Засега нема да се гради автопат Струга-Tребеништа
Ветување: Изградба на нов автопат Требеништа Струга, 7 км,
Буџет: 45 милион евра, ЕБОР
[Изборна програма на ДУИ за парламентарните избори 2016, датум: ноември 2016 ]
OБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во изборната програма на Демократската унија за интеграција, во делот, „Транспорт” е дадено ветување за изградба на автопат Струга- Требеништa, кое го оценуваме како неисполнето.
Во јануари оваа година (2018) Министерството за транспорт и врски одлучи да ја запре реализацијата на проектите за изградба на експресниот пат Охрид – Пештани и за автопатот Струга – Требеништа, по сериозните критики искажани во официјалниот извештај на УНЕСКО.
Изградбата на патот Струга-Требеништа, беше еден од неколкуте клучни инфраструктурни проекти, промовирани од ДУИ во нивната политичка платформа за последните парламентарни избори. Според информациите објавени во медиумите, овој автопат со должина од 8.5 км требаше да биде изграден до 2020 година, а за неговата изградба беа предвидени 45 милиони евра, финансирани од Европската банката за обнова и развој (ЕБОР).
Инаку, изградбата на овој автопат беше дел и од програмата на минатата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Да потсетиме дека на 17.05.2017 година тогашниот министер за финансии, Кирил Миноски информираше за изградбата на три важни автопати, меѓу кои и автопатот Струга – Требеништа.
По смената на власта, поточно некоклку месеци по изборот на новата Влада предводена од СДСМ, средствата предвидени за овој автопат се пренамениети за други сообраќајници. На седницата на Владата одржана на 31.10.2017 година е презентирана информација за барањето до Европската банка за обнова и развој за пренаменa на средствата за изградба на автопатот Струга-Требеништа од 8,5 километри. Според документот, овие средства треба да се наменат за изградба и реконструкција на неколку патишта низ државата.
На 17.01.2018 година медиумите информираа дека Министерството за транспорт и врски донесе одлука да ја запре реализацијата на проектите за изградба на експресен пат Охрид-Пештани и за автопатот Струга-Требеништа. Според образложението од Министерството:
Проектите се сопрени и нема да продолжат додека не се испита влијанието на овие патишта врз животната средина. Ваквата одлука на Министерството ја донесе со образложение по сериозните критики искажани од УНЕСКО во официјалниот извештај во кој беше побарано да се стопира изградбата на овие патишта.
Имајќи ги во предвид сите овие информации, ветувањето на ДУИ за изградба на автопат Требеништа – Струга, го сметаме за неисполнето.
ИЗВОРИ:
- БДИ.мк: Платформа на ДУИ за парламентарните избори 2016 [проверено на 27.06.2018]
- Струга лајм (31.10.2017) Милионите на автопатот кон Струга завршуваат во источна Македонија [проверено на 27.06.2018
- Спектра (15.05.2017) Автопатот Требешина Струга ќе кошта 45 милиони евра [проверено на 27.06.2018
- Струга лајм (27.04.2017) Автопатот Струга Требешина ќе биде готово во 2020 а ќе кошта 45 милиони евра [проверено на 27.06.2018
- Слободен печат (17.01.2018): Стопиран експресниот пат Охрид Пештани и автопатот Струга Требешина [проверено на 27.06.2018]
- Тајм.мк (17.01.2018): Стопирани експресниот пат Охрид-Пештани и автопатот Струга-Требеништа [проверено на 27.06.2018]
Оцени: Дрилон Салиу
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар