Зоран Јолевски

 

Зоран Јолевски е министер за одбрана во Владата на Република Македонија и поранешен амбасадор. Неговиот глас се слуша во прислушуваните разговори што ги обелодени СДСМ, во контекст на преговорите со Грција за името под покровителство на Организацијата на Обединетите Нации (ООН).

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Зоран Јолевски е роден на 16 јули 1959 година во Скопје.  Тој е оженет со Сузана Јолевска, со која има два сина:  Перо (роден во 1988 година) и Филип (роден во 1992 година).

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Средното образовние го завршил во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, а матурирал во 1978 година. Како средношколец освоил повеќе награди на државните шампионати по математика.

Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1983 година. Магистрирал во 1990 година на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со трудот „Бизнис стратегии на мултинационалните компании“. Исто така во 1993 година завршил постдипломски студии на Институтот за општествени студии во Хаг, кој е дел од Универзитетот „Еразмо“ во Ротердам, Холандија.

Зоран Јолевски во февруари 2001 година докторирал во областа на меѓународните економски односи, на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Насловот на неговата докторска дисертација е „Надворешно-трговскиот режим на Македонија и СТО договорите“.

Покрај мајчиниот македонски јазик, зборува и англиски, француски, српско-хрватски (sic!), бугарски.

 

КАРИЕРА

Од 1980 година работел како туристички водич. Од 1.6.2004 до 15.3.2006 г. е директор на Проектот за усогласување на Македонија со Светската трговска организација, Booz Allen and Hamilton, проект финансиран од УСАИД.

Од 9.10.2006 година до 12.3.2007 година е директор на Проектот за подобрување на деловната клима во Македонија, Booz Allen and Hamilton, Вашингтон, проект финансиран од УСАИД.

Во јануари 2007 година Зоран Јолевски е избран во звање вонреден професор на Европскиот универзитет во Скопје, по предметите Меѓународни економски односи, Надворешна трговија и политика на Европската унија во економската сфера. Од 9 јули 2003 година дотогаш го имал звањето доцент.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Од 1.1.1988 година до 1.1.2000 година работи во Министерството за надворешни работи.

Од 1992 до 1994 г. е секретар на Координативната група за сукцесија и Економската работна група при Меѓународната конференција за поранешна Југославија.

Од 15.10.1994 до 1.9.1998 г. е прв секретар на Постојаната мисија на Република Македонија во Женева. Во периодот од ноември 1995 до март 1996 г. со одлука на Владата бил одговорен за подготовка на Меморандумот на Република Македонија за пристапување во Светската трговска организација.

Во периодот 2000-2004 година е заменик национален преговарач и специјален советник на министерот за економија за пристапување на Република Македонија во Светската трговска организација.

Од 1.1.2000 г. до 1.6.2004 година е генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Од 12.3.2007 г. е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во САД. На 22.10.2010 година именуван е за нерезидентен вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Мексико, а на 6.4.2011 г. именуван е за нерезидентен вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Бразил. На 20.10.2011 година е именуван за постојан претставник на Р. Македонија во Организацијата на Американските Држави.

Од 19.06.2014 година, Зоран Јолевски е министер за одбрана во Владата на Република Македонија.

 

Преговорите за името

Во ноември 2008 г. е именуван за специјален пратеник во преговорите под покровителство на ООН со Грција за разликите околу името.

 

„Бомбите“

Зоран Јолевски е еден од соговорниците во 33-от сет снимки од прислушувани разговори. Во првиот разговор тој му кажува на тогашниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, дека медијаторот Нимиц чувствува дека е исклучен од процесот, бидејќи одреден период не контактирал ниту со македонскиот ниту со грчкиот преговарач. Во вториот разговор, исто така со тогашниот шеф на македонската дипломатија, го информира дека во разговор посочил дека за Македонија е важен идентитетот, но тоа да не биде во договорот меѓу двете земји, туку загарантиран со резолуција…

 

ИЗВОРИ

Министерство за одбрана – Министер

Википедија на македонски – Зоран Јолевски

Вистиномер – Прислушувани разговори – сет 33: Преговори за името

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција