Затворениот базен во Куманово уште не е отворен

Повторно најава за отворање на базенот во Куманово, овој пат на 5 мај (2016) Фото: Кат-Инг Градба

Пред една година започна изградбата на Затворен базен кој има површина околу 6000 квадратни метри.На површина од 1800 квадратни метри, предвидено е да има деловен комплекс со спа центри, фитнес клубови, простории за спортски клубови и угостителски објекти. Во овој комплекс ќе биде изграден и АКВА ПАРК , а околу него на површина од 500 квадратни метри летна бавча, каде граѓаните ќе може да имаат рекреативни содржини и забава. На овој начин, ќе се зајакне финансискиот капацитет на Општината, односно на јавното претпријатие или евентуално јавно – приватно партнерство кое може да биде дел од експлоатирање на овие содржини, со што се зајакнува фискалниот капацитет на локалната самоуправа и на јавните претпријатија, ако тогаш јавното претпријатие биде формирано од Советот. Со пуштање во употреба на двата базени (затворен и отворен) и АКВА паркот, нашите сограѓани ќе имаат убаво место за забава и рекреација. Базенот ќе биде пуштен во употреба оваа година со што ќе се добие на еден простор затворена спортска целина во градот. (Буџет: не е наведен, рок: 2013 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во својата изборна програма за локалните избори во 2013 година, во делот Капитални инвестиции, на страниците 7 и 8, Зоран Дамјановски (како кандидат на здружената опозиција предводена од СДСМ) ветува затворен базен во Куманово до истекот на таа година. Изградбата на овој базен е почната уште во текот на претходниот мандат на Дамјановски, но иако е веќе април 2016 година, сè уште не е предаден во употреба. Сепак, бидејќи според пренесеното во медиумите и според фотографиите од фирмата што го гради, работите се при крај, оценката е дека реализацијата на ветеното е во тек.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, првото ветување за затворен базен во Куманово е од 2009 година.

Изградбата на овој базен почнува на 10 ноември 2011 година, при што е наведен рок за изградба од  18 месеци. Сепак, реализацијата на ветеното се пролонгира и некаде пред истекот на тој рок, во март 2013 година, во текот на предизборната кампања, Дамјановски го посети затворениот базен во фаза на изградба, при што изјави дека очекува работите да завршат до летото истата година, а базенот да биде пуштен во употреба есента.

Овој проект започна пред една година, и сами гледате дека се наоѓа во завршна фаза. Треба да се заврши до лето, и на есен да биде пуштен во употреба.

Но и тој рок не е испочитуван и работите се пролонгираат, па дури во октомври минатата година се првите најави дека ќе се врши пробно полнење на базенот, што веќе е потврда дека работите се навистина при крај. Фотографиите на сајтот на фирмата „Кат-Инг Градба“ зборуваат за завршница.

Во петокот рано попладнето  Вистиномер контактираше преку електронска пошта со Општина Куманово за да добиеме официјална информација за тоа кога би било свеченото пуштање на затворениот базен во употреба, но  до пладне денеска ( 05.04.2016) не добивме одговор.

Сепак, според последните информации пласирани од едно кумановско радио, последниот зададен рок за пуштање во употреба на базенот е 5 мај годинава, кога почнува гимназијската олимпијада.

Затворениот базен е во завршна фаза. Отварањето на затворениот базен е предвидено за  5 мај  кога ќе се одржи и гимназиската олимпијада.

 

ИЗВОРИ

  • Зоран Дамјановски – Изборна програма за локалните избори во 2013 година (стр. 7 и 8) [Пристапено на: 5.4.2016]
  • А1он – На Дамјановски нема да му помогне поторувањето на исти проекти и ветувања (30.3.2013) [Пристапено на: 5.4.2016]
  • Куманово Њус – Дамјановски: Куманово ќе се гордее со затворениот базен (30.3.2013) [Пристапено на: 5.4.2016]
  • ТВ Плус – Пробно полнење на олимпискиот базен во ноември (6.10.2015) [Пристапено на: 5.4.2016]
  • Кат-Инг Градба – Затворен пливачки базен во Куманово [Пристапено на: 5.4.2016]
  • Бум Радио – КУМАНОВО ЌЕ ДОБИЕ НОВ ОТВОРЕН БАЗЕН (17.2.2016) [Пристапено на: 5.4.2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција