ЗЛС: Лекарите кои шират дезинформации треба да бидат санкционирани согласно законот
Штетата што дезинформациите ја нанесуваат врз јавното мислење е многу поголема кога истите потекнуваат од здравствените професионалци. Ширењето на дезинформации за пандемијата со Ковид-19 од страна на медицинскиот персонал претставува едно многу загрижувачко прашање, како во светот, така и во РСМ. Лекарските здруженија бараат санкционирање на лекарите вклучени во овие дезинформациски кампањи. Министерството за здравство не одговори на нашето барање за информација околу тоа како планираат да постапат по ова прашање, пишува Порталб.мк
Штетата што дезинформациите ја нанесуваат врз јавното мислење е многу поголема кога истите потекнуваат од здравствените професионалци. Ширењето на дезинформации за пандемијата со Ковид-19 од страна на медицинскиот персонал претставува едно многу загрижувачко прашање, како во светот, така и во РСМ. Лекарските здруженија бараат санкционирање на лекарите вклучени во овие дезинформациски кампањи. Министерството за здравство не одговори на нашето барање за информација околу тоа како планираат да постапат по ова прашање, пишува Порталб.мк
Дезинформациската кампањата или „инфодемијата“ како што ја нарекуваат комуникациските експерти одигра моќна улога во борбата против пандемијата кај нас и ширум светот. Еден доста вознемирувачки елемент на оваа појава беше ширењето на лажни информации од страна на некои лекари. На почетокот на пандемијата имаше лекари кои тврдеа дека „коронавирусот е само грип, но дека поради одредени причини му се даде преголема важност“. Потоа, имаше и од оние лекари кои тврдеа дека имаат свој начин на лекување на инфекцијата со Ковид-19. Има и такви лекари кои ја доведуваа во прашање ефикасноста на вакцините, конкретен пример беше случајот со еден лекар од Радовиш кој на протестот во Битола вакцините против КОВИД-19 ги нарече експериментални.
Во неколку Европски земји отворена е истрага против неколку лекари кои ширеа дезинформации околу пандемијата. На пример, словачките власти за лекарите кои шират дезинформации предвиделе казни од околу 500 евра или одземање на лиценцата. За да дознаеме повеќе за тоа што властите во РСМ планираат да преземаат во оваа насока, нашата редакција се обрати до Министерството за здравство од каде што до овие моменти се уште немаме добиено никаков одговор.
Лекарска Комора: почитувањето на своите обврски е лична морална и етичка одговорност на секој лекар
Од Лекарската Комора во нашата земја велат дека здравствените работници освен што треба да работат професионално, тие треба да бидат и пример за граѓаните, а не да шират дезинформации.
„Од почеток на пандемијата, Лекарската Комора понуди една платформа во која лекарите од сите нивоа на системот за здравствена заштита континуирано беа едуцирани од експерти за сите аспекти на Ковид-19. Преку овие состаноци, искуства и онлајн информации се споделуваат најновите сознанија за вирусот и неговото лекување, со цел лекарите да добијат релевантни информации и научни докази за тоа што се случува, а дел од овие состаноци беа токму на тема вакцинација против Ковид-19. Свесни сме дека има многу лекари кои ја негираат важноста на вакцините, но од нашите информации од терен голем процент од лекарите се вакцинирани и постои голем интерес за добивање на бустер дозата. Треба да се истакне и дека најгласните активисти всушност немаат важечка лиценца за работа, иако имаат завршено Медицински факултет“, велат од Лекарската комора на Северна Македонија.
Од оваа институција велат дека проблемот со лекарите кои го негираат постоењето на Ковид-19 и ја доведуваат во прашање ефикасноста на вакцината е глобален проблем, а не само кај нас. Сепак, тие велат дека е лична морална и етичка одговорност лекарот да се придржува до своите обврски без да прецизираат дали предвидуваат одредени санкции за медицинскиот персонал кој шири дезинформации.
„Лекарската комора е во постојана консултација со колегите од Постојаниот комитет на европски лекари и лекарските здруженија од Централна и Источна Европа, бидејќи проблемот со лекарите кои го негираат постоењето на вирусот и се противат на вакцините е глобален и не е присутен само кај нас. Го разгледавме проблемот, одржавме консултации и разменивме мислења, и дојдовме до заклучок дека секој е должен да ги почитува етичките и деонтолошките норми во својата професија, да ги почитува своите закони и обврски“, додаваат од Лекарската комора.
Лекарската комора е во постојана консултација со колегите од Комисијата за етика и правни прашања која ги разгледа досегашните претставки по ова прашање и заклучи дека Лекарската комора може да постапува само во случаи кога пропагандата против вакцината се шири при директен контакт со пациент во една здравствена установа. Значи, Лекарската комора не е законска власт која може да постапува за изјави на социјалните мрежи.
„Лекарите кои шират дезинформации треба да бидат санкционирани во рамките на законските можности“
Од друга страна, Здружението на лекари специјализанти смета дека ширењето на дезинформации од белите мантили треба да се сфати сериозно и да се санкционира во рамките на законските можности, но уште поважно е тие да бидат експлицитно демантирани од релевантни експерти со релевантни научни докази.
„Постоењето на Ковид-19 не е предмет на дискусија во научната фела. Како и секаде во светот, и кај нас има конспиративни теоретичари кои со неосновани и фиктивни „докази“ го негираат постоењето на вирусот или го споредуваат со сезонскиот грип. Ширењето на овие лажни податоци, главно преку социјалните мрежи, влијае на креирањето на јавното мислење и со тоа влијае врз одбивањето на вакцинацијата против Ковид-19. Кога таквите небулози произлегуваат од луѓе кои тврдат дека имаат медицинско образование или дека се лекари, ова влијание е значително поголемо. Ова е резултат на авторитарноста која лекарската професија ја има кај пошироката јавност. Во овој случај се наметнуваат две прашања, прво дали лицето навистина има лиценца за работа како лекар или се работи за лажно претставување. Ако се докаже дека зад ваквите написи стои лиценциран доктор на медицински науки, тогаш проблемот добива друга димензија бидејќи бара вклучување на голем број надлежни институции кои ќе спроведат истрага и кои потоа ќе ги изречат соодветните санкции“, вели доктор Александра Георгиева од Здружението на лекари специјализанти.
Иако законската рамка варира од земја до земја, Здружението на лекари специјализанти смета дека надлежните институции дефинитивно треба да преземат мерки за санкционирање на лекарите кои ја користат својата титула за да нанесат штета на јавното здравје.
„Законските прописи варираат од земја до земја и има случаи кога лекарите извршиле конкретни дејствија спротивно на специфичните медицински прописи и закони, како што е издавање лажни потврди за Ковид-19, но кај нас нема случаи на санкционирање на лекарите за ширење на дезинформации. Лекарите пред се имаат морална и етичка одговорност да го промовираат и одржуваат јавното здравје. Ако некои поединци постапуваат спротивно на овие принципи, секако мора да одговараат во соодветна постапка пред надлежните институции и да ги сносат последиците“, додава доктор Георгиева.
Инфодемијата“ ја отежнува борбата против пандемијата со Ковид-19
Во текот на 2021 година Вистиномер.мк демистифицираше околу 500 дезинформациски содржини во Северна Македонија, на албански и македонски јазик. Покрај психолошкиот стрес и хаосот во јавното мислење, инфодемијата беше и загрижувачка закана за здравјето на луѓето. Северна Македонија бележи висок број на смртни случаи од Ковид-19. Од почетокот на пандемијата, од 236.241 идентификувани случаи со Ковид-19, 8 055 случаи завршиле со фатален исход. На почетокот на пандемијата властите истакнаа дека значителен број пациенти со Ковид-19 завршуваат фатално бидејќи во болницата се упатуваат во многу доцна фаза. Дезинформациската кампањата продолжува да биде еден од клучните фактори за бавното темпо на одвивањето на процесот на вакцинација кај нас.
Според Институтот за јавно здравје, од почетокот на процесот на вакцинација во Северна Македонија, вакцинирано се околу 50% од вкупното население над 18 години, а според препораките на СЗО, за да се создаде колективен имунитет треба да се вакцинира над 75% од вкупното население.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар