Зеќирија Ибрахими ја пееше албанската химна во Собрание, а не новиот собраниски спикер Африм Гаши

Пратеникот кој што пееше албанска химна во Собранието не новоизбраниот спикер Африм Гаши, ниту е пратеник на Алтернатива. Химната ја пееше Зеќирија Ибрахими од партијата Беса. Ибрахими беше дел од собранискиот состав 2016 – 2020 година. Тој не беше пратеник во претходниот состав на Собранието, ниту пак е дел од сегашниот состав кој беше избран на парламентарните избори одржани на 8 мај 2024 година.

Повеќе објави на социјалната мрежа Фејсбук тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, споделија неточна информација дека новиот спикер на Собранието, Африм Гаши е пратеникот кој што пеел албанска химна во Собранието пред неколку години.

АФРИМ ГАШИ е човекот што пееше химна на друга држава во македонскиот парламент.

Наместо постапка против него од денес овој бивш пратеник ќе биде претседател на највисокиот законодавен дом во Република Македонија.

На виралната објава која што е предмет на оваа рецензија споделено е видео од пратеник кој од пратеничката говорница ја рецитира албанската химна. Во објавата се тврди дека ова е пратеникот Африм Гаши. Гаши е пратеникот од сегашниот нов состав на Собранието, кој денеска беше изгласан за нов претседател на законодавниот дом.

Африм Гаши е пратеник од коалицијата Вреди во која што има неколку албански партии. Според коалицискиот договор на Вреди со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која што освои најмногу гласови на парламентарните избори кои што се одржаа пред три недели, на функцијата спикер на Собранието е назначен Африм Гаши. Гаши е член на партијата Алтернатива, а до пред неколку дена беше и нејзин лидер. Откако коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди се договорија Гаши да биде претседател на Собранието, тој пред неколку дена, поради неспоивост со партиска функција, поднесе оставка од лидерското место во Алтернатива.

На последната седница на Централното собрание на Алтернатива, одржана во четвртокот на 23 мај, меѓу другото се разговараше и за кандидатурата на Африм Гаши за претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Бидејќи Уставот на РСМ, член 67, определува дека претседателот на републичкото собрание не може да биде и претседател или функционер на политичка партија, Африм Гаши поднесе оставка од функцијата претседател на Алтернатива и од сите други функции на партијата, велат од Алтернатива.

Гаши денеска попладне со 76 гласа „за“ и шест „против“ беше избран за претседател на Собранието. Со неговиот избор и давањето на свечената заклетва заврши конститутивната седница на Собранието.

Она што е невистинито во голем број на објави на социјалните мрежи кои претходеа на изборот на Гаши е дека новиот претседател на Собранието Африм е истиот пратеник кој што на 27 април 2017 година на собраниската говорница ја рецитираше албанската химна. На тој 27 април, после вжештената атмосфера во која што за претседател на Собранието беше избран Талат Џафери, се случи и упадот во Собрание при кој што беа повредени повеќе пратеници, новинари и други лица. Тој датум остана како црна дамка во историјата на Македонија.

Но, пратеникот кој што пееше албанска химна во Собранието не е Африм Гаши, ниту е пратеник на Алтернатива. Химната ја пееше Зеќирија Ибрахими од партијата Беса. Ибрахими беше дел од собранискиот состав 2016 – 2020 година. Тој не беше пратеник во претходниот состав на Собранието, ниту, пак, е дел од сегашниот состав, кој беше избран на парламентарните избори одржани на 8 мај 2024 година.

Зеќирија Ибрахими ја пееше алабанската химна во Собранието во 2017 година, а не Африм Гаши кој ќе биде собраниски спикер во следните четири години. Затоа оваа објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција