Земјиштето продадено, новата автобуска во Охрид ја нема

Новата автобуска станица во Охрид, сѐ уште само на хартија Фото: Скриншот

Проект: Изградба на нова современа меѓународна автобуска станица Опис: На локација на сегашната автобуска станица ќе изградиме нова современа меѓународна автобуска станица, која ќе ги задоволува сите познати стандарди од оваа сфера и ќе биде познато инфраструктурно дело, по кое ќе се препознава нашата општина. Средства: 60.000.000,00 денари  Извори на финансирање: Буџет на Општината и ЈПП Рок 2013-2016 година

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Ова ветување е содржано во изборната програма на градоначалникот на Охрид, Никола Бакречески за локалните избори во 2013 година, во делот „Урбанизам и животна средина“ (стр.36).

Ветувањето за изградба на нова современа автобуска станица во Охрид, Бакрачески го дал и на 02.02.2013 година, за време на претставувањето на својата изборна програма на партиската конвенција која се одржала во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Како составен дел од програма, предвидени се капитални објекти кои на градот ќе му дадат една поинаква димензија. Ќе вложиме во препознатливи и неопходни објекти како што е изградба на современа меѓународна автобуска станица…

На 06.05.2015 година во медиумите е објавена информација дека е потпишан договор помеѓу Општина Охрид и транспортната компанија ТА „ Делфина Турс“ која станала сопственик на земјиштето на кое ќе се гради новата Автобуска станица и дека таа ќе биде изградена најдоцна за четири години, што е далеку повеќе од рокот наведен во програмата.

Објектот ќе се гради на површина од 12000 метри квадратни. Предвидено е објектот да има приземје, четири ката и поткровје. По денешното потпишување на договорот, во рок од 30 дена, инвеститорот има обврска да го изработи проектот според кој ќе се гради. Инвеститорот има обврска да прибави одобрение за градба во рок не подолг од една година , а во период од 2 до 4 години во целост да го реализира проектот, односно да ја изгради автобуската станица и да ја стави во употреба.

На 26.01.2016 година, порталот Република, повикувајќи се на информација од порталот Охрид 1, објави фотографии од еден од плановите на ТА „Делфина турс“ за тоа како ќе изгледа новата автобуска станица во Охрид.

Според неколкуте планови што се во игра, автобуската ќе биде еден ултрамодерен објект, кој покрај делот со перони на кој ќе пристигнуваат и тргнуваат автобусите, ќе има и трговски центар и дурги содржини предвидени за објектот.

Социјалдемократите од Охрид, на 09.02.2016 година, обвинувајќи ги Груевски и Бакрачески дека водат политика со која го направиле Охрид лидер во иселувањето на младите, меѓудругото, реагираа и дека нема ништо од изградбата на новата меѓународна автобуска станица.

Криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ целосно го запустеа Охрид, додека економската преродба и економскиот развој на Охрид се трансформираа во економска стагнација на градот и во најголемо отселување на млади образовани луѓе во последниве години, смета опозициската партија. Затоа ја нема изградбата на развојна индустриска зона на потегот пред село Лескоец, ниту на подоцна определената локација Мауцкер, која е голема депонија на која се складира градежен шут и ѓубриште од целиот град. Ја нема изградбата на нова современа меѓународна автобуска станица. Се продаде земјиштето и толку…

На интернет пребарувачите никаде не може да се најде информација за тоа дека е почната изградбата на новата автобуска станица во Охрид. Ако ја земеме предвид и информацијата дека, со потпишувањето на договорот за изградба на автобуската во мај 2015 година, инвеститорот се обврзал да ја реализира обврската во рок од 2-4 години, што значи најрано во 2017 година, а рокот предвиден во програмата на Бакрачески е 2016 година, може да се заклучи дека ова негово ветување е неисполнето.

Извори:

 

Оценето од: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција