ЗНМ: Новиот правилник за националните телевизии ќе доведе до откази

Новиот правилник за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитувањe е неповолен, оти овозможува да се намалува бројот на вработените, кои и досега учествувале во правењето профит, реагира Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

„Со новиот Правилник на приватните национални телевизии со терестријална дозвола од општ формат им се намалуваат обврските во однос на кадровското екипирање со што бројот на вработените од 100 се намалува на 80, од кои 30 треба да бидат новинари. ЗНМ смета дека ваквото намалување на бројот на вработените во националните телевизии е неоправдано затоа што најголем дел од нив остваруваат профит. Нејасно е зошто досега Агенцијата ги толерирала националните телевизии кои што не ги исполнувале условите за кадровско екипирање“, прашува ЗНМ.

Здружението потсетува на својот став, презентиран од нивниот претставник во Советот на Агенцијата, со кој се барало да остане постојното решение во Правилникот според кое приватните национални телевизија имаат обврска да вработат 100 вработени со 30 отсто новинари. Освен тоа ЗНМ, предложило секоја национална телевизија задолжително да има најмалку шест дописнички центри во Македонија со барем двајца вработени еден новинар и еден снимател во редовен работен однос.

[Извор: ПлусИнфо | Датум: 25.11.2014]

znm

Обраложение:

Според член 22 од Правилникот за за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитувањe:

Бројот и структура на вработените лица за телевизија на државно ниво која емитува програма терестеријално, од општ формат, треба да биде 80 (осумдесет), од кои 30 (триесет) со висока стручна спрема (ВСС), вработени како новинари.

Бројот и структурата на вработените лица на телевизија на државно ниво која емитува програма терестеријално, од специјализиран формат треба да биде 30 (триесет), од кои 10 (десет) со висока стручна спрема (ВСС), вработени како новинари. Доколку повеќето од половина од програмите што се емитуваат на програмскиот сервис се создава надвор од просториите на телевизијата, бројот на вработените лица може да биде најмалку 15 (петнесет), од кои 5 (пет) со висока стручна спрема (ВСС) вработени како новинари.

Бројот и структурата на вработените лица за телевизија на државно ниво која емитува програма преку сателит и јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресур, треба да биде 30 (триесет), од кои 10 (десет) со висока стручна спрема (ВСС) вработени како новинари. Доколку повеќе од половина од програмите што се емитуваат на програмскиот сервис од специјализиран формат се создава надвор од просториите на телевизијата, бројот на вработените лица може да биде најмалку 15 (петанаесет), од кои 5 (пет) со висока стручна спрема (ВСС) вработени како новинари.

Во член 62 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги се вели:

За обезбедување на телевизиско или радио емитување покрај условите и обврските пропишани во овој закон, радиодифузерот треба да исполнува посебни минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови во зависност од програмскиот формат, пропишани со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата.

На 17.09.2014 година Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги одржа Јавен состанок на кој беа присутни претставници на ЗНМ. На овој состанок од ЗНМ прашаа:

Индикативен е бројот на вработени лица во регионалните и локалните медиуми. Пример во еден има вработено 14 лица во редовен работен однос, а телевизијата има помалку рекламни приходи од друга телевизија која има 2 вработени лица. Ако бројот на вработените е индикатор за големината на телевизијата и нејзините технички и економски капацитети како се објаснуваат ваквите разлики? Како регулаторот ги коментира овие разлики?

Според стариот Правилник, пренесено преку Дневник:

Секоја телевизија која има програма од општ формат и ја зрачи на државно ниво ќе треба да има најмалку 100 вработени, а од нив 30 отсто треба да бидат новинари со високо образование, додека националните радија ќе треба да имаат најмалку 10 вработени, од кои тројца треба да се новинари со факултетска диплома.

По проверката на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, Правилникот за за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитувањe, информации од медиумите, споредено со стариот Правилникот за за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитувањe, може да се заклучи дека оваа изјава е вистинита.

Оценил: Владо Ѓорчев

Линкови:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција