Земјата не е рамна, за тоа постојат многу докази

Фото: pixabay.com

Теоријата дека формата на Земјата е рамнина или диск е научно отфрлена. Постојат многу начини да се докаже дека Земјата не е рамна. Една брза опција е да се провери библиотеката со слики на НАСА, која има и видео во живо на Јутјутб за тоа како изгледа Земјата од вселената. Фотографии од тркалезната форма на Земјата имаат направено и Русија ,  јапонската вселенска агенција и Кина

Теоријата дека формата на Земјата е рамнина или диск е научно отфрлена. Постојат многу начини да се докаже дека Земјата не е рамна. Една брза опција е да се провери библиотеката со слики на НАСА, која има и видео во живо на Јутјутб за тоа како изгледа Земјата од вселената. Фотографии од тркалезната форма на Земјата имаат направено и Русијајапонската вселенска агенција и Кина

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека Земјата е рамна и дека тоа го велат и пилотите. Ова е неточна информација и претставува една од најраширените теории на заговор.

Кој мисли дека земјата не е рамна, да ги праша пилотите, пишува во постот.

Оваа теорија претставува научно отфрлена концепција дека формата на Земјата е рамнина или диск.

Оние кои веруваат во оваа теорија, тврдат Земјата е рамен диск и дека доказите оти е тркалезна – како на пример, слики направени од вселената, се елаборирана измама во која се вклучени повеќе влади. Мислењата за тоа како точно функционира рамната Земја се различни, а се измислуваат и креативни интерпретации на физиката и на Сончевиот систем за да можат да прикажат дека нивните теории функционираат.

Постојат многу начини да се докаже дека Земјата не е рамна. Една брза опција е да ја проверите библиотеката со слики на НАСА, која е преполна со фотографии од Земјата направени од Меѓународната вселенска станица на кои се гледа обликот на Земјата.

Впрочем, НАСА има и видео во живо на Јутјутб за тоа како изгледа Земјата од вселената. Преносот во живо се врши од Меѓународната вселенска станица додека кружи околу Земјата на 240 милји над планетата, на работ на вселената во ниската земјина орбита. Станицата е екипирана од астронаути на НАСА, како и руски, јапонски, канадски и европски астронаути.

Освен НАСА, и Русија има слики од тркалезната Земја, а такви фотографии кои ја побиваат теоријата дека Земјата е рамна имаат направено и јапонската вселенска агенција и Кина.

Иако кога се посматра од  вселената Земјата изгледа дека е тркалезна, таа всушност е поблиску до елипсоид. Сепак, дури и елипсоидот не ја опишува адекватно уникатната и постојано променлива форма на Земјата.

Мислењето дека Земјата е сфера било целосно потврдено уште од античките грчки филозофи како Аристотел (384–322 п.н.е.), кој добил емпириски докази откако патувал во Египет и видел нови соѕвездија. Ератостен, во третиот век п.н.е., бил првиот човек кој го пресметал обемот на Земјата. Исламските научници направиле понатамошни напредни мерења од околу 9 век од нашата ера наваму, додека европските морепловци кружеле околу Земјата во 16 век. Сликите од вселената кои се направија во поново време беа последен доказ.

Освен Земјата и останатите планети во сончевиот систем се округли. Осумте планети во нашиот Сончев систем се разликуваат на многу начини. Тие се со различни големини и на различни далечини од Сонцето. Некои се мали и карпести, а други се големи и гасовити. Но, сите се тркалезни.

Планетите се тркалезни поради гравитацијата. Гравитацијата на планетата влече подеднакво од сите страни – од центарот кон рабовите како краци на велосипедско тркало. Ова го прави целокупниот облик на планетата сфера, која е тродимензионален круг.

Постојат неколку начини да се провери формата на планетата со свои очи. Еден од наједноставните е да отидете на пристаниште и да гледате како бродовите заминуваат. Како што бродот исчезнува преку хоризонтот, прво ќе оди дното на бродот, а потоа постепено ќе следи јарболот.

Но, дури и ако не можете да погледнете во хоризонтот за докази, можете да погледнете нагоре.

Различни ѕвезди се видливи од различни делови на Земјата, бидејќи постои поделба помеѓу северната и јужната хемисфера. Можете да ја видите ѕвездата Поларис речиси директно над северниот географски пол на Земјата. Но, додека патувате на југ, приближувајќи се кон екваторот, Поларис тоне сè пониско и пониско кон хоризонтот. Откако ќе ја преминете таа граница, воопшто не можете да ја видите – таа е блокирана од кривата на Земјата во таа насока.

Слично на тоа, додека патувате на југ, се појавуваат нови соѕвездија – оние кои би биле целосно заматени од кривата на Земјата, доколку останете на север.

За време на затемнувањето на Месечината, Земјата минува помеѓу Сонцето и Месечината,  притоа ја фрли својата сенка врз Месечината. Таа сенка секогаш е круг, без разлика каде се наоѓате на планетата и без разлика на времето на затемнувањето.

Доказ дека земјата не е рамна е и фактот што различни локации на Земјата имаат различни годишни времиња во ист период. Кога во САД е лето, во Австралија е зима. Или кога во Италија е зима, во Аргентина е лето. Тоа е затоа што сончевите зраци, кои се речиси совршено паралелни, удираат на Земјата под различни агли. Кога Земјата би била рамна, сончевите зраци секогаш би биле под ист агол, што значи дека САД, Австралија, Италија и Аргентина би ги имале истите годишни времиња во ист период. Идејата за рамна Земја не може да го објасни ова.

Освен тоа, зајдисонцето и изгрејсонцето се случуваат во различни периоди во зависност од вашата географска должина, што потврдува дека Земјата не е рамна. Кога би била рамна, тогаш некој во Њујорк и некој во Лос Анџелес би го виделе сонцето како изгрева и заоѓа во исто време. Но, во пракса, разликата е приближно три часа. Освен тоа, во секоја точка помеѓу, Сонцето изгрева/заоѓа во различно време, нешто што не би можело да се случи доколку Земјата беше рамна.

Земјата не е рамна и постојат реални, научни докази кои го тврдат спротивното. Ова ја прави објавата на Фејсбук неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција