Земјотресот во Маврово нема врска со полнењето на езерото

Експерти за земјотресно инженерство јасно го побиваат тврдењето искажано во објавата на Сопанската комора за енергетика, при што нагласуваат дека земјотресот во мавровскиот регион е од тектонски карактер и ја исклучуваат можноста тој да е поврзан со полнењето на езерото

Експерти за земјотресно инженерство јасно го побиваат тврдењето искажано во објавата на Стопанската комора за енергетика, при што нагласуваат дека земјотресот во мавровскиот регион е од тектонски карактер и ја исклучуваат можноста тој да е поврзан со полнењето на езерото

 

По земјотресот во Маврово, кој се случи на 11 ноември во раните утрински часови, Стопанската комора за енергетика на Македонија на својата официјална Фејсбук страница излезе со алармантен став дека земјотресот е последица на празното езеро кое сега наеднаш се полни, а тоа предизвикува оптеретување на земјините плочи и предизвикува притисок и поместување“.  Ваквото тврдење не е точно. Според експертски мислења од областа на земјотресното инженерство и инженерска сеизмологија, земјотресот е од текстонски карактер и не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро со вода.

Во постот на Стопанската комора за енергетика на Македонија, објавен еден час по земјотерсот, кој има сензационалистички, па и има паничен призвук се вели:

ЗЕМЈОТРЕСИТЕ настануваат како последица на ,, неконтролираното ,, празнење и полнење на езерата… !!! … Сушење на земјините плочи, површини преку летниот период и повторно полнење со вода е една од причините. Ова не се случува првпат на оваа теритероја според документите од Сеизмолошки институт.

Исто тоа се случи 1963 во Скопје, многу дожд и наеднаш земјотрес…

Денес во 4:54 часот во Маврово со 5.5 степени е последица од празното езеро кое сега наеднаш се полни, а тоа предизвикува оптеретување на земјините плочи и предизвикува притисок и поместување !!! …

Со природата нема ,, ШЕГА ,,.

>> Оваа арно, НЕ е на арно !!!…<<

Пресушени се реките. Уништени се флората и фауната во езерата. Животна средина треба да реагира. Треба да се внимава на биолошкиот минимум.

Сослушајте ги експертите од Стопанската Комора за Енергетика на Македонија.

Со ваквите наводи не се согласуваат експертите за земјотресно инженерство. Во врска со ова „Вистиномер“ побара став од Институтот на земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Директорот на оваа научноистражувачка и високообразовна институција, основана уште во 1965 година, професор д-р Влатко Шешов, ни посочи дека со тим од ИЗИИС вчера (12.11.2020) биле во посета на Општина Маврово и Ростуше и извршиле стручни обсервации на теренот и позначајните објекти во овој регион.

Можам да истакнам дека земјотресите кои се случија во мавровскиот регион се од тектонски карактер со просечна длабочина на изворот (хипоцентарот) од 10 км. Мавровско Езеро е вештачка акумулација и се наоѓа на површината на теренот, и нема никакво влијание на поместувањето на раседните структури на длабочина од 10 км кои се извор на земјотресните движења, изјави за „Вистиномер“ професорот Шешов.

И професор д-р Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени (ИЗИКП), ја исклучува можноста земјотресот да се поврзе со полнењето на Мавровското Езеро.  Тој во изјава за порталот „А1 ОН“ вели:

 Земјотресот од пет степени според Рихтервата скала, кој рано утрово (11.11.2020 н.з.) се почувствува во земјава е нормална сеизмичка активност на раседот Дебар – Елбасан и не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро со вода, вели професорот Гаревски во изјава за порталот „А1 ОН“

Ваков земјотрес не е за изненадување. Тој расед Дебар- Гостивар- Елбасан е континуирано активна зона. Очекувани се афтершокови. Земјотрес со јачина од пет степени според Рихтеровата скала, како овој од утрово, носи со себе последователни, но послаби потреси. Земјотресот не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро со вода. Сметам дека е тектонски, не индуциран. Индуцирани земјотреси се појавуваат при нагло полнење или празнење на езерата, таков случај имавме на Козјак, но овде тлото е релаксирано, езерото постои долго време. Тврдам дека земјотресот е од тектонско потекло, објаснува Гаревски.

Директорката на Сеизмолошката опсерваторија и професор на Природно-математичкиот факултет, д-р Драгана Черних, исто така, не се согласува со ставот на Стопанската комора за енергетика. Во кусиот телефонски разговор таа категорично ни рече:

Полнењето на Мавровското Езеро нема никакво влијание на земјотресите во Маврово.

Овие експерстки ставови јасно го побиваат тврдењето искажано во објавата на Сопанската комора за енергетика, која привлече големо внимание на Фејсбук (има 125 интеракции и 186 споделувања)

А, освен тоа во постот има уште една невистина. Во него се вели дека земјотресот во Маврово бил со јачина од 5,5 степени. Но, според информациите од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) станува збор за земјотрес со јачина од 5 степени според локална Рихтеровата магнитуда, кој се случил во 4 часот и 54 минути, а епицентарот се наоѓал 50 километри југозападно од Скопје во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, кај селото Леуново во мавровскиот регион.

Па, гледано во целина овој пост на Фејсбук е прилично проблематичен. Впрочем, во неговата точност се сомневаат и дел од оние кои коментираат под објавата. Меѓу коментарите има такви кои им порачуваат:

срамота е да пишувате вакви лаги од официјален профил!!!

Некои, пак, зачудено прашуваат: „кој експерт се потпиша под ова мислење, за земјотрес чиј епицентар е на 6 км под езерото?, ама не добиваат конкретен одговор. Наместо одговор постиран е само линк од Меморандум за соработка  помеѓу Стопанската комора за енергетика и Сеизмолошка опсерваторија од Скопје, потпишан на крајот на ноември минатата година (2019). Но, и покрај тоа што во коментарите се инсистира  да се разјасни дали е тоа нивно мислење (на Сеизмолошката опсерваторија), од Стопанската комора за енергетика не одговараат.

Прашана, пак, за коментар во врска со ова директорката на Сеизмолошката опсерваторија, Черних ни рече дека „тие не стојат зад мислењето на Стопанската комора за енергетика, а Меморандумот за соработка е сосема друга работа“. 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција