Зеленски не е диктатор, таква склоност имаше Орбан

Средба Орбан-Зеленски, Киев 02.07.2024 Фото: president.gov.ua

Објавата дезинформира дека Зеленски е „диктатор кој не дозволува избори“, но неговиот мандат се продолжува согласно Законот за воена состојба на Украина кој забранува избори во таква состојба.

Објавата дезинформира дека Зеленски е „диктатор кој не дозволува избори“, но неговиот мандат се продолжува согласно Законот за воена состојба на Украина кој забранува избори во таква состојба. Објавата тврди и дека Зеленски ја „задушува опозицијата“, но оние, кои тој ги гони, се докажани проруски колаборационисти (на пр. Медведчук, кој е во кумовска врска со Путин). Наспроти Зеленски, објавата го фали Орбан, но, иронично, токму тој имаше диктаторски склоности. Тоа што тој го призна изборниот пораз не е целата приказна, туку само нејзиниот крај

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Да разјасниме: Во Унгарија, „диктаторот“ штотуку ги загуби демократските избори одржани без прекршувања. Овој „диктатор“ веднаш и мирно го призна поразот.

Во меѓувреме, во Украина, „демократскиот“ лидер, кој ја задушуваше опозицијата, продолжува да биде претседател без избори.

Погодете кој е поддржан од Европската Унија?

Спротивно на она што го ветува на почетокот, објавата не разјаснува ништо, туку е дезинформаторска и пропагандистичка, што детално ќе го аргументираме.

Зеленски е легитимен претседател на Украина

По почетокот на сеопфатната руска агресија врз Украина на 24.2.2022 г., во земјата беше воведена воена состојба, која е регулирана со соодветен закон, чиј чл. 11, став 3 вели:

Во случај на истекување на мандатот на претседателот на Украина за време на воена состојба, неговите овластувања се продолжуваат сè додека новоизбраниот претседател на Украина, избран по укинувањето на воената состојба, не ја преземе должноста.

Кон тоа ќе додадеме дека согласно член 19, став 1 од Законот, во воена состојба е забрането:

Одржување избори за претседател на Украина

Ова значи дека Володимир Зеленски е легитимен претседател на Украина, а не диктатор. Судејќи по фотографијата вметната во објавата, таа мисли токму на Зеленски, иако не го наведува поименично.

Покрај законски пречки за избори, тие не можат да се одржат и заради воениот хаос, па да се бараат избори среде масакри, бомбардирања и разурнувања на цели градови е вон здравиот разум, башка што околу 20 отсто од територијата на Украина е под окупација.

Русија изврши агресија врз Украина уште во 2014 г. на Крим, а набргу и потајна врз Донбас (види: тука и тука), но тоа не ја опфати целата земја, па воена состојба беше прогласена само во некои региони и само привремено. Затоа, избори се одржуваа, макар и некомплетно низ целата земја, но сега состојбата е далеку полоша.

Зеленски не е самоволен „задушувач на опозицијата“

Согласно веќе цитираниот Закон, но и согласно чл. 64 од Уставот на Украина, некои права на граѓаните во воена состојба се ограничуваат заради безбедноста на државата и дури се гонат некои поединци и групи согласно членовите на Кривичниот законик: 111 (велепредавство), 111¹ (колаборационизам) или 111² (соработка со држава-агресор). Сходно на тоа, Зеленски не е диктатор, кој самоволно ја „задушува опозицијата“, туку такви мерки би презела секоја држава.

Најпознат меѓу тие поединци е бившиот украински претседател Виктор Јанукович, кој побегна во Русија кога таа изврши агресија врз Крим при крајот на февруари 2014 г. и тој е осуден за велепредавство, а Партијата на регионите, која тој некогаш ја водеше, беше забранета во 2023 г.

Таа проруска партија е „расадник“ за колаборационисти, па нејзиниот бивш пратеник Евгениј Балицкиј сега е руски гувернер на окупираната Запорошка Област, а неговиот сопартиец и некогашен колега од Собранието, Владимир Саљдо, е гувернер на окупираната Херсонска Област. Во даден момент тој создаде своја проруска партија, која беше забранета во 2022 година.

Друга проруска партија во Украина беше ОПЗЖ на Виктор Медведчук, која, исто така, беше забранета во 2022 година. Владимир Путин е кум на неговата ќерка, но тие се и политички поврзани. Медведчук е основач на невладината организација Украински избор, која, всушност, е проруска и која беше гонета за предавство. Медведчук беше уапсен, но со размена на заробеници се најде во Русија, кај што основа нова организација, Друга Украина. Русија него го планираше за марионетски лидер на окупирана Украина, но тоа не успеа.

Потенцијален марионетски лидер беше и Евгениј Мурајев, некогаш сопартиец на Медведчук, кој во даден момент ја формираше проруската партија Наши, но и таа беше забранета во 2022 г.

Сите наведени поединци и групи отворено работат против Украина, ја поддржуваат руската агресија и сл., а објавата сугерира дека се „недолжни жртви на репресија“.

Парламентарната опозиција во Украина има и не е точно дека Зеленски „ја задушува“, а во неа се партиите: Европска солидарност (на експретседателот Петро Порошенко), Баткившчина (на експремиерката Јулија Тимошенко) и Холос (на познатиот рок-музичар Свјатослав Вакарчук).

Орбан не беше демократичен лидер

Објавата се осврнува и на Виктор Орбан, кого не го именува, но судејќи по неговата фотографија споделена во неа, јасно е дека се мисли на него. Тој тука е лажно опишан како демократичен лидер, кој признал пораз на изборите и мирно ја предал власта, но тоа не е целата приказна, туку само нејзиниот крај.

Можеби „диктатор“ е претежок збор, но факт е дека Орбан беше авторитарен. Тој владееше 16 години со „пиши-бриши“ на Уставот и законите во своја полза, со клиентелизам и партиски вработувања, со преземање контрола над медиуми, со делење државјанства на етнички Унгарци од соседните земји, кои потоа гласаа за него, па некои ја нарекуваа Унгарија мафијашка држава.

И, не е точно дека неодамнешните избори во таа земја биле сосема без дамка, за што сведочи извештајот на набљудувачите од ОБСЕ, кои укажале на некои негативности од страна на Орбан.

Но, на изборите тој се соочи со рекордна излезност на опозицијата, што веќе не можеше да ја сопре со махинации. Таа „лавина“ почна откако во еден детски дом се случи педофилска афера. Претседателката на Унгарија, Каталин Новак и министерката за правда Јудит Варга тогаш го помилуваа заменик-директорот на домот, Ендре Коња, кој криел детали за случајот, што создаде револт кај граѓаните и што доведе до оставка на Новак и Варга.

Тие беа блиски со Орбан и тоа му го урна имиџот на „традиционалист“, па Петер Маѓар му ги презеде дотогаш верните и конзервативни гласачи. Но, тие се жалеа и на влошената економија, за што, меѓу другото, придонесе блокирањето на европските пари за Унгарија.

Орбан не беше тимски играч во ЕУ, па ѝ даваше „автоголови“ во полза на Путин, кој е озлогласен по својата агресивност и диктаторските склоности. Неговата агресија врз Украина разбуди сеќавања за онаа советската врз Унгарија од 1956 г., па Унгарците дури го реактуелизираа слоганот: „Руси, одете си дома!“ (унг. „Ruszkik, haza!“). За таа одбојност придонесе и руското штетно влијание врз изборите, со дезинформации по социјалните мрежи и сл.

Но, судирот на Орбан со ЕУ не е само заради неговите проруски ставови, туку и заради неговото погазување на европските принципи: демократијата, владеењето на правото и сл.

Ако ЕУ му била толку одбојна, тој можел да иницира излез на Унгарија од Унијата, како што тоа го стори Британија со својот Брегзит-референдум, но Орбан тоа не го стори, што е лицемерно.

По сето тоа, нормално е тоа што ЕУ не го поддржува Орбан, т.е. тоа е во склад со европските норми. Ненормално би било ЕУ да поддржува лидер како Орбан, кој има диктаторски склоности, па макар и благи и кој не ги споделува вредностите на својот тим, туку игра за оној противничкиот.

Од друга страна, Зеленски е сосема легитимен лидер, кој се спротивставува на агресија, започната од еден авторитарен лидер како Путин, па нормално е тоа што ЕУ го поддржува Зеленски. Би било ненормално, па дури и неморално, таа да напаѓа некого, кој е жртва на таква агресија.

На крај го заклучуваме следново: ниту Зеленски е диктатор, ниту Орбан е толку демократичен како што го претставува објавата, па истата ја оценуваме како дезинформаторска и невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција