Градоначалникот Марин наспроти опозиционерот Марин за зградата кај „Мајчин дом“

Опозиционерот Марин вети повлекување на спорниот ДУП И10, градоначалникот Марин вели дека немоќен да ја запре изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“ Фото: принтскрин

Испровоциран од реакциите на неговите сограѓани дека на зелената површина кај „Мајчин дом“ веќе се вршат испитувања на терен за почеток на изградба на деветкатница, градоначалникот Марин на социјалните мрежи се правда на истиот начин како и неговиот претходник, велејќи дека парцелата е приватна сопственост и Општината не може да преземе ништо во врска со тоа

 

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин деновиве (06.03.2018) даде изјава во која  вели дека е немоќен да ја запре изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“, што претставува недоследност во однос на неговите ветувања за оваа парцела пред да стане градоначалник:

Парцелата е приватна сопственост и сопственикот има право самостојно да врши истражување на земјиштето, кое трае веќе неколку дена. Општината досега нема добиено никакво барање во однос на таа парцела од страна на сопственикот. Во моментов ги разгледуваме сите можни правни механизми за излез од оваа ситуација и наскоро ќе излеземе со повеќе информации во јавност,  изјави Марин за „Независен весник“.  Тој за весникот појасни дека:

Евентуално изградбата би се спречила само со поништување на ДУП, конкретно со бришење на маркицата. Но, во тој случај, повеќе од јасно е дека Општината би требало да му плати на сопственикот на земјата милионски суми, што е апсолутно неприфатливо.

[Извор: Независен весник, датум: 06.03.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, во која тој кажува дека е немоќен да ја стопира градбата, е недоследна во однос на она што тој како опозиционер го говореше на оваа тема минатата пролет, како и пред локалните избори во октомври 2017 год. Имено, тој тогаш вети дека „ќе има преиспитување и одговорност за спорниот ДУП И10 во Општина Аеродром кој беше изгласан тајно и без дебата,  дека ќе постигнеме повлекувањето на овој ДУП, а граѓаните на Аеродром нема повеќе да бидат заложници на урбаната мафија!“

Случајот со зградата кај Мајчин дом деновиве се актуелизираше, откако на местото се појави механизација. Како што објави „Радио МОФ“, аеродромци се загрижани, а преку социјалните мрежи за 9 март (петок) од 17 часот најавија настан „Со фудбал до позелен Аеродром“, како револт против можноста да никне огромна зграда врз постоечкото зеленило.

Испровоциран од реакциите на неговите сограѓани дека на зелената површина кај „Мајчин дом“ веќе се вршат испитувања на терен за почеток на изградба на деветкатница, градоначалникот Марин на социјалните мрежи се правда на истиот начин како и неговиот претходник, велејќи дека парцелата е приватна сопственост и Општината не може да преземе ништо во врска со тоа.

И покрај реакциите и моите лични заложби во април 2017 година, парцелата пред „Мајчин дом“ да не стане градежно земјиште, веќе знаете дека ДУП И10 беше донесен од претходното раководство. Парцелата е приватна сопственост и сопственикот има право самостојно да врши истражувања на земјиштето тука. Општина Аеродром сè уште нема добиено никакви барања во однос на таа парцела. Во моментов, ги разгледуваме сите можни правни механизми за излез од оваа ситуација и наскоро ќе излеземе со повеќе информации за случајот, напиша на Фејсбук, градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Во врска со овој проблем имаше соопштение и од Општина Аеродром со слична содржина.

Да потсетиме дека во 2016 и 2017 година, пак, граѓаните на Аеродром протестираа против промените на Деталниот урбанистички палн за овој дел (ДУП И10) и најавената урбанизација на парцелата кај „Мајчин дом“ на која е предвидено да никне осумкатница со потпокрив.

Во април 2017 година, Марин тогаш како опозиционер и претседател на Општинска организација на СДСМ во Аеродром го обвини екс градоначалникот Ивица Коневски дека ненајавено, без дебата, го изгласале спорниот ДУП.

На прес-конференција пред зеленилото во „Мајчин дом“, Марин говореше дека под итно треба да се стопира целиот процес на изградба со цел зачувување на зелената површина.

Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ вчера кукавички, ненајавено и без дебата, го изгласаа спорниот ДУП И 10. Со овој ДУП, се предвидува уништување на зеленило, нова деветкатница на оваа зелена површина и нови згради покрај Вардар. Овие нови градби ќе го сопрат струењето на воздухот и директно ќе придонесат кон загадувањето на воздухот.

Овде е јасно дека станува збор за нов удар на градежната мафија во Аеродром. Го повикуваме Ивица Коневски, да одговори на следните прашања:
Прво, дали е точно дека позади градбата кај „Мајчин дом“ стои Орце Камчев, кој неодамна преку фирмата „Масив Контракшн“ ја купил парцелата?

Бараме итно повлкеување на ДУП-от и заштита на интересот на граѓаните и нивното право на чист воздух“. (Златко Марин, претседател на ОО СДСМ –Аеродром)

Во тој период, Марин ветуваше дека новата локална власт ќе го реши овој проблем. Два дена подоцна, на 8.04.2017 година на прес-конференција на истата локација Марин вети:

Ќе има преиспитување и одговорност за спорниот ДУП И10 во Општина Аеродром, којшто беше изгласан тајно и без дебата и со којшто за криминални бизнис интереси Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ го уништуваат воздухот и здравјето на граѓаните…

Граѓаните се свесни за овие криминални игри на Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ и затоа реагираат и секој ден се пред Општината. Ги поддржуваме и заедно ќе постигнеме повлекување на овој ДУП. Граѓаните на Аеродром нема повеќе да бидат заложници на урбаната мафија!

Имајќи предвид дека сега се забележува ретерирање во настапите на Марин за најавената зграда кај „Мајчин дом“, за разлика од решителноста во ставовите пред една година, неговата изјава дека е „немоќен да ја стопира градбата“ , ја оценуваме како недоследна. 

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција