Зошто кризата би завршила само ако ВМРО-ДПМНЕ формира Влада?

Или „ние“ влада или никој друг! Фото: ВМРО-ДПМНЕ, веб

Недоследно е кога работите после толку години жестока криза повторно не се именуваат јасно и прецизно од страна на ВМРО-ДПМНЕ, како што тоа стои во претпоследниот став од изјавата: „Очигледно некој“(Кој?), „занемарување на волјата на мнозинството“ (иако е дискутабилно што е тоа мнозинство во ваква ситуација), итн.

 

ВМРО-ДПМНЕ, партијата чии кадри ја водат техничката Влада и која освои 51 пратенички мандати во новиот соостав на Собранието на РМ, по неуспехот на мандаторот и лидер на партијата, Никола Груевски, да состави парламентарно мнозинство и нова Влада, го даде следново соопштение/изјава кое го сметаме за недоследно:

ВМРО-ДПМНЕ ја информира јавноста дека договор за коалицирање со партијата ДУИ не е постигнат.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план.

Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели.

Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17 декември 2016-та година.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб, датум: 29.01.2017]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава/соопштение на ВМРО-ДПМНЕ ја сметаме за недоследна од повеќе причини од кои тука ќе наведеме неколку.

Прво, ВМРО–ДПМНЕ формално доби најголем број гласови од партиите што учествуваа на изборите, но тоа не значи и дека де факто може да се смета за победник, зашто разликата помеѓу првата и вотрата партија, опозиционииот СДСМ, е само 17 илјади гласови или, 1,4 отсто или само два пратенички мандата повеќе, односно 51 наспроти 49 мандати. Ова е важно да се знае и затоа што Уставот на Република Македонија не оперира во ниту една своја точка со термините победник и поразен.

Второ, поврзано со првото, Уставот (член 90)  налага дека мандатот му се доделува на:

кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. 

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници онаа партија или коалиции од партии.

Ова де факто значи оној кој што има 61 пратеник, т.е. апсолутно мнозинство, треба да добие мандат, бидејќи само со такво мнозинство може да се формира влада. За ова јасно зборува став два од овој член 90 на Уставот на РМ, иако професорката од Правниот Факултет од Скопје „Јустинијан Први“ Татјана Каркамишева и професорот од истиот факултет Владо Поповски тврдат поинаку.

Но, наспроти нив, најмалку тројца други професори по Уставно право, професор Светомир Шкариќ, професор Земри Елези, професор Беким Кадриу, како и неколку поранешни уставни судии, сметаат дека: 1) мандатот требаше да биде доделен откако Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов ќе направеше консултации или откако партиите во рок од 10 дена ќе доставеа уверување дека се способни за формирање мнозинство; 2) ако мандаторот не успеал да состави влада треба да го врати, а Иванов треба да го додели на партијата која е втора на листата со број на освоени пратеници, како партија која би имала најмногу шанси да направи мнозинство. Конечно, да не се заборави европското демократско искуство на кое потсети поранешниот преговарач во Пржинскиот процес, белгиецот Питер Ванхојте, кој во својот најнов коментар посветен на случувањата во РМ вели дека Уставот е, сепак, јасен:

Иако Уставот не е детален околу ова прашање, сосема е јасно дека според меѓународните демократски стандарди овој мандат сега треба да биде даден на втората партија во редот…Доколку биде именуван некој од истата партија (ВМРО-ДПМНЕ) ќе биде погубна грешка, спротивно на духот на Уставот, спротивно на демократските стандарди и ќе предизвика само натамошни одложувањавели меѓу другото Питер Ванхојте.

Трето, зошто секое друго решение (освен нови избори), би довело до продлабочување на кризата а не нејзино затворање, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ? Да претпоставиме дека тие во неделата ќе успееја да формираат влада во коалиција со ДУИ, евентуално со уште двајца пратеника од ДПА и еден до тројца од Алијансата на Албанците. Повторно ќе имавме влада со поддршка од 61, 63 до максимум 66 пратеници. Но не успеаја. Зошто другото парламентарно мноизнство, кое теоретски може да достигне до 69, а во пракса исто колку и ова што беше планирано на ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, би било „продлабочување на кризата“? Произлегува дека криза ќе нема само ако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ останата на власт, а секоја друга опција без ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде нова криза….

Четврто, недоследно е кога работите после толку години жестока криза повторно не се именуваат јасно и прецизно од страна на ВМРО-ДПМНЕ, како што тоа стои во претпоследниот став од изјавата: „Очигледно некој“(Кој?), „занемарување на волјата на мнозинството“ (иако е дискутабилно што е тоа мнозинство во ваква ситуација), итн.

И конечно, да се потсетиме на Прогласот на партијата од 17-ти декември 2016, прочитана пред Државната изборна комисија од страна на лидерот Никола Груевски. Тој таму од петте точки најави најмалку две и половина, до три точки кои воопшто не укажуваат на волја за реформи или излез од кризата: 1) Дека го напушта форматот на преговори меѓу политичките партии надвор од парламентот; 2) Дека отпочнува борба со граѓанскиот сектор што го смета за опасен надворешен и внатрешен непријател поврзан со Џорџ Сорос (а, потоа се виде дека за таква ја смета и цела СДСМ  – „пион на Сорос“) и 3) ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да прифаќа нестандардни или хибридни решенија во било кој сектор, доколку истите ги нема во други земји членки на ЕУ (што би се однесувало на секое евентуално ново решенние што е предвидено за реформа на правосудството, а е поврзано и со работата на Специјалното јавно обвинителство, но и за секое друго решение во спроведување на реформите).

Поради горенаведените аргументи сметаме дека соопштението/изјава на ВМРО-ДПМНЕ, по неуспехот за состав на новата влада на РМ, е во најмала рака недоследно.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

  • (29.01.2017)  ВМРО-ДПМНЕ – веб страница – [Пристапено на 30.01.2017]
  • (27.01.2017)  Алсат М, 360 степени– [Пристапено на 30.01.2017]
  • (30.01.2017)  Питер Ван Хојте – Блог – став за најновиот развој на кризата– [Пристапено на 30.01.2017]
  • (17.12.2016)  ВМРО-ДПМНЕ – Проглас, Никола Груевски– [Пристапено на 30.01.2017]

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција