, кое ќе биде стравично погодено од новата даночна политика на владата. Незамисливо е во светот, практично во сите медиуми, речиси без исклучок, да не работат голем број надворешни соработници. Тука се ангажирани, слободни новинари, хонорарни дописници од повеќе градови, фоторепортери, карикатуристи, илустратори, лектори, технички уредници, колумнисти, рекламни агенти, дистрибутери и улични продавачи на весници, а во телевизиите овој список е стопати поголем: илјадници луѓе работат хонорарно, што велиме на парче, или од емисија, песна, драма, филм, хороскоп, приказна, спорт, реклама… Буквално, во сите сфери на правењето телевизиска или радиопрограма. И во делот на техниката и на технологијата, и во сите информативни, научни, забавни програми, па сè до најбаналните услуги без кои не можат да функционираат овие системи.

Општо познато е дека медиумите во Македонија одвај врзуваат крај со крај. Хонорарите се мизерни и доцнат со месеци. Честопати уредниците во редакциите се срамат да им соопштат на своите надворешни соработници колку ќе им платат за завршената работа. Неодамна видовме како цела година не се платени хонорарите на најслушаната емисија на Македонското радио „Хихируку“, кои за врвни македонски артисти изнесуваат 150 евра месечно. Сега, со новиот данок, намалете го овој износ уште за 30 отсто, а редовноста за исплата може да се растегне и на секои две години и сè ќе ви биде јасно. Ништо не е подобра ситуацијата и во другите медиуми, каде најчесто професионалната соработка останува неплатена, а кога ќе се плати е навредлива.

 

ДАНОЧНА ПОЛИТИКА КАКО КАЗНА

Како илустрација ќе ви го кажам следниот пример. Веќе во редакциите се јавуваат хонорарни соработници кои бараат да им се намали приходот под 9.000 денари, за тие што имаат среќа да земат околу 10.000 денари месечно. Тие, пак, хонорарци што земаат од две-три места по три-четири илјади денари, веќе најавуваат дека од Нова година едниот износ го откажуваат. Сиромав човек – жив ѓавол. Математиката е едноставна: ако од 10.000 денари одбиете 30 отсто, тоа е многу повеќе отколку од 9.000 денари да не одбиете ништо. Цела оваа армија која одвај преживува со минимални хонорари, по договор на дело со редакциите, е на силен удар, бидејќи работодавците тешко ќе се одлучат да ги зголемат хонорарите за повеќе од 30 отсто за да можат и натаму да им го исплаќаат истиот износ на надворешните соработници. Попрво ќе се одлучат да ги намалат трошоците за хонорари на сметка на квалитетот на медиумите и на програмите, кои и досега, при секоја криза, беа први на удар. Квалитетот и онака одамна е на дното.

Она што особено загрижува е фактот што во новиот даночен рај најпогодени ќе бидат малкуте слободни медиуми и невладини организации кои не се под контрола на власта. Блиску до здравиот разум е дека Владата, кога ги подготвувала овие измени, го имала ова предвид. Здружението на новинари и некои медиуми навреме алармираа за последиците од најновиот даночен намет, кој ги има сите елементи на казнена политика и на нова глоба за слободата. Како и секогаш, овие предупредувања не ја вознемирија власта. Напротив, тоа за неа значи дека е на вистинскиот пат да ги сотре докрај непријателите, предавниците и странските платеници, како што се претставени во јавноста медиумите и новинарите кои критички ги опсервираат владините политики и злоупотреби.

Плаќањето повеќепати за иста услуга, какви што се здравствениот и пензискиот придонес, кои мора да се плаќаат со секој исплатен денар, било да е авторски или договор на дело, ги има сите елементи на казна и тоа само на одредени целни групи кои и пречат на власта со постојаното „блебетање“ за слобода и демократија и за загрозување на човековите права и слободи. Медиумите, пак, кои се под контрола и заштита на Владата, ќе бидат и натаму богато наградувани, а новинарите – бројачи на успесите на Владата ќе бидат безбедни и добро наградени. Другите, кои некако опстојуваат на нерегуларниот пазар и со странска помош, ќе бидат изложени на давачки што неминовно водат кон затворање на голем број портали, невладини организации и драматично намалување на хонорарната соработка во сите медиуми. Тоа е и целта, бидејќи махерите на извлекување на големите неоданочени пари надвор од државата ќе си го најдат патот како и досега. За нив привилегии по „дуинг бизнис“, секогаш ќе има. Останува да се глоби домашната сиромаштија, за да не аздисува премногу.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција