Зеленски „фатен“ со странски пасоши во проруските дезинформации

Фото: Колаж направен во Канва,President Of Ukraine from Україна од Wikimedia Commons

Иако се води вистинска антикорупциска истрага против Јермак, еден од најблиските соработници на Зеленски, нема никакви официјални информации дека НАБУ пронашла странски пасоши со името на украинскиот претседател.

Иако се води вистинска антикорупциска истрага против Јермак, еден од најблиските соработници на Зеленски, нема никакви официјални информации дека НАБУ пронашла странски пасоши со името на украинскиот претседател. Пасошите што се презентирани изобилуваат со грешки, на пример погрешно напишано презиме и рок на важност, копирани фотографии од јавни настапи на Зеленски. Но, не само тоа, и Украинскиот центар за борба против дезинформации потврди дека станува збор за дезинформациски напад

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

На крајот на минатиот месец Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ), како дел од нивната истрага, изврши претрес на станот на Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володомир Зеленски. Покрај тоа што Јермак го водеше украинскиот дипломатски тим којшто преговараше за мировниот план предложен од САД за конечно разрешување на четиригодишната воена агресија на Русија, сепак заради оваа истрага, како што изјави Зеленски, Јермак си поднел оставка

Набрзо по овој „политички земјотрес“, заради блискоста на Јермак со Зеленски, почнаа да кружат сосема неосновани дезинформации околу започнатата истрага. Овојпат за разлика од минатото, не се работи само за наводно проневерени огромни суми на пари ( во конкретниот случај се спомнуваат 727 милиони долари), туку и дека во домот на Јермак биле пронајдени повеќе пасоши на Зеленски од други држави како Израел, Свети Кристофер и Невис, Обединетото Кралство, Ирска и Бахами. Овие „докази„ се проследени со цинични коментари, божем двајцата секогаш имале „план Б“ доколку ги стигне законот или ја изгубат војната.

Но, оваа вест не е точна.

Најпрво, да потсетиме дека до минатово лето во Украина беше забрането поседување на повеќе од едно државјанство. Потоа, некои од фотографиите што се „залепени“ на пасошите се од јавни настапи на Зеленски. На јавните комуникациски канали на Националното биро за борба против корупција, пак, нема никакви објави за тоа дека наводно за време на претресот биле најдени пасоши на Зеленски. А, според Центарот за справување со дезинформации, станува збор за проруски извори на дезинформации.

Исто така, оваа вест ја проверија колегите од Stop Fake (Украина), Демагог (Полска), 15мин и Делфи (Литванија), Раскринкавање (Црна Гора), Фактограф (Хрватска), Ребалтика (Латвија) Опен (Италија) и сите ја оценија како дезинформација.

Дезинформацијата почнува да се шири на руски Телеграм канали неколку дена по започнување на истрагата против Јермак.

Фото: Фалсификуваните странски пасоши на Зеленски

Во објавата пишува дека Јермак поседувал британски, израелски и бахамски пасоши за себе и за Зеленски, кои наводно истражителите на НАБУ [Националното биро за борба против корупција] ги откриле за време на претресите. Покрај пасошите, тие пронашле 14 милиони долари во готовина и информации за офшор сметки.

Потоа, овие дезинформации се шират и на останатите социјални медиуми како Фејсбук

Она што треба да се потенцира е дека дури на 16 јуни оваа година, Врховната рада на Украина го донесе новиот закон за двојно државјанство со кое би се мотивирале Украинците коишто престојуваат во странство да се вратат по војната. 

Зеленски победи на претседателски избори во 2019 г., а според изборниот законик на Украина, само украински државјани кои имаат над 35 години и кои живеат во земјата најмалку десет години можат да се кандидираат за претседател. Со други зборови, доколку Зеленски навистина бил државјанин на Израел или друга држава во или од 2016 г., како што може да се види од пасошите, тогаш тој немаше да може да се кандидира за претседател на Украина во 2019 г.

Следно, веднаш е воочлив фактот дека некои од фотографиите што се употребени во лажните пасоши се искористени од вистински фотографии на украинскиот претседател од негови јавни настапи – средби. На пример, може да се види дека фотографијата од пасошот од Бахами е преземена од официјалната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Украина, на 03.02.2020

Фото: официјални фотографии од канцеларијата на Зеленски

Исто така, има други недоследности што може да се најдат во другите пасоши. На пример, доколку Зеленски имал израелско државјанство, „кодот на државата“ навистина би бил „ISR“, како што е прикажано на фотографијата од пасошот. Но за странски државјани, т.е. државјани на Украина, кодот би требало да биде „UKR“. Во израелскиот пасош може да се види и тоа дека важноста на документот е од 2016 до 2026 година. Но, според израелските прописи, максималната период на важење на патната исправа е до пет години за возрасни лица.

Не само тоа, туку друг очигледен доказ дека станува збор за фалсификуван пасош е погрешно напишаното презиме на Зеленски. Транслитерацијата, односно препишувањето на презимето на Зеленски од кирилично на латинично писмо, како што може да се види на официјалната веб-страница на претседателот, е со двојно ипсилон или „y“ на крајот, т.е. „Zelenskyy“. Во фалсификуваниот пасош што циркулира на социјалните медиуми е напишано со само едно „у“.

Фото: Фалсификуван пасош на Зеленски и фалсификуван извод од банкарска сметка на Јермак

Слично, и изводот од банкарскате сметка за кој се тврди дека е на име на Јермак, на која во јануари имало речиси 730 милиони долари, има очигледни детали што укажуваат на тоа дека се работи за фалсификат. На пример, можевме лесно да најдеме речиси ист образец т.е. извод од банкарска сметка на веб-страницата „Scribd“ што е онлајн ризница на дигитални документи и обрасци.

Фото: Образец за извод од банкарска сметка на Scribd (ЛЕВО), фалсификуван извод (ДЕСНО)

Нема никакви вести од НАБУ

Националното биро за борба против корупција има повеќе јавни профили (Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб, Телеграм) и сопствена веб-страница, меѓутоа кога ги пребаравме профилите немаше никакви објави поврзани со наводните пасоши на Зеленски и Јермак. Немаше ни други написи и извештаи од доверливи украински или странски медиуми кои пишуваат на оваа тема, освен проверувачите на факти.

Да напоменеме и тоа дека Украинскиот центар за борба против дезинформации потврди дека станува збор за дезинформации:

Како што објаснуваат тие, целта на лажните информации е да се дискредитира претседателот на Украина и да се создаде илузија за „криза во земјата“, само за да се поткопа довербата на меѓународната заедница во Украина.

Па така што, иако се води вистинска антикорупциска истрага против Јермак, еден од најблиските соработници на Зеленски, нема никакви официјални информации дека НАБУ пронашла странски пасоши со името на украинскиот претседател. Пасошите што се презентирани изобилуваат од грешки, на пример погрешно напишано презиме и рок на важност, копирани фотографии од јавни настапи на Зеленски. Но, не само тоа, и од Украинскиот центар за борба против дезинформации потврдија дека станува збор за дезинформациски напад.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција