Зеленски не потрошил 80 милиони на луксузен хотел во Франција

Фото: колаж од Photo by sq lim on Unsplash и President Of Ukraine from Україна, via Wikimedia Commons

Ова е последната од низата дезинформации коишто „тврдат“ дека украинскиот претседател Володомир Зеленски повторно трошел пари наменети за украинската армија. Сега се тврди дека тој го купил луксузниот хотел „Palace des Neiges“ што се наоѓа на француските Алпи. Како и во претходни слични ситуации, веста потекнува од „новински портал“, создаден неколку дена пред да биде објавена „веста“. А, според сите јавно достапни информации хотелот е во сопственост на угостителска групација од Монако

Ова е последната од низата дезинформации коишто „тврдат“ дека украинскиот претседател Володомир Зеленски повторно трошел пари наменети за украинската армија. Сега се тврди дека тој го купил луксузниот хотел „Palace des Neiges“ што се наоѓа на француските Алпи. Како и во претходни слични ситуации, веста потекнува од „новински портал“, создаден неколку дена пред да биде објавена „веста“. А, според сите јавно достапни информации хотелот е во сопственост на угостителска групација од Монако

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ДОДЕКА УКРАИНЦИТЕ ГИНАТ ВО ВОЈНА, ЗЕЛЕНСКИ СЕ ОБЕЗБЕДУВА. КУПЛЛ ХОЅЕЛ ВО ФРАНЦИЈА 80 МИЛИОНИ ЕВРА.?

Како што се дознава,ЗЕЛЕНСКИ купил хотел во Франција за 80 милиони евра и возен парк од возила,меѓу кои и возила Бугати.

Ако погледнеме малку наназад,ЗЕЛЕНСКИ има купено хотел и во Кипар.

Во склоп на објавата е споделена и фотографија од пребарувачот Гугл каде што пишува „Зеленски купил хотел во Франција“ на руски.

Фото: Фотографија од објавата на Фејсбук

На фотографијата е прикажан и ТикТок профилот „@milachechenka2“, каде што може да се најде видео кое содржи (дез)информации за Зеленски и францускиот хотел. Поточно, бидејќи е избришано оригиналното видео, може да се најде само архивирана верзија на објавата. Оригиналното видео е реобјавено на повеќе други места, како на пример на овој профил на Фејсбук:

Во видеото може да се види човек со микрофон којшто стои пред хотел опкружен со снег, а кадарот делува како да е новинарски сегмент на терен.

Иако човекот во видеото зборува на француски, има титлови на англиски и руски кои велат:

Моментално стојам пред луксузниот хотел, Palace des Neiges, во одморалиштето Куршевел, во Франција, во Савоа. Претходно ѝ припаѓаше на групацијата SBM, а беше продаден пред еден месец на нов сопственик. Работите за реновирање ќе започнат наскоро за да може да се отвори за зимската сезона 2026-2027 година, а неговиот нов сопственик е позната личност, пишува во видеото.

Понатаму, се прикажува како снимката се префрла во „студио“, каде што се надоврзува на претходната изјава и се открива дека сопственикот е наводно украинскиот претседател, Володомир Зеленски. Како доказ за ова, се прикажува скриншот од „OpenCorporates“, веб-страница на која  може да се најдат податоци за светски корпорации чии податоци се јавно достапни. Во скриншотот се наведува компанијата „Film Heritage Inc.“, вистинска офшор компанија основана во Белизе која во минатото била во сопственост на Володомир Зеленски, но сега со истата раководи неговата сопруга Олена. Овој факт е потврден од Проектот за пријавување организиран криминал и корупција или „OCCRP“.

Понатаму, во видеото се наведува дека луксузниот хотел го чинел Зеленски 88 милиони евра – не 80 како што се наведува во објавата што ја рецензираме. А, до крајот на видеото се наведуваат удобностите што ги нуди хотелот, како и престижните гости кои наводно го посетувале овој хотел во минатото.

 

Што е факт, а што е дезинформација?

За почеток треба да се напомене дека Зеленски не го купил овој луксузен хотел во францускиот ски-центар Куршевел. Во моментот овој хотел е во сопственост на Паскал Камиа, според истиот сајт што се наведува во самото видео – opencorporates, како и според сличниот француски сајт „infonet.fr“. Во вестите од Монако (https://monacolife.net/)  се споменува дека лани во октомври групацијата „Société des Bains de Mer“ (или само „SBM“), во која Паскал Камиа е директор за меѓународен развој, го купила хотелот Palace des Neiges. 

Дополнително, при проверка на јавно достапните имотни листови на Зеленски, хотелот не може да се најде на истите. Со други зборови нема докази дека е во сопственост на Зеленски.

Исто така, во видеото може да се најде ознаката „EF“ или „Les Echos de la France“ (Ехото на Франција), новински портал што е создаден неколку дена пред да биде објавено видеото. Како и во други случаи со руските дезинформации, креирањето на навидум новински протал некое време пред да се објави ваква „ударна“ дезинформација е веќе добро позната тактика на Кремљ. 

„Официјалниот“ сајт на хотелот (hotelpalacedesneiges.com) што e прикажан во видеото и каде што се прикажано дека е во сопственост на „Film Heritage Inc.“ во моментов не функционира. Но, други проверувачи на факти ја имаат архивирано страната додека сè уште била во функција. Вистинскиот веб-сајт на Хотелот „Palace des Neiges“ e hotelpalacedesneiges.com (архивиран тука), но доколку сега се посети истиот автоматски пренасочува на официјалната страница на групацијата SBM. Ако ги споредиме двата архивирани сајта, може да се види дека речиси сè е исто освен најдолниот дел од страницата што е монтирано да изгледа како хотел да е во сопственост на „Film Heritage Inc.“

Фото: оригинална страна наспроти фабрикувана страница

Со пребарување на Гугл Мапс алатката, можевме да потврдиме дека видеото е навистина снимено пред самиот хотел „Palace des Neiges“. 

Последно што треба да се напомене е дека ова е само една од низата дезинформации коишто имаат за цел да го уништат угледот на Зеленски и неговата фамилија и да ја поткопаат довербата како кај домашните граѓани, така и кај странските поддржувачи.

Според сите горенаведени факти, објавата и фотографијата во неа, како и изворот од каде што потекнува оваа дезинформација, ги оценуваме како невистинити.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција