Злоупотреби со „Нашиот дом“ и „Твојот човек“

Илустрација: PortalbMK изработено во Canva

Иако политичките партии потпишуваат и кодекси за фер натпревар и отсуство на црни кампањи – што беше случај и за овие локални избори – во пракса отстапуваат уште во првите денови од официјалната предизборна трка. Најновите примери со злоупотребата на изборните слогани на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ од страна на нивните лидери, покажаа дека нема таква иновативност во слоганите што не може да се употреби во негативен контекст за политичкиот противник, што пак е само еден мал елемент од црната кампања од која партиите никако да се откажат

Иако политичките партии потпишуваат и кодекси за фер натпревар и отсуство на црни кампањи – што беше случај и за овие локални избори – во пракса отстапуваат уште во првите денови од официјалната предизборна трка. Најновите примери со злоупотребата на изборните слогани на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ од страна на нивните лидери, покажаа дека нема таква иновативност во слоганите што не може да се употреби во негативен контекст за политичкиот противник, што пак е само еден мал елемент од црната кампања од која партиите никако да се откажат

 

Во настапите на лидерите на двете најголеми македонски политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ може да се видат и примери на злоупотреба и на изборните слогани на двете партии во насока на т.н. „црна кампања“, што можат да се оценат како недоследност:

Го слушам пред некој ден Филипче како кажува дека СДСМ се борат за нивниот дом. Ако за домови мислат на хациендите, на јахтите на кои поминуваат недели, на апартманите во Дубаи каде што престојуваат и се веселат со турбо-фолк пејач(к)и, тогаш е јасен нивниот слоган. Се борат за ова – тогаш од нивната борба народот нема аир, туку зијан. (Христијан Мицкоски)

Јас се чудам и на нивниот слоган „Твој човек“. Но кога ќе размислам, ова е најискрената кампања што ја имале досега. Тоа е кампања дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде „твојот човек“ кој ќе ти заврши работа. Кампања и ветување за уништување на општеството преку партизација… Ова што го гледаме дека го прават една година, си го ставиле во слоган. Чиста работа – тоа се „реформите“ на ВМРО-ДПМНЕ… (Венко Филипче)

[Извори: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМГовор Мицкоски/Говор Филипче – датум: 01/02.10.2025]

 

Образложение:

Извадоците од двете предизборни пораки што ги упатија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ и пратеник Венко Филипче се од вечерта на 01.10.2025 г., при што првиот говореше на предизборен собир во Кавадарци, а вториот во Демир Хисар и без оглед што се тука ставени по редослед како се објавени на нивните партиски веб-страници, покажуваат недоследност во однос на ветувањата и потпишаните кодекси за фер избори, овој пат во секоја од општините посебно.

 

Што бара Халкидики на локални избори во Кавадарци?

Но, ако внимателно се следат деновите пред овие партиски настапи во Кавадарци и Демир Хисар може да се види дека злоупотребата на слоганите била најавена и пред официјалниот почеток на кампањата. Еве што мисли Мицкоски генерално за кампањите. На 27.09.2025 г. во говорот што го одржа претставувајќи ги кандидатите за градоначалници и носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ за предизборните кампањи го кажа и следното:

Кампањата е патување. Таа е разговор со народот, средба со неговите болки и со неговите соништа. Кампањата е време кога зборовите се мерат со срцето, кога секое ветување мора да носи тежина, кога секој гест станува порака. Но кампањата, ако е чесна, е повеќе од борба за гласови, таа е борба за доверба. (Извор ВМРО-ДПМНЕ/говор)

Иако ја споменува потребата од чесна кампања, тежиштето сепак е на тоа дека кампањата е време кога зборовите се мерат со срцето. Па така, само два дена подоцна (29.10,2025) во интервју за 360 Степени, коментирајќи го предизборниот слоган на политичкиот противник (За нашиот дом), Мицкоски го навести она што со други зборови го повтори и во Кавадарци:

Зависи за чии дом и зависи што подразбираат под дом. Ако домот е нивниот личен дом или нивниот личен џеб, тогаш СДС се докажаа во минатото дека тоа им е приоритет, бидејќи многу малку ги интересираат домовите на останатите граѓани во оваа држава или џебовите на останатите граѓани. Така што ако е нивниот личен џеб, нивниот дом, тогаш тие навистина добро се погрижија и навистина добро се бореа во минатото. Но, доколку во поширока смисла го анализираме домот, а тоа е татковината Македонија, тогаш апсолутно мислам дека им е промашено. Никој денеска не верува дека СДСМ има било каков однос кон државноста, кон идентитетските прашања и кон татковината. (360 Степени, од 5.30 мин. во интервјуто).

Мицкоски тука (а и во Кавадарци) се служи со низок удар и алудира на личниот имот на претходниот и на сегашниот лидер на СДСМ, но со опасна додавка упатена до јавноста дека станува збор за партија која нема ништо заедничко со државноста или со идентитетските прашања. Што се разбира е недоследно и како генерализација кон водството, но и кон членството на партијата, а секако недоследно и во однос на водењето чесна, а не „црна кампања“.

Главниот слоган е Вистинскиот избор

Во истото интервју за 360 Степени, запрашан што мисли за слоганот на ВМРО-ДПМНЕ (Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!), Венко Филипче вели:

Мислам дека е одличен слоган за членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Секој еден член на ВМРО-ДПМНЕ ќе има/би имал еден свој човек во општината кој што ќе може да му заврши работа само на него и на неговото семејство. Мислам дека е премногу арогантен и го отсликува целокупното однесување на власта (360 Степени, од 39 мин. од интервјуто).

Филипче, всушност, испраќа порака дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори се грижи само за членовите на партијата и нивните семејства, што јасно укажува и на пораката за поврзаноста на слоганот и партизацијата што ја кажа на говорот во Демир Хисар ( на 01.10.2025), што е издвоена  на почетокот на оваа оценка на вистинитост.

Ова исто така е недоследност, бидејќи се прави генерализација, т.е. партизираноста во државата се врзува исклучиво со ВМРО-ДПМНЕ, без да се земе предвид дека таа е општ проблем наталожен од партиите на власт кои се менувале изминативе 34 години од независноста, при што СДСМ исто така има долг стаж. Но, секако е недоследност и од аспект на заложбите за фер избори, т.е. фер изборни кампањи и потпишаните кодекси и заложби и на лидерството на СДСМ и на нивните кандидати за овие локални избори.

Оттука, двете изјави искажани од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во кои пред своите членови и симпатизери, но и пред јавноста ги злоупотребуваат слоганите на нивните партии во насока на водење „црна кампања“, може да се оценат како недоследни.

 

Извори:

(01.10.2025) ВМРО-ДПМНЕ – Говор на Х. Мицкоски – [Проверено на 10.02.2025]

(02.10.2025) СДСМ – Говор на В. Филипче – [Проверено на 10.02.2025]

(29.09.2025) 360 Степени/Јутјуб – Интервјуа со Мицкоски и Филипче – [Проверено на 10.02.2025]

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција