Заев се премисли – С. Македонија и Албанија можат да чекорат одделно на патот кон ЕУ

Фото: Принтскрин видео

Премиерот Заев за само два месеца целосно го смени ставот што го имаше за заедничкиот пат на С.Македониј а и Албанија кон ЕУ, без притоа да даде дополнителни објаснувања зошто се предомислил

Премиерот Заев за само два месеца целосно го смени ставот што го имаше за заедничкиот пат на С. Македонија и Албанија кон ЕУ, без притоа да даде дополнителни објаснувања зошто се предомислил

 

 

Премиерот Зоран Заев во интервју за „Дојче Веле“ изјави дека за него не претставува проблем ако Албанија биде одвоена од С. Македонија и пред нас да ги почне пристапните преговори со ЕУ поради бугарското вето. Оваа изјава на премиерот ја оценуваме како недоследна.

Секоја земја заслужува да биде оценувана според своите резултати. Му посакувам успех и среќа на нашиот западен сосед, Албанија да продолжи на тој пат доколку продолжи оваа блокада од Бугарија. Нормално нашите соседи заслужуваат да го продолжат европскиот пат и нема потреба да бидат поврзани со други земји, рече Заев во интервјуто за „Дојче Веле“ кое беше објавено на 21 јули (11:25 – 12:19 од видеото).

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава преставува целосна промена на ставот на премиерот Заев, кој пред два месеца, на 11 мај, во интервју за Еуроњуз, изјави дека не е можно раздвојување на С. Македонија и Албанија на нивниот пат кон Европската Унија:

Не е можно да се раздвои патот за членство во ЕУ на Македонија и Албанија.

Оваа, тогаш категорична, а сега променета изјава на Заев претставуваше реакција откако Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, кажа дека раздвојувањето на С. Македонија и Албанија „може да биде опција,” доколку Бугарија продолжи да се спротивставува на влезот на С. Македонија во Унијата.

Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека не сме успешни во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за заемно согласно решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање, изјави Вархеји.

Сега, кога новинарката на „Дојче Веле“ побара од македонскиот премиер да ја искоментира токму оваа изјава на Вархеји, за која Заев пред два месеци рече дека е неприфатлива, тој искоментира дека тоа не е проблем и дека „земјите нема потреба да бидат поврзани“. Што, исто така, е недоследно.

По изјавата на Вархеји за можно одвојување двете земји, реакции со негодување стигнаа од други високи претставници на земјите членки на ЕУ. Дел од нив го оценија овој потег како ризичен.

Потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел потврди дека не постои поддршка за раздвојување на Северна Македонија и Албанија. Тој ова го изјави токму на прес-конференција со Заев по нивната средба.

Дозволете ми да нагласам многу јасно дека нема поддршка за раздвојување ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите-членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови за започнување на пристапните преговори и слично како и Албанија заслужува да продолжи во следната фаза од процесите без одложувања“, порача Борел (1:17 -1:52 од видеото).

Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг ја оцени како „апсурдна“ идејата за раздвојување на Северна Македонија и Албанија:

Мислам дека е сосема избрзано, да не кажам и апсурдно, што сега токму ученикот за пример, Северна Македонија, се трга настрана.

На ист став беше и неговата колешка, сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер, која изјави дека С. Македонија и Албанија треба заедно да го продолжат пристапниот процес кон Европската унија и дека раздвојувањето на двете земји во тој процес може да биде ризично и тоа треба да се спречи:

Ние сакаме Албанија и Северна Македонија заеднички да добијат реална перспектива во Европската унија. Ние сме на мислење дека ќе биде ризично и во секој случај ќе треба да се спречи овие две земји во овој процес да ги разделиме.

Заменик министерот за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис, истакна дека неговата земја не поддржува раздвојување на С. Македонија и Албанија на патот кон ЕУ:

Ние не поддржуваме било какво раздвојување на Северна Македонија и Албанија, сметаме дека тоа би било катастрофално за регионалната сигурност.

Северна Македонија и Албанија го започнаа процесот за членство во ЕУ заедно, при што двете држави паралелно се подготвуваат за почеток на претпристапни преговори. Процесот во 2019 година беше блокиран од Франција и Холандија, две земји кои во тој момент не беа расположени за прием на нови членки од Западен Балкан.

Премиерот Заев за само два месеца целосно го смени ставот што го имаше за заедничкиот пат на двете земји кон ЕУ, без притоа да даде дополнителни објаснувања зошто се предомислил.

 

Оцени: Симона Атанасова

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција