Засега „нема повеќе детали“ зошто Скопје не добил ниту денар од 100-те милиони евра

З. Перински. Фото: Влада на РСМ/веб

Златко Перински е клучниот министер во Владата за спроведување на проекти за локалните самоуправи со парите што Владата решава да ги даде од буџетот за развој на инфраструктурата во општините. Бидејќи станува збор за 65 милиони од најавените 100 милиони евра, а бидејќи добро се ознати релациите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ во целост и градоначалничката Арсовска, недоследно е од Перински да каже дека „во моментов немам повеќе детали“ зошто Скопје не добило ни денар, а аплицирале со дваесетина проекти

Златко Перински е клучниот министер во Владата за спроведување на проекти за локалните самоуправи со парите што Владата решава да ги даде од буџетот за развој на инфраструктурата во општините. Бидејќи станува збор за 65 милиони од најавените 100 милиони евра, а бидејќи добро се познати релациите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска, недоследно е од Перински да каже дека „во моментов немам повеќе детали“ зошто Скопје не добило ни денар, а аплицирале со дваесетина проекти

 

Министерот за локална самоуправа, цитиран од медиумите за тоа колку проекти и колку пари ќе добијат општините од Владата на јавниот повик за помош за реализација на инфраструктурни проекти, даде изјава во чиј дел може да се забележи недоследност:

Оценувањето и изборот го правеа евалуционите комисии. Пари добија речиси сите градоначалници и од власта и од опозицијата. Општина Струмица не доби бидејќи аплицираше со проект кој веќе е тендериран. Пари не доби ниту Град Скопје, така одлучи евалуционата комисија и во моментов немам повеќе детали. Најмногу средства, речиси 243 милиони денари ќе добие Општина Куманово, која најголем дел од финансиската помош ќе ја намени за проекти од областа на инфраструктурно и комунално уредување. Општина Центар доби 90 милиони денари за реконструкција на спортската сала „Работнички“

[Извор: СДК – Вест/Перински; датум – 17.10.2024]

 

Образложение:

Златко Перински е клучниот министер во Владата за спроведување на проекти за локалните самоуправи со парите што Владата решава да ги даде од буџетот за развој на инфраструктурата во општините. Toj e министер за локална самоуправа, неговотo министерство го координираше процесот по распишаниот повик, а преку неговото министерство ќе се склучуваат и договорите со општините за користење на 65-те милиони од ветените 100 милиони евра буџетски пари за оваа година.

Оттука, како човек кој повеќепати во јавноста го појаснуваше овој проект на Владата уште од почетокот на јули досега и човек кој ветуваше пред јавноста целосна транспарентност во процесот, Перински не смее да си дозволи да каже дека Град Скопје кој аплицирал со дваесетина проекти не ги исполнил условите за ниту еден, а да не знае да појасни зошто.

Така одлучи евалуционата комисија и во моментов немам повеќе детали, вели Перински.

Проектот беше предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ (секоја година по 250 милиони евра за развој на локалната самоуправа), преточено во одлука на Владата, Министерството за локална самоуправа да го распише повикот на 5 септември за општините да аплицираат за користење на средствата кои беа најавени за оваа година во висина од 100 милиони евра. Потоа следуваа уште две фази во септември и октомври кога локалните самоуправи испраќаа детали за проектите што би сакале да ги градат со буџетски пари на државата (до 23 септември), а евалуациски комисии од пет министерства потоа ги проверуваа дали ги исполнуваат критериумите и условите. Критериумите беа само два и важеа за сите пет министерства, како што е овој пример од Министерството за транспорт:

 Распределба на обезбедените финансиски средства според глава на жител од резидентното население во секоја општина согласно последниот попис во Република Северна Македонија.

Комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци.

Бидејќи уште на 13 септември беше официјално соопштено дека 80 општини испратиле 357 апликации (само со општина Боговиње имаше проблем поради доцнење со рокот), а по 23 септември немаше забелешки за општините и за Град Скопје во однос на целосноста на документацијата, може да се претпостави дека сите што аплицирале поднеле валидни документи. Вклучувајќи го и Град Скопје од каде што аплицирале за дваесетина проекти. Уште на почетокот од Владата соопштија дека апликацијата за нови автобуси за ЈСП и за противпожарно возило е неприфатлива, зашто станувало збор за повик за капитални инфраструктурни средства, а не за обнова на тековни средства на јавните претпријатија. Но, Град Скопје аплицираше и за повеќе од десетина проекти во сферата на урбанизмот и градежништвото, енергетиката и културата, што секако спаѓа и во капитални и во инфраструктурни проекти:

Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, аплицираше со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија За секторот култура и спорт, Град Скопје аплицираше со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар. Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии, Град Скопје поднесе проект за LoRaWAN инфраструктура и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија на град Скопје.

Како што може да се види станува збор за прилично голем број проекти. Имајќи предвид дека Град Скопје го исполнува првиот критериум секако (број на резидентно население), а за вториот не беше соопштено дека не го исполнил (комплетност на документацијата), во јавноста може да се роди сомнеж за евентуална примена на политички критериуми за доделување на буџетските пари, односно пристрасност. Дотолку повеќе што многу добро се познати релациите на нетрпеливост помеѓу градоначалничката Данела Арсовска, пред сè со ВМРО-ДПМНЕ, но и со самиот министер Златко Перински кој беше разрешен од неа кога тој беше директор на градското претпријатие  „Водовод и канализација“.

Оттука, бидејќи станува збор за трошење на јавни пари, а бидејќи станува збор за крупен инвестициски зафат на Владата во локалната самоуправа, транспарентноста на процесот која Перински и други владини претставници ја најавуваа е повеќе од неопходна. Поради овие наведени причини, изјавата на Перински дека „пари не доби ниту Град Скопје, така одлучи евалуционата комисија и во моментов немам повеќе детали“, може да се оцени како недоследна. Дотолку повеќе што има информација зошто, на пример, проектот од Општина Струмица не поминал.

 

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција