Намалена е „темната бројка“ на јавна администрација, но не колку што се фали Заев

Фото: Принтскрин sdsm.org.mk/

 

Премиерот Зоран Заев, неодамна објаснувајќи ги најновите вработувања во јавната администрација, ја даде следната изјава којашто ја сметаме за полувустина.

Секоја година, при крајот на годината има примање и трансформирање на работни односи воедначено. Крајот на годината е можност за сите што поминале осуммесечен, деветмесечен приправнички стаж да можaт да напредуваат, да добијат решенија за трајно вработување и слично, а крајот на годината, исто така, ги прави и буџетските баланси за сите оние што отишле во пензија. Нема нешто повеќе, нема нешто помалку од она што постоело во годините без разлика дали следуваат избори или не, се пополнуваат испразнети места. Знаете дека администрацијата од 165 илјади е намалена на нешто под 140 илјади. Продолжуваме со тој тренд заради тоа што севкупната рационализација и потребата во приватниот сектор е се поизразена и исклучиво веруваме дека е тоа добро за државата, изјави Заев.

[Извор: Опсервердатум: 13.11.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на претседателот на Владата, Зоран Заев,  во која вели  дека „администрацијата од 165 илјади е намалена на нешто под 140 илјади“, ја оценуваме како делумно вистинита.

Накратко, станува збор за класично „мешање баби и жаби“. Во ниту еден момент ниедна македонска институција не објавила официјален податок дека јавната администрација има 165 илјади вработени. Во моментот кога Заев стана премиер, во 2017 година, според Регистарот на вработени во јавниот сектор, администрацијата официјално имала 128.722 вработени. Според ова, првиот дел од изјавата на Заев, дека администрацијата имала 165 илјади вработени, е неточен.

Денес, според последниот извештај од Регистарот, таа би требало официјално да има 132.068 вработени. Според ова, вториот дел од изјавата на Заев, дека администрацијата има под 140 илјади вработени, е точен.

Но, што споредува Заев? Тој фактички прави споредба на официјалните државни бројки за 2018 година со една проценка за вистинската големина на јавната администрација (дадена и во извештај на Европската комисија, за 2011 година). Имено, како што во тоа време (2011- 2012 г.) објавија медиумите , Заводот за статистика во јавниот сектор изброил 164.000 вработени.

Во што е недоследноста? Во тоа што ниту во 2011 година, ниту денеска, официјалните државни податоци не ги опфаќаат сите вработени во јавниот сектор.

Да потсетиме само на една изјава на поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, од април 2012 година, кој во интервјуто за „Радио Слободна Европа“, кажа дека администрацијата има 118 илјади вработени, појаснувајќи притоа дека вработените во здравството, културата и вработените во јавни претпријатија и институции, кои се основани од општините и град Скопје, се укинати од списокот на административците :

Во државна администрација работат 14.800 вработени. А во јавна администрација, откако Уставен суд ги укина тие гранки кои ги спомнав (вработените во здравството, културата и вработените во јавни претпријатија и институции кои се основани од општините и град Скопје), останаа мал број, околу 10.700 вработени, значи целата бројка на вработени во администрацијата е 118 илјади.

Ако споредуваме како Заев, денеска формално јавната администрација брои 132.068 вработени, но не вклучува околу 10.200 вработени во акционерски друштва во државна сопственост и луѓе ангажирани преку агенции за привремени вработувања. Згора на тоа, во бројката на Регистарот не влегуваат избраните и именуваните лица, односно не се содржани податоци за пратеници, министри, заменици министри, градоначалници, претседатели и членови на државни комисии, директори, судии, јавни обвинители и други избрани или именувани лица. Сите тие земаат плата од буџетот, односно од граѓаните, без разлика на официјалната државна дефиниција за „вработени во јавната администрација“.

На крајот, по истиот механизам како што е добиена бројката од 164 илјади, според Државниот завод за статистика, денес во „неприватниот“ сектор работат 172.690 лица. Вистинскиот број на вработени во јавниот сектор е некаде меѓу официјалната државна и оваа бројка.

Па имајќи ја предвид ова аргументација, изјавата на Заев ја сметаме за делумна вистина. Да споменеме дека истата теза, за „сериозно намалување“ на вработувањата во јавната администрација, пред десеттина дена ја изнесе и портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Игор К. Илиевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција