Зеленски не е Хитлер и не мобилизира 17-годишни деца на фронтот

Илустрација: Вистиномер.мк

Како што објави медиумот УНН на 15 јануари 2025 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишал закон за особеностите на воената регистрација на регрутите, според кој 17-годишните момчиња ќе мора да бидат регистрирани за воена служба преку „Резерва+“ или ТЦЦ во периодот од 1 јануари до 31 јули. Но, тоа не значи дека 17-годишни момчиња ќе бидат мобилизирани и испраќани на фронт. Мобилизацијата според законите во Украина, важи само за мажи над 25 години. Објавата се обидува и да повлече паралела меѓу Зеленски и Хитлер, што е класичен спин и е во духот на руската пропаганда

Како што објави медиумот УНН на 15 јануари 2025 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишал закон за особеностите на воената регистрација на регрутите, според кој 17-годишните момчиња ќе мора да бидат регистрирани за воена служба преку „Резерва+“ или ТЦЦ во периодот од 1 јануари до 31 јули. Но, тоа не значи дека 17-годишни момчиња ќе бидат мобилизирани и испраќани на фронт. Мобилизацијата според законите во Украина, важи само за мажи над 25 години. Објавата се обидува и да повлече паралела меѓу Зеленски и Хитлер, што е класичен спин и е во духот на руската пропаганда

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Зеленски сега се насочува кон лица над 17 години. До 31 јули, сите млади украински мажи кои наполниле 17 години оваа година се должни да се регистрираат за воена служба, известува ТКЦ.

Објавата споделува и фотографија на која се гледа поранешниот германски нацистички лидер Адолф Хитлер како се поздравува со млади момчиња облечени во војнички униформи, сакајќи да повлече паралела меѓу него и украинскиот претседател Володимир Зеленски и да ги поистовети.

Нашата проверка покажа дека Украина не регрутира помлади од 18 години, но дека ја намали старосната граница за воен рок од 27 на 25 години.

Регрутирањето деца во вооружените сили е спротивно на законот во Украина.

Членот 15 од Законот за воена служба на Украина вели дека единствените лица на кои ова се однесува се:

Украинските граѓани чиј пол е машки, кои се здрави, кои наполниле 18 години до денот на започнување на службата и лица кои сè уште немаат 27 години, а кои немаат право на ослободување или одложување. Граѓаните на воената возраст можат доброволно да бидат примени на воена служба со договор под условите предвидени во првиот дел од членот 20 на овој закон и на начин утврден со прописите за воена служба од државјани на Украина.

Нема докази кои би ги документирале и поддржале наводите дека има украински деца кои се борат во првите линии на фронтот.

Проруските профили на социјалните мрежи често шират гласини дека Украина испраќа деца на првата линија на фронтот да се борат против руските војници, пишува Франс 24 Обсервес.

Франс 24 Обсерверс разговарале со Денис Кривошеев, заменик регионален директор задолжен за истражување за Источна Европа и Централна Азија во Амнести Интернешенал, кој во врска со ова изјавил:

Амнести интернешенал нема сознанија за документирани случаи на деца војници во украинската армија.

Врховната рада на Украина ја намали старосната граница за воен рок од 27 на 25 години.

Како што се наведува во образложението на предлог-законот, досега граѓаните кои се способни за воена служба и кои наполниле 18 години до денот на распоредувањето во воените единици и постарите лица кои не наполниле 27 години и немаат право на ослободување или одложување од регрутирање се повикуваат на воен рок, пишува Визит Украина. Во исто време, граѓаните кои наполниле 27 години додека се пријавуваат за воен рок подлежат на воена регистрација.

Исто така, се прецизира дека за време на правниот режим на воена состојба во Украина, нема потреба граѓаните помлади од 27 години да се регистрираат во војската подолго време.

Граѓаните на возраст од 25 до 60 години подлежат на мобилизација. За време на мобилизацијата, мажите на возраст од 18 до 60 години се должни постојано да носат документ за воена регистрација со себе.

Тогашниот министер за одбрана на Украина, Олексеј Резников го оправдал намалувањето на возраста за воен рок со потребата да се надополни резервата за мобилизација. Претходно, максималната возраст за регрутирање беше 27 години. Ако маж наполнел 27 години и не служел војска, не можело да биде мобилизиран.

Откако законот беше изменет, мажите на возраст од 25 до 60 години, дури и без искуство во воениот рок, можат да бидат мобилизирани во време на војна. Предлог-законот го прошири опсегот на лица кои би можеле да се мобилизираат со регрути на возраст од 25 и 26 години, кои претходно не биле предмет на мобилизација, пишува во текст на Визит Украина.

Како што објави медиумот УНН на 15 јануари 2025 година, украинскиот претседател Зеленски потпишал закон за особеностите на воената регистрација на регрутите, според кој 17-годишните момчиња ќе мора да бидат регистрирани за воена служба преку „Резерва+“ или ТЦЦ (Територијален центар за регрутација) во периодот од 1 јануари до 31 јули.

Но, тоа не значи дека 17-годишни момчиња ќе бидат мобилизирани и испрачани на фронт. Мобилизацијата според законите во Украина, важи само за мажи над 25 години.

Законот за воена служба на Украина не предвидува мобилизација или служење војска за 17‑годишни лица.

Објавата се обидува и да повлече паралела меѓу Зеленски и Хитлер. Тоа е класичен спин и е во духот на руската пропаганда.

Теоретичарите на заговор и руските пропагандисти постојано се обидуваат да го претстават претседателот на Украина како неонацист или нацистички симпатизер, иако Зеленски има еврејско потекло и тројца негови вујковци загинале во Холокаустот.

Коментирајќи ги овие обвинувања, Зеленски во една прилика изјави дека Москва „го следи истиот концепт на Гебелс и тие ја користат истата методологија“ во обидот да ја оправдаат војната против Украина.

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират наративи дека Украина е нацистичка и фашистичка, дека таму се глорифицира нацизмот (неонацизмот), како и дека Зеленски е нацист. Ова се прави сè со цел да се оправда руската агресија врз оваа суверена земја којашто трае повеќе од една година.

Вистиномер има пишувано на оваа тема, кога Зеленски манипулативно и неосновано беше споредуван со Хитлер, а се ширеше и фотографија на која тој наводно држи дрес на којшто има свастика. Проверувачите на факти на АФП покажаа дека фотографијата којашто е споделена е дигитално изменета и го покажува Зеленски фотомонтиран.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција