Засега нема поврзаност на смртните случаи кај постари лица со вакцината на Фајзер-БионТек

Фото: скриншот од дел од постот

Медицинските власти на национално, но и на меѓународно ниво, досега не гледаат поврзаност на смртните случаи кај постари лица (како, на пример, во Норвешка) со моментот на вакцинација со mNRA вакцината на Фајзер-БионТек. Оваа информација, многу важна за контекстот на темата, е испуштена од објавата на ФБ на Коложег Инфо, кој информира за овој проблем

Медицинските власти на национално, но и на меѓународно ниво, досега не гледаат поврзаност на смртните случаи кај постари лица (како, на пример, во Норвешка) со моментот на вакцинација со mNRA вакцината на Фајзер-БионТек. Оваа информација, многу важна за контекстот на темата, е испуштена од објавата на ФБ на Коложег Инфо, кој информира за овој проблем

 

Објава на Фејсбук на македонски јазик од фан пејџот на Коложег шири информација за небезбедност на вакцините против Ковид 19, посебно на вакцините од Фајзер-БионТек и Модерна, кои се базирани на mNRA „гласник“ при создавање на имунитетот кај луѓето.

Притоа, текстот се фокусира и во самиот наслов на случаите на смрт кај постари лица по приемот на вакцината („Норвешка и Здравствени Експерти Повикуваат на Прекин на Вакцините по Погромот на Старци во Норвешка и САД!“)

Под ваквиот наслов во дел од објавата се наведува:

Норвешка се сврти против опасните вакцини КОВИД-19 и предупредува дека „многу изнемоштените“ луѓе не смеат да ги примаат! Норвешка и здравствени експерти низ светот повикуваат на прекинување на вакцинацијата меѓу постарите лица по бранот на смрт од КОВИД вакцините по старските домови во Норвешка каде за само три дена 29 лица починаа откако примија вакцина Фајзер Ковид. Во САД пак дури Здравстената Агецнија и не води официјални податоци за смртта од вакцините! Пријавени се 55 смртни случаи во пасивниот систем на податоци кој бележи само ако некое семејство само пополни извештај! И здравствени експерти повикаа и Норвешка и другите земји да ја прекинат употребата на вакцини засновани на mRNA КОВИД-19 произведени од компании како што е Фајзер (Pfizer), особено кај постари лица. Ескпертите велат дека се доведува во прашање дали главната цел на вакцините со мРНА (днк-рнк менувачки зомби вакцини) воопшто е лекување на пациенти или нешто трето.

Ваквата информација е со испуштен контекст, којшто е многу важен за да може да се оцени како објективна, а не како обид за дезинформација.

Она што не се споменува во објавата е дека досега ниту една здравствена власт во Европа или на меѓународно ниво не ги доведуваат случаите на починати во врска со примањето на самата вакцина. На пример, во опсежна анализа на Блумберг, објавена на 18.01.2020 г., се вели дека до тој датум во Норвешка биле пријавени 33 смртни случаи од 42 илјади луѓе што ја примиле вакцината на Фајзер-БионТек. Но, она што го нагласуваат норвешките власти, чиј приоритет е вакцинацијата кај постарите лица кои бараат нега од друго лице, е фактот дека нема поврзаност на починувањето со вакцината.

Оние кои починаа беа во категоријата 75 години и постари и во таа категорија спаѓаaт и пациенти кои беа смртно болни и на кои им се даваа неколку недели до неколку месеци живот, се цитираат норвешките власти во текстот на Блумберг.

Слична е состојбата и во Германија, каде што со оваа вакцина веќе се имунизирани над 800.000 луѓе. Од сите вакцинирани регистрирани се најмалку 7 смртни случаи. Во извештајот на Институтот Пол Енрлих, каде биле истражувани овие случаи, се наведува дека  „случаите на смрт набргу по примањето на вакцината, најверојатно се должат на постоечки болести на пацинтите како што се рак, бубрежна инсуфициенција, Алцхајмер, но не и на процесот на вакцинација“, се вели во истото истражување на Блумберг цитирано погоре.

Конечно, Советодавниот комитет на Светската здравствена организација кој се состанал на 21.01.2021 за да ги разгледа фактите околу употребата на вакцината на Фајзер-БионТек, на 22.01.2021 излегува со соопштение/изјава дека „не постојат докази дека вакцината на Фајзер-БионТек придонела за смрт кај постарите лица“ и препорачува вакцинацијата и кај оваа популација да продолжи.

Извештаите за смрт „се во согласност со очекуваната стапка на смртност од сите причини и причините за смрт кај популацијата на изнемоштени лица и постари лица, а достапните информации не потврдуваат дека во пријавените фатални настани придонесувачка улога имала вакцината“, ја пренесува Форчн изјавата од Советодавниот комитет на СЗО.

Агенцијата Франс Прес (АФП), во однос на можната поврзаност на смртта со вакцината на Фајзер-БионТек, пренесува извештаи и од други земји во Европа, вклучувајќи ги и Велика Британија, Франција и Шпанија, но и ја цитира Европската медицинска агенција ЕМА, која соопштува дека засега нема знаци за загриженост и поврзаност на смртта на постарите лица по примањето на вакцината.

„До овој момент не е идентификувана никаква посебна загриженост поврзана со вакцината“(се мисли на одобрената mNRA вакцина на Фајзер-БионТек). Во соопштението на ЕМА, пренесено од АФП, се наведува дека засега не е забележана никаква абнормалност во причините за смртта кај оние лица кои починале а ја примиле вакцината.

Во сите посериозни извештаи, се разбира, се нагласува дека можните негативни ефекти на вакцината се следат одблиску и дека е потребно време за целосно да се оцени вакцината. Тоа го наведуваат и во извештаите на американските власти кои ја одобрија вакцината за итна употреба (FDA), а фактите за тоа ги пренесуваат и сериозни медиуми како Дојче Веле на пример.

Според Њујорк Тајмс, најновите податоци од Израел, во кој вакцинацијата се врши забрзано и од каде веќе има и анализи за ефикасноста на вакцината на Фајзер, покажуваат дека најверојатно ефикасноста на оваа вакцина е поголема од бројката од 95%, како што извести компанијата во документите за регистрација.

Имаено, весникот јави дека, според податоците на Министерството за здравство на Израел, од 428.000 Израелци, кои ја примиле и втората доза, една недела подоцна само 63 заболеле од Ковид-19, односно 0,014 отсто. Слични се и податоците на една од најголемите здравствени организации во земјата, Макаби, која објави дека после една недела од приемот на втората доза само 20 од 128.000 вакцинирани лица заболеле од Ковид-19 или околу 0,01 отсто.

Но, за рецензијата на објавата на ФБ што ја разгледуваме, најважно е дека недостигаат важни факти што се однесуваат поврзаноста на смртните случаи со вакцината на Фајзер-БионТек, односно тоа што е пласирано е извадено од целиот контекст на оваа тема.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција